Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Стратегија за бегство

Мачно е за гледање таблото на матурантите од Македонски Брод. Едвај единаесеттмина.

Жителите на Брод може да тераат шега со тоа дека на овие единаесет матуранти им предаваат дваесет и двајца професори, што му доаѓа по двајца професори на секој ученик, сепак реалноста е поразителна. Таблото е тажно.

Градоначалникот на овој град се обидел и со парична помош да ги задржи учениците да не заминуваат во средните училишта во Прилеп или некој друг поголем град, но не успеал во тоа. И за тоа никој не треба да го обвинува, бидејќи виновникот е некој друг. Некој што требало стратегиски и долгорочно да размислува за ова прашање за да не дојде Македонски Брод, а утре и некој друг град во ваква ситуација.

Одвреме на време некој преставник на Владата (која и да е) излегува на прес-конференција лицитирајќи со бројки добиени од Заводот за статистика, со кои ни соопштува колку се намалил бројот на новороденчиња, првачиња, осмооделенци, гимназијалци, колкумина студенти се запишале на студии надвор од Македонија, колку семејства трајно се отселиле од државава…

Имаме податоци за се, но очигледно само за архивирање или за отворање работа на Заводот за статистика, или, пак за уште една прес-конференција на Владата, на која ќе слушнеме за создавање на некаква стратегија, која патем секогаш е во завршна фаза. За волја на вистината имало и стратегии кои сме ги виделе испишани на хартија, па дури и преточени во некакви законски решенија, но никогаш не сме ги виделе имплементирани.

Постојано има некои податоци за нешто, кои укажуваат на некои состојби кои се сериозно загрижувачки, а за кои нема решение.

Досега се нема случено Владата да излезе со стратегија за сопирање на иселувањето. Не сме прочитале некое решение со кое ќе се задржат гимназијалците во нивните градови или младите во земјава. Пред извесно време од лекарската комора излегоа со податоци за тоа колку лекари ја напуштиле земјава за да работат во Германија и секако со нив дупло повеќе медицински сестри. Бројката е зачудувачка.Не е далеку денот кога ќе нема кој да не лечи. На ниет сме да увеземе работници од Бангладеш затоа што нашите работници заминаа во земји каде што е платен нивниот труд, а ни ги оставија оние со “дипломи“ кои чекаат на ред да бидат вработени во државната администрација.

Заминаа затоа што никако не можеа да го дочекаат подобрувањето на условите за работа и процентуалното покачување на платите, кое и онака беше замислено да биде мало или, како што ќе речат од министерството за финансии, не може да биде поголемо затоа што тоа ќе го оптерети буџетот на државата. Истиот оној буџет кој издржа покачување на платите на функционерите за 80 проценти, затоа што замислете тоа законски им следувало!

И после се се уше се прашуваме зошто младите ја напуштаат Македонија и не размислуваат да се вратат. Не би требало. Одговорот е во неодговорните Влади кои за триесет години не успеаја да создадат стратегија со која Македонија ќе ја направат достојна земја за живот. Земја во која трудот и знаењето ќе бидат верифукувани, наспроти башибузлукот кој извира од секоја пора.

Свесни сме дека не можеме сами да ставиме ред или да воспоставиме систем на вредности и затоа бараме помош од европската Унија и САД. Но, за жал случајот со „Бехтел“ и „Енка“ покажа дека каде што има сила правдина нема. И додека јавноста, (онаа свесната јавност што остана) го бара на увид договорот со овие две фирми, лично од амбасадорката на САД слушавнме дека фирмата “Бехтел“ работи транспарентно. Можеби е така.

Можеби таа е навистина добра фирма, но амбасадорката намерно или не намерно изостави да каже зошто Владата не работи транспарентно, бидејќи ние обичните граѓани очекуваме одговори.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *