Сутерен.мк

Мерцедес ќе произведува со струја од ветер

Во кругот на центарот за тестирање возила на Мерцедес во Папенбург ќе се постават 20 ветерници, од кои што во иднина ќе се покрива петина од вкупната потрошувачка на струја на целата групација Мерцедес-Бенц АГ

Нов парк од ветерни електрани со моќност од преку 120 мегавати, од 2026 година ќе покрива 20 проценти од годишната потреба од струја на Мерцедес-Бенц Груп АГ во Германија.

Во поставувањето и управувањето со дваесетината ветерни електрани од страна на специјализираната компанија УКА, којашто го доби тендерот, Мерцедес ќе вложи сума од преку 100 милиони евра. Во моментов се обезбедува документацијата, планот е изградбата да започне в година.

Мерцедес-Бенц уште лани најави дека во својот комплекс за тестирање возила во Папенбург, на северот на Германија, ќе постави ветерен парк. Плановите веќе почнуваат да се остваруваат.

Со германската компанија за енергетика УКА потпишан е повеќегодишен договор во вредност од преку сто милиони евра.

До средината на деценијата, во рамките на т.н. договор за откуп на струја, во прочуениот комплекс во Папенбург ќе се постават дваесетина ветерни електрани со вкупна моќност од преку 120 мегавати. Со нив ќе се покриваат околу 20 проценти од годишната потреба од енергија на Мерцедес-Бенц Груп АГ во Германија.

Се размислува и за поставување фотоволтаици. „До 2039 година, целта ни е енегетската потреба на наша севкупна глобална мрежа од фабрики целосно да ја покриваме од обновлива енергија, и со тоа без емисија на СО2“, порачува Јерг Бурцер, член на управниот одбор на Мерцедес-Бенц Груп АГ, со надлежност за производство и управување со ланецот добавувачи.

Комплексот за тестирање Папенбург располага со површина од 800 хектари (за споредба, Градски Парк во Скопје покрива површина од 48,6 хектари) и од 1998 година е главен центар за истражување и развој на нови технологии и модели.

Од почетокот на 2022 година, сите фабрики што се во целосна сопственост на Мерцедес-Бенц се целосно неутрални во поглед на СО2. Тоа се постигнува и со договори за компензирање, но и со директни зафати. Денес 45 проценти од струјата што се троши во производство се обезбедува од обновливи извори. До 2030 година, уделот ќе се зголеми на 70 проценти. Во меѓувреме, до 2025 година, Мерцедес-Бенц во своите објекти ќе постави фотоволтаички централи со вкупна моќност од 140 мегават пик. Тоа соодветстува со површина од еден милион квадратни метри под соларни панели.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *