Механичар ги препорача најдобрите половни автомобили до 3.000 евра

Порано, за совет при купување половен автомобил одевме кај механичар во сервис или се јавувавме кај некој што познава некого кој се разбира во автомобили. Денес, сè почесто совети бараме на TikTok и на другите социјални мрежи.

Бројни механичари станаа вистински автомобилски инфлуенсери, а еден од нив е и Шпанецот Хуан Хосе Ебенезер (Juan José Ebenezer), кој на TikTok има повеќе од 370.000 следбеници, пренесува Jutarnji list.

Во едно од своите видеа тој одговорил на многу конкретно прашање: кој автомобил би го купил за помалку од 3.000 евра? И не комплицирал многу. Веруваме дека со неговиот избор би се согласиле и многу домашни механичари.

Неговиот прв избор била Dacia Sandero со 1,5-литарски дизел мотор, за кој вели дека „оди како подмачкан“, а ја пофалил и бензинската верзија.

Како алтернатива ја наведува Toyota Yaris, особено моделите произведени приближно од 2006 до 2009 година, истакнувајќи ја нивната издржливост и сигурност.

На неговата листа се најдоа и Peugeot 206, 207 и 307, при што особено ги издвојува дизел-моторите 1.6 и 2.0 HDi, но и бензинските верзии. Во оваа категорија, секако, може да се вбројат и модели од други марки кои ги користат овие дизел-мотори, а чија цена е до 3.000 евра.

Секако, кај автомобил кој денес чини помалку од 3.000 евра, општата состојба на конкретниот примерок често е поважна од самиот модел.

Сепак, ако барате евтин автомобил за почетник, интересно е да се слушне што би избрал механичар со долгогодишно искуство во работа со автомобили.

На крајот, кај постарите автомобили сигурноста веќе е докажана низ годините, но важно е и колку се достапни и поволни резервните делови, колку механичари го познаваат конкретниот модел и колку ќе чини самиот сервис.

Токму затоа, поедноставните и пораспространети модели често можат да бидат многу подобар избор од навидум поатрактивен, но покомплициран половен автомобил – се разбира, со добра препорака од некој кој навистина се разбира во автомобили.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *