Сутерен.мк

Неверен лажго

Во врска сум со оженет маж, кој ме изневери со една пачавра, грда мивка. Сексот ни е одличен, ми посветува внимание. Годините ми отидоа со него. Не можам да му простам!
Водолија, 33

Водолија дарлинг, сексот, многумина ќе речат, веќе е преценета и надмината работа, но и понатаму останува најинтимна. Како таква и една од најранливите територии од нашиот живот. Токму затоа кога на ова поле ќе се изврши предавството малкумина имаат сила за простување и речиси никој, за заборавање.

Во вашиов случај тоа и не е најважното прашање. Побитно е она што вие очекувавте од човек кој со години си ја изневерува сопствената жена без да положи било каква „сметка“ за тоа. Мислевте дека само со вас тоа му се случило и со никоја друга?! Смешки.

Со години е во швалерска врска со вас и не ве оженил до сега – значи, не сте вределе доволно колку неговата сопруга за да ве замени со неа. Не сте вределе ни колку обична швалерка, па побарал уште една. Ве рангирал уште подолу – зашто ве изневерил со „мивка“ која изгледа полошо од вас. Кој е тука мивка?

Во случајов има две пачаври: едната сте вие, што сте дозволиле да ви помине животот на незаверен реверс, а другата е вашиот „дечко“ кој не нашол ни толку човечност во себе колку да ве ослободи од себе и да ве „пушти“ да си го одживеете животот како што ви прилега.

Големите љубови бараат големи жртви. Без жалење за потрошеното време. Овде не гледам никакво витештво освен една банална приказна за бедотија чија слепа восхитеност се продава многу ефтино.

Не сте престарени. Свртете му го грбот и започнете нов живот. Ќе се снајдете, ви гарантирам. Многу подостоинствено. Што ќе ви е тој на 70 години? Само ќе ви тежи….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *