Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Не сакате развод, има решение

Мојот скапоцен сопруг по две децении дружба, веќе не го препознавам: наеднаш го откри огледалото, почна да се расфрла со пари (кои нормално, ги нема), стана депресивен и солзи лее по младоста!? Мислев дека полудел се додека, не повикав пријател…

Сонувам дека спијам и дека среде сон некој ме „буцка“ со прст по рамото и ми зборува: „ајде, стани веќе, не знам кај ми се зелените спортски чорапи“. Чудна работа е мозокот, молскавично пребарува по меморијата и ми испорачува кристално убедлива информација дека никој, ама баш никој, во нашево семејство нема зелени спортски чорапи. Се вртам на другата страна на креветот со смирена совест, кога буцкалото повторно ме п(р)отресува со прстот.

Отворам очи и што ќе видам: скапоцениот ми сопруг стои до креветот во два броја помала маичка без ракави во боја на незрела гасеница, куси панталони со некои бебешки цветчиња, а во рацете држи ролерки!? И, ме „буцка“. Дури и лут е што спијам!? „Остави ме на мира“, мрморам незадоволно и се вртам на другата страна. Буцкањето престанува и јас се предавам на успокојувачкото блаженство дека тоа е само кошмар.

Ама, не презаспивам. Погледнувам низ прозорецот – темница. „Кошмар е.“ Не, не можам да заспијам… Погледнувам на Ајфонот (да, мојот сопруг не штеди на ништо што може да ме замолчи. А имам и Самунг, нешо…). Вели, 7 часот и 5 минути. „Кошмар е.“ Наслушнувам… Тишина насекаде. Темница.

И, наеднаш, се отвора фамозната метална лизгачка врата на работилницата, на уште пофамозниот дрводелец комшија во најфамозната и ултраелитна скопска населба, па веднаш по него мојата прва комшика, која да може и ќе го бања двапати на ден тишлерот, го прашува дали да вари кафе, по што како тајфун низ улицата поминува најбогатиот шофер на сите времиња на најпотентниот градоначалник на векот (бивши), со хондата, последната од возниот парк што се уште му остана незапалена и тоа пред прагот му на замокот и јас знам – утро е и, дека сето тоа со зелената гасеница беше, кошмар.

Ама, веднаш потоа ми прелетува ужасниот податок дека сево ова (комшиката, хондата, столарот…) се случува на двапати во денот, наутро и навечер и, се пеплосувам. Ова е всушност, приквечер.

Изненадувачка преобразба

Уморна од мојата газдарица, која по којзнае кој пат ми држеше предавање дека како бумер (или генерација икс, кога беше расположена) немам поим што се случува и на кај оди светот (на англиски, нормално) и како, ама ич, не му припаѓам, сум задремала.

И, за време на таа моја фатална сиеста нешто се случи. А дека не беше кошмар, ми потврдија ролерките број 44 пред врата. Дека не беше кошмар ми потврди фенси термосот во фрижидер, мешавината на чај за намалување на маснотии, нови тренерки префрлени врз излитената фотелја и… излегувањето на мојот „скапоцен сопруг“ од купатилото каде што, верувале или не, поминал цел час. Измазнет, напарфимиран, затегнат во нешто стреч. Всушност, целиот како да беше облечен и навлечен (и низ нос) на латекс.

„И?“, вели, „Каде ми се зелените спортски чорапи?“

Мојата приземна природа веднаш ми сигнализира дека мислите ми се во сосема луда композиција и пред да ги доведам на раб на егзистенција моите неврони, морам да повикам пријател. Па, се премислив. По една недела, сфаќајќи дека глупостите на главата на семејството само се зголемуваат сепак, се јавив.

„Ма, драга, ти се чудам на ваквите забелешки. Па барем ти си светска жена!? Па тоа е се така нормално“, ми одговара во телефонот мојата стара пријателка – лајфкоуч иако, немам поим од кај и е ова „светска“, кога јас од Танушевци до Долно Дупени, не сум мрднала подалеку. А можев…. Ех.
„Абе, не ми дрндај ти за нормалности“, одговарам бесно јас, „Кажи ми дали полудел или се дрогира?“ Таа, целата театрална, како што ги дал Бог сите со измислени професии, само поставува прашања:„ Дали изјавува дека животот му е здодевен? Дали се расфрла со пари? Има ли повеќе креми од тебе? Депресивен е? Жали за младоста? Те обвинува дека заглавил со тебе? Сака ли да се тетовира? Оди во теретана? Купил ли мотор? Ја бојадиса ли косата? Планира ли фејс лифтинг?…“

На се одговорив со да, а таа мртва ладна заклучува дека сето тоа е нормално и дека мојот скапоцен сопруг има криза на средни години и дека јас треба тука да му се најдам, да го разберам, поддржам, прифатам… Заради неговите изгубени соништа, нереализирани амбиции, неискажани љубови…

Фрустрирачко освестување

Ма немој!? Според нејзините параметри, јас сум во криза на средни години откако знам за себе. И, кој се грижеше за моите „кризи на било какви години“!? Кој бре, нема фрустрации, разочарувања, неисполнетост,самоубедување дека заслужил подобро, желба за слобода, за отфрлање на конвенциите, угнетувањето од буквално, идиоти!? Таквата состојба не е од криза на некакви години туку од тоа што наеднаш ќе сфатиш дека животот не е фер, што би требало да ти текне некаде после 25 – тата.

„Ти“, вели, мојата пријателка, „ако вака размислуваш, тој набрзо ќе те напушти за некоја што е 20 години помлада од тебе. Зашто ќе мисли дека ’таа’ е спасот, а знаеме и двете со што/кога мислат мажите.“

Епа, баш да видам. Џорџ Клуни во македонска варијанта да е, па не проаѓа, а не средовечен просечен административец кој едвај ги плаќа државните давачки. „Мори, не се глупирај. Маса низ градов чекаат да бидат здомени, а твојот има кола, сигурна работа, стан, наследен пред бракот. Има уште два, ама ај, не е тоа за јавност…“ Хм. Кога ќе се споменат пари, жените стануваат наеднаш претприемчиви за сечие мислење. Всушност, наеднаш ми стана јасно дека тој, секоја глупост може да ја оправда со „кризата на средни години“ т.е. со моето неразбирање на неговата освестена машкост. Ми е гајле за неговите инхибиции, туку страшно важно ми е да не ни се случи некој кредит за мерцедес – купе, гарсониера некаде покрај вода, егзотично патување, силикони, стипендија…

Да скратам, живеев јас така, со таа „криза на средни години“, ама кратко: поминавме и празници и реновирање и распуст и регистрација на кола и два погреба… Се додека еден ден на традиционалната саботна дружба татко – ќерка, нашата тинејџерка не му се обрати со зборовите: „Пресоблечи се или не одам со тебе веќе никаде.“
Така, заврши „кризата на не знам кои години“: А јас се уште си го грицкам климактериумот. И никој ништо не ме прашува. Ниту пак, имам кому да се пожалам…

One thought on “Бранка Д. Најдовска: Не сакате развод, има решение

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *