Сутерен.мк

Никола Ристановски: Не сакам да зборувам

Десет работи што можеби, не сте ги знаеле за актерот Никола Ристановски!

  • Никола многу сака зима. Зошто? Затоа што има – Ху. Кога в зима ќе направи „ху“, си го гледа здивот. А кога ќе си го види здивот, добива уште еден доказ дека е жив.
  • Го вади од такт експрес – лонец (и го плаши по малку). Го нервираат кафеави телефони онаа, светло – сина болничка боја, додека човечки особини (или слабости) не му пречат. Сите си ги има.
  • Го радуваат луѓе со позитивна енергија, луѓе што знаат да се радуваат. Се весели кога ќе слушне нешто ново, кога ќе излезе од „колосек“, кога нема мешаница во бифето на МНТ, кога си ја работи работата како што треба. Сака да е во друштво со неоптоварени луѓе, кои знаат да се забавуваат. Го радува црната боја (поточно, ја сака), кога ќе отспие осум часа, кога оди на Водно, кога ќе открие некоја стара книга… Сака многу да јаде, не е „џимрија“, само да е добро зготвено. Многу сака и… двогледи.

  • Никола не сака да зборува, бидејќи премногу се зборува. Понекогаш има што да каже, односно доживува „провиденија“, па ќе прозбори, па повторно ќе си замолчи. Доволно му е тоа што на сцена ќе каже туѓ текст на свој начин. Сака да слуша кога другите имаат што да кажат. Добар слушател е, освен кога не е…
  • Од музика слуша се и сешто. Сепак, нјмногу ги сака руските стари песни, „Ролинг стоунси“, Стинг, Прокофјев, Брајан Фери… Не сака да слуша ништо што е фашизам во музиката. Всушност, сигурен е дека оние работи што не ги слуша, дека не ги слуша. Чита раскази од Хашек и дневен печат – од некоја луда навика.
  • Најчесто сонува – паѓање. Никогаш не сонува во боја и многу се живцира поради тоа. Поточно, често во сонот мава по некој предмет, мислејќи дека е телевизор и дека ќе му даде боја.

  • На зборот детство, прво што му паѓа на ум е – трамвај, тротинет, светилки, елка, Божик. Кога бил мал сакал да биде Јуриј Гагарин. Многу утопистичка желба, бидејќи Јуриј веќе се случил.
  • Од сите градови на Земјината топка, сака да живее токму во Скопје. Со сите негови мани, апсурди, стравови… Сака да го пропатува светот, да го види Ленинград и сите други места и местенца, а да се врати дома. Кога би бирал во кој век да живее, би го одбрал Средниот. Затоа што мисли дека тоа е век на фер игри, игри со правила. Затоа што тогаш за последен пат се појавиле јунаци.

  • Кога би можел да си се „смести“ во некој филм, тоа би биле „Е.Т.“, „Беше еднаш во Америка“, „Дваесетти век“… Од актерите омилени му се Доналд Сатерленд, Макс Фон Сидов, Мерил Стрип, Лив Улман… последниве, бидејќи тие се најблиски до неговиот тип на жена. А негов тип на жена е онаа која носи цел сончев систем со себе. Жена – планета сама за себе.
  • Никола Ристановски планира да почне да одгледува кактуси. Затоа што тие му се многу смирувачки, совршени, мудри растенија. И… толку.

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1995 година

All-focus

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *