Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Кој краде зло не мисли!

Крадец е именка од машки род која се употребува за личности кои не се задоволни од постоечкиот распоред на материјалните добра. Според тоа како стојат работите во нашата мила татковина, изгледа дека на материјалните добра допрва им претстојат тешки и мрачни времиња. Ако порано се крадело ретко ама поштено, сега се граба, често и без усул! Токму поради оваа клучна карактеристика нашето општествено уредување уште се нарекува и демокрадија.


Разликуваме повеќе видови апашлук:

Лоповлук – Обично се мисли на лесно, до средно тешко поткраднување. Сто ќебапчиња, нива со зелки, бензин од фичо, новчаник со 70 денари и сите лични документи, канта за ѓубре, тукушто насадени љубичици на булевар, капак за шахта, шини од железничка пруга, бандажи, сијалица од меѓуспрат, брисачи за шофершајбна, чаша за ракија од кафана, дрвени штици од клупа, букет хортензии од гробно место, бакарни кабли, пари и икони од црква… Поради дрскоста на чинот, овие бандити без исклучок се казнуваат со затвор во времетраење од повеќе лета и тоа без право на зуц и муц.

Грабеж, односно пљачка – Методите при овој вид на крадење секогаш вклучуваат и насилство. Освен што во неколку наврати настрадаа поштите, кај нас ваквиот вид на богатење не се прослави. Исклучок се некои повремени обиди за давење на баби, кои ничим изазвани се дотеруваат со златни ланчиња пред да одат на пазар.

Корупција и мито – еден од најраспространетите и најинвентивните начини на ограбување на Балканскиот полуостров, познат под латинското име Platikus Padobivus. Корупцијата е начин на кој беспрекорно функционира целата пирамида на власта. Бидејќи тешко се докажува, овој “алаш-вериш, купи-продај, на ти – дај ми” проект, секогаш е репер за горната граница до која државата има разбирање. Митаџиите овде такаречи и не се сметаат за арамии, па затоа не само што не завршуваат во зандана, туку (секој според способностите, секому според потребите) се преместуваат на повисоки и поодговорни државни функции.

Легачење – Може ќе ви изгледа безвезе, ама легачењето, односно ништонеработењето е крадење со голем интензитет и габарит. Има два вида државни паразити: видливи со голо око и такви што не може да се видат ни под микроскоп. И за првите и за вторите прекувремено одработува партијата. И двата генотипа запослени неработници се заштитени со закон и безбедни ко швајцарски сефови. Калимеро? Не е тука, азилант е у Германија.

Лихварство – Се вика уште и зеленаштво, а нагалено и банкарство. И лихварите и банкарите се професионални касапи, обучени математички прецизно да ја одеруваат кожичката на безнадежното граѓанство. Ама на рати.

Преварантство – Кај нас појавата е позната и како итарпејовство. Како на пример: во време на пандемија зимаш пари од буџет за да исплатиш минималец, а на работниците им даваш максималец! После, зимаш мотика и одиш во подрум да копаш тартуфи, за да ги ставиш во манџата што ќе ја зготвиш за Бајрам, додека Елвис песна пее. После, купуваш земјоделско земјиште за да произведуваш струја, па сфаќаш дека струја без корен не никне и продолжуваш да си работиш како бодигард. После, купуваш сертификат за невакцинираност и капираш дека на блекфрајдеј и на ќебапчиња ќе те пуштат и со оној на баба ти.

Мафијаштво – Мафијата е организирана криминална банда која според дејноста на работа се дели на: фармацевстка, полициска, економска, земјоделска, спортска, градежна, архитектонска, нарко, синдикатска, културна, адвокатска, судско-обвинителска, еснафска, банкарска, туристичка, шверцерска, новинарска, здравствена, црковна, друмска, урбана…. Капо ди тути капи или Донкорлеоновска е политичката мафија. Членовите на оваа бизнис заедница толку сериозно си ги сфаќаат своите задолженија, што се способни дури и да се убиваат од работа. Затоа дружината само од рекет заработува боље и од Новак Ѓоковиќ. А кај им се тука проневера, злоупотреба на овластувања, уцена, изнуда, илегална трговија, подарување на нешто што не можеш да одбиеш, пресечена коњска глава у спална…и така натака.

Ако баш инсистирате на генезата на крадењето како една вообичаена и пожелна општествена појава на ова поднебје, ќе мора да се земе во предвид желбата за напредок и ајкјуто на тукашното население. Имено, никој морално не ги осудува крадачите, туку им завидува што не може да е на нивно место.

Ако до толку сте запнале да дознаете и од кај доаѓа поривот „со десна да се крстиш, со лева да ставаш у џеб“, психијатриве кажуваат дека тоа да ти било пореметување на контролата на природните нагони. Плус, тврдат дека после кражбата, лоповите чувствуваат големо олеснување и задоволство.

Ви викам ја крадењето од рајот е излезено. Ај сега на пасење и обавезно погледнете нагоре да не летаат авиони што фрлаат пари, наместо вируси.

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *