Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Фабрика за фелери

Некогаш не толку одамна, пред триесетина години во една земја блиску до папокот на светот, си живееле група племенски водачи, кои решиле да изградат своја, нова, модерна, просперитетна фабрика, која се простирала на точно 25.713 квадратни километри.

Тоа бил вековниот сон на нивните блиски и далечни предци, а производствената установа без проблем требала да обезбеди живот за околу два милиони нејзини жители. Така и биднало.

За нејзин прв претседател бил избран стар, искусен лисец, кој влечел конци некое време, иако и тогаш во скапоцената фабрика се појавувале дефекти. Од година во година, производните капацитети се проширувале, а со тоа и буџетот растел. Следствено на ова и раководствата станувале побројни, а управните и надзорните одбори проширени и надградени.

Во оваа фабрика не можел баш да работи секој. Предност имале пушачите со и без работно искуство, се провлекувал по некој лепач на тапети, а за предност се сметале и разните кумовски, роднински и швалерски релации. Како поминувало времето, се менувале и управителите, па така дошол и еден што ги газел жабите со шлепер. Пред да си отиде у пензија останал запаметен по изреката дека работниците се во право, дури и кога грешат! За чудо, погодил.

Крајниот резултат од производството се повеќе и повеќе станувал фелеричен. Бофл-робата била толку честа, што фабриката од обична, почнала да заличува на вистинска, чистокрвна фабрика за фелери! Грешките биле речиси генијални, добро обмислени, патентирани, скапи, оргинални – врвни брендови.

Дошло време на чело на фабриката да застане и еден млад и надежен економист, на кој му текнало дека аномалиите во производствениот процес ќе ги поправи со потполно нови, бели, мермерни фасади и многу, многу уметност од Али Експрес. Кога машините почнале да пливаат у канализација, а телефонските жици да експлодираат како бомби, управителот се самоказнил со тоа што до крајот на животот морал да се вози у гепек.

Неговиот наследник пак имал друга идеја-да го промени името на фабриката и дефектите да ги снема. Тоа и се случило, арно ама расипаната роба не престанувала да се лизга по фабричките ленти. И овој управител бил сиктеросан и вратен на работа во погонот за пласеници каде нижел канабис, слично како Ленка тутунот.

Генерален на фабриката сега уопште не е јасно кој е, иако има еден што малку збори, повеќе замуцкува, па сите мислат дека мора да е он. Кој и да е, робата со грешка продолжува секојдневно да се произведува и да се пласира на пазарот, како конзументите не би останале гладни и жедни.

За да Ви стане појасно за какви производи станува збор, ќе наведам неколку примери.
Во Фабриката за фелери погонот за патишта отсекогаш се викал – „Дупки до дупки за транспорт и врски„.
Пред одделот за здравство стои плаката со натпис – „Тече гној, тече крв, кој ќе умре, не е прв!“
Интересен е и овој секторот за образование на кој заштитен знак му се стиховите:
„Исток/запад, шо е битно,
важно е да капне ситно,
науката муви лапа,
пошто никој не го папа.“

Многу интересен во Фабриката за неисправна стока е и департментот за право и кривини. Таму важела на Јустиција девизата – „валутата не е битна, се додека се плаќа“. Баш затоа ценетиот и високопочитуваниот правосуден систем бил буквално пренатупан со нарачки.
Во погонот за униформирани лица фелерите со децении се константа, оти работниците наместо со куршуми, пукаат со ќорци. Затоа сите работници напамет ја пеат оваа песничка:
„Не сум многу глуп,
ако најдам труп,
ко јагне ќе си блеам,
у Стојко ќе си глеам.
Пасошите се подарок,
за да јадам подварок,
нема криминалци,
само јаки фаци.“

На крајот поука: немојте да ја мразите, пцуете и колнете Фабриката за фелери. Немојте да посакувате да ја дигнете у ваздух, да ја срушите до темел, да ја срамните со земја. Ваква-таква таа е се што имаме.

(Авторката е новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *