Сутерен.мк

Огромен аквариум пукна во Берлин

Огромен аквариум во центарот на Берлин со 1500 егзотични риби пукна рано утринава предизвикувајќи голема штета во зградата во која се сместени хотел, кафулиња и продавници. Стакло и други предмети излетаа од зградата заедно со еден милион литри вода од аквариумот Аквадом, висок 25 метри, нешто пред 6 часот утрово.

Полицијата наведе дека делови од зградата се оштетени од водата. Берлинската противпожарна служба наведе дека двајца луѓе се полесно повредени.

Градоначалничката Франциска Гифај рече дека тоа било „вистински цунами“ и дека ќе имало повеќе повредени ако аквариумот пукнал во прометен дел од денот. Таа рече дека за жал 1500 риби не биле спасени.

Се шпекулира дека хаваријата била предизвикана од температурите под нулата, но полицијата сè уште го истражува тоа. Полицијата наведе дека нема докази дека пукањето на аквариумот било „последица на напад“.

Управата наведува дека тоа бил најголемиот цилиндричен аквариум во светот со 80 видови риби. Аквариумот последен пат бил модернизиран во 2020 година и беше голема туристичка атракција во Берлин.

Полицијата сооопшти дека 300 гости и вработени морале да го напуштат хотелот и продавниците и дека се оштетени продавница за чоколади, неколку ресторани и подземната гаража.

Портпаролот на противпожарната служба рече дека стручњаците ги проценуваат размерите на штетата на градежната структура на хотелот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *