Сутерен.мк

Отец Пимен: Ајде да се земиме

Не, ни случајно не беше тоа двојка „најдена“ со стројници. Доволно беа убави за да си се допаднат, а и доволно храбри за да си признаат еден на друг дека си се бендисуваат. А кој е моментот од кога почна нивната љубов не верувам дека некој може да каже. Веројатно ни самите не знаеја. Не беа први комшии, ама малски другари беа. Се гледаа да не речам секој ден од кога стапнале на градската калдрма. Затоа само врагот може да знае кој бил пресудниот момент.

Томе беше од Тозиовци, високо крупно дете. Мераклија и да се дотера, ама уште повеќе за муабетење, а најмногу за јадење. Спремен беше и пешки да тргне до Битола за еден локум. И можеби поради тој мерак по благото, благ беше и на уста да кандиса некого за друштво да му прави во таа будалаштина.
Откако првпат неговите го однесоа Битола и откако го проба тој пусти локум на Широк Сокак секој ден го сонуваше. На сите се фалеше и едвај чекаше пак да го проба.

Тој ден мислиш ќе „пометнеше“, ако не к’снеше локум. А не беше веќе дете, туку 15-16 годишно момче. До што сретна другар низ маалата го убедуваше да тркнат до Битола. Е арно, ама не најде таков јунак. Никој не му се нафати. Спремен беше и сам да тргне кога од некаде му се појави Васето на Тановци пред очи. Едно лично, црно, слабичко. Една година помало од Томета. И се фатија со муабет. И од муабет, до муабет Томе со цел ум ја праша за друштво за на локум. Првин го загледа прашално дали тоа сериозно и го кажува, бидејќи беше спремна да го прифати предизвикот. Потоа призна дека би, ама далеку некако за пешки, да не ги изедат волците по пат на враќање ако ги стемни, а потоа и дека нема пари за локум.

И кога е меракот поголем од умот, брзо се наоѓа решение. Томе стави прст на слепоочницата, подзамижа и почна да крои планови. Победнички дигна веѓа како да открил некој изум што ќе го прослави, па ја замоли Васе да се подготви и да го почека едно пола саат на раскрсницата кај Татарчевци.

Се шмугна в куќа, го мрдна металниот кревет на баба му и од под штичето на подот кое беше домашен трезор, извлече една крупна пара. Ја пикна длабоко во џепот, па се стрча зад куќа. Го впрегна магарето, стави еден кош јаболка на приколката. Се убаво смисли. Кој и да го види, ќе каже дека дедо му му рекол да му ги однесе јаболката. Таков, стигна на раскрсницата. Васе не се спремаше ништо посебно, само чевлињата од последниот Велигден ги облече.

Си го исправија патот. Некои од другарите ги видоа и зачудено ги прашаа кај тргнале. Не криеја. Се испофалија за екскурзијата до Битола. Тие се понудија да ги придружуваат, но беа културно одбиени поради тоа што го одбиле Томета утрото.

После 3-4 саати пат замириса чаршијата со сите свои слатко, кисело, солени мириси. Разврте Томе очи за да види кај ќе го остави магарето. Еден од пазарџиите го праша што носи во кошот.

-Јаболка ресенски, да не си за купвење на големо? – веднаш се снајде Томе.

И се погоидија и ги даде јаболката, ги стави парите в џеб, го замоли трговецот да му го причува магарето додека да оди да јаде.

Со Васе лесно се договорија дека на толкав пат не се оди само за локум, а и дека им тргна денот со трговијата и дека имаат пари за ќебапи, за локум и за бира.

-Кенлер ај, добар ден и дај ни се шо имаш за јадење – се огласи гладниот и лаком Томче уште не седнат.

-Ај, добар да е денот синко, ќе пукните од јадење се, ако ти извадам. Туку фатете маса, а јас да ви донесам по една десетка со кромид и буковец, тавче гравче сигурно и дома имате па не ти носам. После по една баклава и по еден локум да ви бапнам. За бира, ко мали да ми сте некако.

-А бре како мали, пред три месеци са задовме -уверливо прозвуче Томче- дај и две бири.

Васе едвај се воздржа да не прсне во смеа. Се изнајадоа, се поднасмеаја од пивото што ги фате и рака – подрака се вратија кон паркираното магаре, го зедоа празниот кош и го исправија патот кон дома. Пред да се стемни се прибраа. Дома не признаваа, но сепак, домашните беа разбрале од другарите барајќи информации каде се цел ден, бидејќи беа се загрижиле за нив.

Кавгите низ дома траеја со денови, со недели. Томе помина полесно. Неговата вина беше поголема, ама сепак беше машко. А кутрата Васе, цел месец не ја пуштија од дома да излезе. Кога излезе за првпат се сретнаа со Томе. Го погледна усрамено:

-Душа ми извадија дома. Тој локумот низ нос ми го извадија. Шо не ми изнарекоја, шо не ма изувредија… Не ќе сум можела сега да са омажам.

Солзите не можеше да ги задржи. Не ги ни бришеше. Чиста и беше и намерата и душата. Можеби малку непромислена. Ама не се каеше. Од инает дека беше права солзите навираа. Томе ја гледаше право во очи. Од секогаш ја сакал таква каква што е, со се храбрите одлуки. Ја фати за рака:

-Памтиш кога бевме Битола? Кога јадевме шеќер локум? Кога пиевме бира?

-Е веќе, ко пред сто години да беше, како да не памтам? – одговори Васе прашално.

-А се каеш?

-Не, никако.

-Ни јас. А ми са лутиш?

-Да ти са лутам? Ами не ми ја опра мајка ми да са лутам.

-А ма сакаш?

-А бре ти поголемо магаре си бил од то шо на однесе Битола. Како опитвиш вакви работи? Јас колку шо знам првин ти требит да кажиш ко маж, а не да опитвиш -одговори во цела своја збунетост. -А зошто опитвиш?

-Јас од секојпат та сакам, ама сега ко тро поинаку. Сакаш да са земиме? И ќе избегаме двајцава некаде. Дома са разбра, на занејкија.

-Сакам за сакање, ама која уда ќе фатиме без пари? Ние одвај пари за локумот најдовме. Плус не ќа на остават од дома. И ко мали да сме некако. Кај ќе живеме? – не престануваше со прашањата и одговорите Васе.

-Ако пари немаме, барем љубов си имаме. Пари ќе спечалиме. Млади сме. И куќа ќе напраеме. Само Господ здравје да дават. И пак ќе ојме Битола и децата ќе ги носиме.

-Шо знам. Ќе на остат нашиве да са мачиме за инет. Налет да му са парите. Не са за жалење Тозиевци со олка куќа в центар. Ни Тановци не са, ама…

Томе не можеше да се воздржи веќе. Ја гушна колку што го држеше сила и памет.

-Значи договорено. Почвам јас да берам пари за прстен и за куќа. Само да ми текнит како. Другото гледање земи нешто со тебе за облеквење и да бегаме. Каде, ќе ни текнит до тогаш. Ајде пиле. Оди дома и без страв.

-Чим велиш… – одговори Васе, конечно ги избриша солзите, го гушна и се заврте одалечувајќи се по патот кон дома.

И секако дека и оваа приказна како и сите други љубовни и весели прикаски ќе завршеше среќно и со многу дечиња, ако сведок на оваа љубовна прегратка не беше татко и кој од преку улица ги виде и чу.

Контролата се појача во нејзиниот дом. Неколку месеци воопшто не го пречекори прагот. А кога после неколку месеци го премина, го премина со чалгии и во бела облека и со се руба по неа. Ја омажија негде охридско. Ретко се враќаше Ресен.

Томе жале, прежале. На сегде се објаснуваше дека локумот и бирата, само локум и бира биле, а прегратката кога се виделе дека е во моментот кога ја побарал за жена, ама кој му веруваше на детиште за таква сериозна намера.

За некоја година се ожени. Од друг сој зеде жена. Во Тановци не беше пожелен. Освен пород од браковите на Томе и на Васе не останаа спомени. Немаше во нив нит локум, нит бира ладна битолска да се споменува. Секој башка страна, секој башка приказна фати. Меракот нивни и споменот на нивната дружба со слатки благи уште се опејува, а потомците нивни и денес на мајтап се расправаат од една на друга кафанска маса кој беше крив што не се зедоа.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

п.с.

Народната песна
Ајде да се земиме

Ајде да се земиме Васе, Васе.
Ако пари немаме Васе, Васе
барем љубов имаме.
Пари ќе спечалиме Васе, Васе
куќа ќе направиме.
Васето на Тановци
аман, аман
Томе на Тозиовци.
Кога бевме Битола Васе, Васе
шеќер локум јадевме.
Шеќер локум јадевме Васе Васе
ладна бира пиевме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *