Сутерен.мк

„Охридско лето“ не дозволи Џон Малкович да одговори на прашање

Прес-конференцијата на светски познатиот актер се одржа во Охрид. Кога новинар на „Гласот на Америка“ (ВОА) поставил прашање до каде е т.н. „филмски град“ кој Малкович лани го најавуваше за во Скопје, лице од ПР-службата на фестивалот со недискретен тон и настап објаснило дека договорот бил да не се поставуваат прашања надвор од темата, а тоа е настапот на Џон Малкович на „Охридско лето“. На прес-конференцијата беше присутна и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која не изреагирала на „забраната“. Според присутните, Џон Малкович оставил впечаток дека е подготвен да каже нешто за прашањето

Пред безмалку точно една година, во земјава стигна една од оние вести кои се чинат премногу добри за човек да поверува во нив. Џон Малкович, да, тој Џон Малкович, сака да гради филмски студија во Скопје. Покрај него, во инвестицијата влегуваат и барем еден помалку познат холивудски актер и локални бизнисмени од земјава и од Балканот.

А кој не веруваше дека големиот актер навистина кажал такво нешто, можеше сам да се увери од видеозаписот во кој зборува токму Малкович.
Целата работа доби на уверливост кога зад најавата за инвестиција застана уште еден познат холивудски актер, Мет Дилон. Двајцата актери дадоа таков „ветер во грб“ на проектот, што набргу се постави прашањето – зошто тогаш чека државата?
По тој првичен импулс, „360 степени“ се обиде да стапи во контакт и со Малкович и со другите лица инволвирани во инвестицијата. Најмногу што успеавме да добиеме од холивудските ѕвезди беше Доналд Ворен Мофет.

Од „локалците“, бизнис-партнер во земјата требаше да биде Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија. Тогаш не добивме негов став бидејќи беше надвор од земајва. Па, ставовите на групата ги даде наизглед главниот протагонист во проектот, српскиот бизнисмен Иван Видаковиќ. Контактите, кажа тој, биле од времето на премиерот Зоран Заев и дека планираат да инвестираат меѓу 200 и 250 милиони евра.
„Како ја направивме оваа платформа, ние направивме, практично, уникатен проект во координација со Владата со поддршка од поранешниот премиер Зоран Заев, но ова оди и претходно во минатото кога го инициравме првиот чекор. Во тоа време ова беше добар проект, но не мегапроект како што е сега“, кажа во септември 2022 година бизнисменот Иван Видаковиќ.

Уште тогаш стана јасно дека групата не сака да инвестира само во филмски град, туку во нешто што тие го нарекуваа технолошки парк. Всушност, филмските студија испаднаа второстепени, а во прв план беше „технолошкиот парк“ за кој инвеститорите бараа да стане стратешка инвестиција и со тоа да се стекне со бројни поволности.

Кога ни го пратија проектот, стана јасно дека целта е технолошкиот парк да се гради веднаш до касарната „Илинден“, покрај Качанички пат, на празна, но атрактивна парцела.
По повеќемесечен молк и разгледување на проектот, директорот на Технолошките индустриски развојни зони даде интервју за ТВ 24 во март годинава. Изјава дека инвеститорите сакале прво да градат станбени згради, па потоа филмски студија. А штом е таква работата, тој лично не гледа зошто проектот би бил добил статус на „стратешки“, односно на инвеститорите да им се даде гратис земјиште.
Од компанијата „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ реагираа на ставот на Јован Деспотовски дека технолошкиот парк – СТП е приспособен согласно постоечкиот ДУП за соодветната област и за истата локација не се бараат бенефиции за градба, туку да се изнајми и последователно да се откупи земјиштето по важечките цени.Работата се изјалови.

И конечно, една година по првата најава и филмските заплети и расплети, во Охрид дојде лично Џон Малкович. Седна пред неколкуте новинари во пресрет на неговиот утрешен настап со претставата „Пеколна комедија – исповедта на еден сериски убиец“.

Кога дошло ред за прашањата, еден од новинарите поставил две – едно за претставата, второто за т.н. филмски град кое било поставено на учтив начин. Господине Малкович… до каде е тој процес ако сте расположени да одговорите, бил тонот на прашањето упатени до актерската ѕвезда.
Малкович оставил впечаток дека се консултира со преведувачката и дека е подготвен да каже нешто, но такво сценарио спречило лице од ПР службата на Охридско лето, велат присутни за „360 степени“. На груб и недоличен начин таа настапила пред новинарите со тезата – нели се договоривме да не се поставуваат такви прашања. Присутните новинари не возвратиле, па не се случила кавга пред очите на Малкович. Во „ситуацијата“ не се вклучила ниту министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која според фото и видео матерјалот седи покрај Малкович на прес-конференцијата. По настанот, дознава „360 степени“, било упатено извинување до новинарите.

ТВ Алфа објави и став од Националната установа Охридско лето.
„Денешната прес-конференција со ексклузивниот гостин Малкович беше тематска и исклучиво наменета за претставата и за неговиот престој во рамките на фестивалската програма. Други прашања не беа предвидени”, пренесе ТВ Алфа.
Џон Малкович ќе настапи на Охридско лето утревечер, на сцената во Античкиот театар во Охрид, со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“. Влезниците, околу 2 500 на број, веќе се распродадени.

Малкович има хрватско потекло и прв пат гостува во земјата. Но, повеќе пати бил во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *