Сутерен.мк

Платите на функционерите ќе пораснат за уште 400 евра

Додека работниците од јавната администрација, здравството, судството, образованието, како и највозрасните граѓани –пензионерите со месеци се на улица, на протести за достоинствен живот и за минимално зголемување на платите од 10 отсто и пензиите, платите на функционерите кои што во март се зголемија за 78 отсто, за три месеци, од први јануари 2024 година повторно ќе бидат коригирани за уште 400 евра.

Законот дозволува во јануари платата на сите функционери да биде усогласена со порастот на просечната плата, којашто годинава е повисока во однос на лани, па и зголемувањето ќе биде поголемо.

Пролетта дел од функционерите ветуваа дека ќе ги вратат своите плати пред зголемувањето од 78 отсто. Тие јавно се изјаснија дека зголемувањето на платите во услови на економска криза е непримерно, но ниту еден од нив реално не го стори тоа, а немаше ниту конкретни чекори на повеќето партии.

Анализите велат дека по три месеци новото зголемување на функционерските месечни примања ќе биде до 40.000 денари бруто, односно 24.000 нето за највисоките функционерски плати. Се работи за платите на пратеници, министри, претседателот, градоначалници, односно на околу 2.000 избрани и именувани функционери, за кои што Уставниот суд на 21 март ја укина фиксната основица за пресметка на функционерските плати во износ од околу 25.000 денари, со образложение дека не може да има две основици за пресметка на плата.

Просечната бруто-плата лани изнесувала 43.509 денари, а во јули годинава достигна 54.434 денари. До јануари растот ќе биде поголем, па затоа корекцијата на платите ќе изнесува од 150 евра до 400 евра месечно, во зависност од коефициентот на сложеност на работното место.

Со усогласувањето што ќе биде во јануари 2024 година платата на премиерот Димитар Ковачевски, којашто во март годинава беше околу 90.000 денари,а од март се зголеми на 160.000 денари,во јануари ќе достигне 184.000 денари. Тоа значи дека за една година премиерската плата ќе биде двојно поголема.
На веб страницата на Владата се уште стојат старите плати на министрите, според кои премиерот зема 88.000 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *