Експертите сметаат дека овој конфликт не треба да доведе до глобална рецесија, туку дека нестабилноста на пазарот и заканата од санкции може да доведат до повисоки цени на горивата и земјоделските производи!
Веќе денеска, по нападот, цената на нафтата скокна на 105 долари на меѓународниот пазар поради можните санкции против Русија.
Си-Ен-Ен ги наведува поскапувањата што би можеле да се случат ширум светот. Русија е трет по големина производител и втор извозник на нафта во светот. Со оглед на ниските залихи и намалениот неискористен капацитет, пазарот на нафта не може да си дозволи големи нарушувања во снабдувањето.
Расте и цената на природниот гас што се користи за греење во домаќинствата и во електроиндустријата. Референтната цена во Европа денеска порасна за 29 отсто на 114,65 евра за мегават-час. Повисоките трошоци за енергија ќе значат и повисоки трошоци за компаниите.
Авионското гориво што го користат авиокомпаниите, исто така ќе поскапи, што може да резултира со повисоки цени на авионски билети. Ќе бидат погодени и индустриите кои трошат многу енергија, како што се производителите на челик.
Глобалните цени на храната веќе беа блиску до највисокото ниво во последните 10 години. Сега руската инвазија може да ја влоши ситуацијата. Русија е најголемиот извозник на пченица во светот, додека Украина е значаен извозник на пченица и пченка. И двете земји извезуваат растително масло.
Цените на пченицата веќе скокнаа на највисоко ниво од 2012 година. Поскапеа и пченката и сојата. Украина требаше да извезе 15 милиони метрички тони пченка и помеѓу пет и шест милиони метрички тони пченица оваа сезона. Сега клиентите како Кина се свртуваат кон Европа и САД за да го пополнат можниот недостиг на овие производи.
Цената на металите што се користат во широк спектар на производи за широка потрошувачка расте бидејќи инвеститорите ги анализираат последиците од инвазијата и размислуваат дали санкциите кон Русија би можеле да влијаат на снабдувањето.
Русија е главен производител на метали, вклучувајќи алуминиум и никел, а исто така е значаен производител на бакар. Построгите санкции кон Русија би можеле дополнително да ги намалат залихите на овие метали на светските пазари
По нападот се зголемија и цените на златото и паладиумот на меѓународните пазари. Цената на унца злато утринава порасна за 1,8 отсто. Порасна за околу осум отсто од почетокот на месецот бидејќи руско-украинската криза го намалува апетитот на инвеститорите за ризични средства. Скапоцениот метал би можел да го заврши овој месец во најголемиот плус од јули 2020 година.
Русија е трет по големина производител на злато во светот, а рускиот Норникел е главен производител и на паладиум и на платина.