Сутерен.мк

Почина инспирацијата на Спилберг за „Терминал“

Иранецот Мехран Карими Насери, по чија животна приказна Стивен Спилберг го сними филмот „Терминал“, почина на аеродромот Шарл де Гол во Париз.

Насери починал вчера од природна смрт на терминалот 2 на парискиот аеродром, јавуваат француските медиуми.

Насери, кој беше познат како Сер Алфред, политички бегалец од Иран, живееше повеќе од 18 години на Шарл де Гол каде го заврши својот живот.

Карими Насери, за кој се верува дека е роден во 1945 година во иранската провинција Кузестан, живеел во терминалот 1 на аеродромот од 1988 до 2006 година, прво во правен вакуум бидејќи немал живеалиште, а подоцна и по избор. Се населил на аеродромот Шарл де Гол во 1988 година, откако летал од Иран прво до Лондон, а потоа до Берлин и Амстердам во потрага по својата мајка.

Не смеел да влезе во ниту една од тие земји бидејќи немал соодветни патни исправи, па затоа, не можејќи да влезе во Франција, се сместил во еден агол од аеродромот.
Во 1992 година, францускиот суд пресуди дека Насери не може да биде екстрадиран бидејќи влегол легално во земјата, но ниту да влезе во Франција, поради што останал заглавен на терминалот на аеродромот.

Конечно, во 1999 година, тој доби статус на бегалец со право да остане во Франција.

Во 2004 година, Том Хенкс ја толкуваше неговата улога во „Терминал” во режија на Стивен Спилберг.

По филмот, Мехран Карими Насери живеел во дом во Париз, по што повторно се вратил на аеродромот Роаси-Шарл-де-Гол.
Откако ги потрошил парите собрани за филмот, тој се вратил неколку недели на аеродромот. Кај него биле пронајдени неколку илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *