Сутерен.мк

Почина Лиза Мари Присли

Музичарката Лиза Мари Присли почина на 12 јануари, на 54-годишна возраст, како последица на срцев удар. Таа беше единствената ќерка на „кралот на рокенролот“ и плод на љубовта помеѓу Елвис и Присила Присли.

Нејзината смрт во болница во Лос Анџелес ја потврдила нејзината мајка Присила, неколку часа откако нејзината ќерка била итно пренесена во болница.

„Со тешко срце морам да ја споделам катастрофалната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари не остави“, рече Присила Присли во изјавата. „Таа беше најстрасната, најсилната и најсакана жена што некогаш сум ја познавала“.

 

Присли ја имаше харизмата на нејзиниот татко и го следеше професионално, издавајќи свои рок албуми во 2000-тите, и појавувајќи се на сцената со Пет Бенатар и Ричард Хејли, меѓу другите.

Таа дури формираше директни музички врски со нејзиниот татко, придружувајќи го својот глас со снимките на Елвис како „Во гетото“ и „Не плачи тато“.
Паралелно со музичката кариера, Лиза Мари ѝ беше интересна на јавноста и поради љубовниот живот. Имено, како непоправлив романтичар, таа стапи во брак дури четирипати.

Лиза Мари се омажи за музичарот Дени Кио во 1988 година, со кого ги доби ќерката Рајли и синот Бенџамин Сторм.

Двојката се раздели во мај 1994 година, а само два месеци подоцна Лиза Мари стапи во брак со пејачот Мајкл Џексон, нешто што стана главна тема во сите естрадни написи. Во 2003 година, таа изјави дека главната причина поради која се заљубила во Џексон била дека „го доживеала како емотивен и несфатен маж, кој посакала да го спаси“. Лиза Мари и Мајкл ставија крај на нивниот брак во 1996 година.

Потоа, Лиза Мари се омажи за актерот Николас Кејџ, но нивниот брак траеше само три месеци, поточно од август до ноември 2002 година.

Во 2006 година, таа стапи во брак со продуцентот Мајкл Локвуд. Една година подоцна, тие станаа родители на близначките Финли и Харпер. Но, и овој брак на Лиза Мари заврши со развод во 2016 година.
Во 2020 година, нејзиниот син Бенџамин Кио изврши самоубиство на 27-годишна возраст. Ова, несомнено, беше најголемата трагедија во нејзиниот живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *