Сутерен.мк

Примитивен тренд

Со години сакам да се истетовирам, но прво не ми дозволуваше мајка ми, а сега дечко ми. Јас многу сакам нешто да нацртам на себе, ми изгледа тоа многу секси. Да се тетовирам или не прашањето е сега? Брзо чекам одговор.

Сара, Скопје


Сара дарлинг, одговорот е многу прост – ако некој толку многу копнее по нешто, а посакуваното никого друг не загрозува секако дека тоа треба да му се дозволи.

Меѓутоа, ајде малку дидаскалии околу овој вид на украсување… Тетовирањето е присутно меѓу луѓето откога постои човекот. Пештерскиот човек се тетовирал, Индијанците, јапонските јакузи и тријади, старите Словени, Грци, Англичани, Римјани…

Во еден период сепак, облеченоста во тетоважи се сметаше за неморал, сомнителен карактер, криминогени навики. Денес сите се тетовираат и жени и мажи и стари и млади, но бидејќи, остана една резерва кон овој вид разубавување, сите не преферираат исти делови од телото.

Доколку сте деловна жена за жал, ќе мора да внимавате каде ќе ја ставите сликата на кожата – на важен состанок не е добро вниманието да го одвлекувате со тетоважата како впрочем, ни со длабоко деколте или кусо здолниште, дречливо лакирани нокти, театрална шминка, премногу светкав накит…

Доколку ја направите, долго време тоа место не смеете да го чешате, сунчате, да се капете во базен, море и реки… Тетоважата е рана, како и секоја друга и бара ист таков третман.

Можете да истетовирате што сакате, а мене најмногу ме нервираат оние со јапонски, кинески или хебрејски букви, зашто нивниот сопственик најчесто, едвај го зборува и македонскиот.

Не заборавајте дека тетоважите се скапи, болни и доживотно трајни. (А и многу грдо изгледаат на остарена кожа.) Нивното отстранување е уште поскапо, поболно, а често и невозможно. Затоа, немојте во никој случај да го истетовирате името на својот сегашен љубовник. Во случај на раскинување на врската ќе посакате да си ја отсечете раката…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *