Сутерен.мк

Сабина Ајрула Тозија: Едвај се исчистив од Вера

Во филмот „Време, води“ (од 1980 година) на Бранко Гапо, еден од ликовите е мајка на четири деца. „Мајката“ е актерката Сабина Ајрула Тозија, а едно од малечките е Милчо Манчевски.

Двајцата ќе се сретнат повторно после четиринаесет години, на премиерата на „Пред дождот“, кога „мајката“ ќе сфати дека режисерот што тогаш ги собра ловориките и на кого му честита за успехот е всушност, нејзиниот некогашен „син“. (Тој податок вели, ми го кажа еден колега.) Тоа е втората средба.

После третото видување, случајно или не, таа повторно е „мајка“, но овојпат по желба на своето филмско дете, кое ја сплете приказната за комплицираните семејни односи, за корумпираноста, амбицијата, мртвите и живите…

Сабина Ајрула Тозија во последното остварување на Милчо Манчевски, „Сенки“, ја игра Вера Перкова. Филмот предизвика различни реакции во јавноста, но се чини, публиката е едногласна во оценката дека поделбата на улогите е совршено направена, а Ајрула Тозија, брилијантна како бескрупулозната докторка Перкова.

„Ништо толку многу не сум посакувала, како оваа улога! Од џигерот ми извираше желбата“-вели, актерката, која речиси да нема македонски филм, во кој не играла.

Радост

„Ми се јави кастинг директорот на филмот со предлог да потпишам подршка на филмот што ќе го снима Манчевски. Дотогаш немав ни слушнато дека Милчо ќе снима нов филм. Отидов каде што ми рекоа, а попатно прашувам, дали има некоја баба што можам да ја играм… Велат, има, ама многу е стара, но има и мајка… Е, за мајка, сум стара јас, си велам…

Како и да е, помина тоа, кога ми се јавуваат во Рим и ме прашуваат кога ќе доаѓам во Скопје, за да учествувам на пробното снимање за улогите? Сум учествувала на многу такви аудиции и тие, во принцип, ништо не гарантираат па така, отидов, сосема релаксирана и без некоја особена ’надеж’, но доволно ’заинтригирана’. Меѓутоа, откако ме ’сликаа’ и откако изговорив дел од текстот на Вера, јас на ништо друго не мислев освен, на таа улога. Седев и чекав и чекав се додека не се откажав од ’повикот’…

Токму тогаш, кога кренав раце, ми се јавија во 23 часот и ми велат од продукцијата ’Честито, Вера Перкова!’ Од радост ќе си излезев од кожата. Почнав да викам низ куќа: ’Јас сум Вера Перкова! Јас сум Вера Перкова!’, а син ми ме гледа бело и ништо не му е јасно. .. Е, после, се беше искристализирано, за сите“ – раскажува нашата соговорничка, која веднаш штом го добила сценариото започнала буквално, на тетратка да ја пишува биографијата на ликот.

За текот на снимањето, за соработката со Манчевски, оваа енергична актерка, зборува со радост, рамна на восхит. „Не сум сретнала таков човек“, вели, „Милчо има мудрост и смиреност на 70-годишен старец. Да се работи со толкава екипа, а притоа, во ниеден момент да не се повиши гласот, да се издржи сиот тој притисок и сите да се сослушаат, сфатат и организираат, за мене е нешто што заслужува секоја чест. Прекрасен човек, извонреден талент и професионалец во својата работа. Го обожувам!“ Воодушевено, потенцира Ајрула Тозија, додавајќи дека оваа улога и е шлаг на целата нејзина кариера.

„Им посакувам на сите свои колеги да имаат шанса да работат со него зашто, откако ќе ви помине тремата од него, од величината на неговото име, тоа е незаборавно искуство. Блазе си им на студентите на кои им предава“ – вели таа, притоа, споменувајќи ги со носталгија ангажманите во филмовите „Јад“ (на Кирил Ценевски), „Време без војна“ (на Гапо), „Жед“ (на Димитрие Османли), „Црвениот коњ“ (на Столе Попов)…

Оваа насмеана дама е задоволна од стореното зад себе. Како човек со немирен дух, никогаш не била без работа зашто, вели, и кога ја немало таа сама си ја наоѓала. Внимава на својата кондиција особено, интелектуалната. Нејзината девиза е дека и денешниот ден е минато и дека и покрај сите тешкотии треба да се продолжи со животната борба и оти тоа не е изговор човек да биде несолидарен, несочуствителен.

Тврди, и покрај фантастичната филмска трансформација, дека нема сличности со Вера од „Сенки“: „ Вера е една жена која животот не ја мазел, која се постигнала сама, но некаде на патот до успехот го изгубила моралот и етиката. Во својата безобразност оди уште подалеку – болната амбиција ја пренесува врз својот син, кога веќе не успеала врз сопругот. Тоа е доминантна личност, која сака се да држи под контрола и која до целта стигнува, оставајќи зад себе ’трупови’. Ја ’бранев’ таа жена зашто само така ќе ја ’направев’. Всушност, овој лик би бил достоен за воодушевување, доколку таа си ја задржела човечноста при градењето на кариерата и правењето пари.

Морам да признаам дека едвај се ’исчистив’ од ликот. Се фаќав себе си на моменти, како и приватно реагирам како Вера. Па, имаше ситуации кога се извинував… Сабина сепак, не е Вера. Не верувам во корумпираност и во градењето на својата среќа врз туѓата несреќа. Не верувам во грабање туку напротив, да му се даде на секому она што му припаѓа, што го заслужува. За жал, има многу ’вери’ во нашето секојдневие. На премиерата во Скопје, на сцената кога ’синот’ ги фрла парите во клозетската школка, не сакајќи ништо туѓо, некој што седеше зад мене во публика, искоментира:’Будала!’ Ете, таков стана нашиот ’систем на вредности’. Да се прогласи за будала секој што не сака да грабне! Изместено… Тажно…“

Признание

„Сепак“, признава Сабина, „има едно нешто заедничко меѓу мене и неа, а тоа е што ниту јас, никогаш, дури ни на пазар не излегувам несредена. „Можеби е тоа последица на воспитувањето од мајка ми – не сме имале многу, ама секогаш се внимавало да бидеме чисти и стокмени. Можеби е само желба за поголема самодоверба, но убедена сум дека нема грди жени туку само жени што не водат сметка за себе. Човек треба да знае да си ги носи годините. Иако, не мислам дека суштината на личноста е во дотерувањето. Природата може некого да го обдари со атрибути за завист меѓутоа, ако во себе има само лошотолак, тој ќе излезе на лицето, во очите, гестовите, од устата и ќе го свртите погледот од него. Никој не ги сака лошите луѓе и тие не можат, никако и никогаш да бидат убави.“

Индискретно, ја прашуваме госпоѓата Ајрула Тозија, дали е задоволна и од хонорарот добиен за улогата. Одлучно одговара дека тоа е лична работа и дека треба да се престане со таквите прашања: „Хонорарот е договор што трае пет минути, а ангажманот со месеци. Можеби не си задоволен и од платата, но излегуваш на театарската сцена и играш, не мислејќи на парите!? Кај одговорните луѓе, работата не трпи заради висината на надоместокот за истата. Штом си потпишал договор, треба да си достоиш на зборот. Мене не ме интересира кој и колку заработува и никогаш не сум одбила улога заради хонорар туку само, заради улогата.“

По „Сенки“ ништо веќе не е исто за оваа примадона на македонскиот филм односно, вели, се е исто само што е подвлечено, заокружено, акцентирано. „Цело е!“ – се насмевнува таа, заминувајќи да се подготви за повторното патување во Рим, со надеж дека ќе дојде на проекциите на филмот во Свети Николе, Битола, Прилеп…Дека ќе го видат сите Македонци и дека можеби, ќе научат нешто добро од него.

Не ми се обраќаат со ФИРОМ!

Како сопруга на македонскиот амбасадор во Италија, Љупчо Тозија, Сабина веќе неколку години живее во Рим. Вели дека не се чувствува како „госпоѓа амбасадорка“ туку, како да и е доделена улога што треба професионално да се одигра.

„Актерството ми помага да го задржам потребното ниво во дипломатските кругови, без разлика на емоциите што ги чувствувам. Се обидувам и мислам дека ми успева да ја претставам, секаде каде што е можно тоа, својата земја во најдоброто светло. Никогаш не ми се обратиле со ФИРОМ или со потценување. Кога имате што да кажете и знаете како тоа да го пласирате – секаде сте добредојдени. Во Италија сите ја знаат Македонија, но ја знаат по Пандев, по Милчо, а не по политичарите“ – нагласува, Ајрула Тозија.

Според неа, Италијанците се многу слични на нашиот табиет, но просто вели, ја фаќа љубомора кога гледа како си го почитуваат своето, па токму затоа, немаат комплекси од туѓото. Кажува дека оди многу во театар, на концерти, во кино и дека и во Рим има полупразни сали, но дека не заостануваме во креативноста и дека не ни треба многу. „Само секој да го врати, она што не е негово!“ – завршува со цитат од „Сенки“.

Дома немаме судир на суети!

Во тричленото семејство Тозија сите се занимаваат со креативна работа (Покрај тоа што е амбасадор, Љупчо Тозија е и режисер), но актерката вели дека никогаш немало судир на суети. „Кога еден од нас има работа, останатите му се посветени целосно нему. Постои апсолутна подршка. Го внесувам Љупчо во се што работам и тој ми е најголемиот критичар. Меѓутоа, никогаш не ја оптеретувам фамилијата со проблемите на работа ниту пак, тие мене. Освен тоа, постои почит кон интегритетот на другиот. Условно речено, секој од нас тројцата е она што сака да биде.

Многу битна работа за функционирањето на едно семејство е да не се драматизира кога доаѓаат проблемите. Треба да се подзастане, да се потпраша човек прво себе си за околностите што довеле до тоа, но да не се ’забега со мозгањето’ и да се продолжи понатаму. Со поука, како да не се повтори истото. Афектирањето меѓу своите е излишно!“ – тврди, Сабина Ајрула Тозија.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2007 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *