Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Пајаци

Откако мајка ми престана да го контролира моето чистење на домот и по аглите од собите да бара пајажина, за да ми стави забелешка дека не сум ја завршила работата како што треба, пајаците престанав да ги бркам.

Вистина ретко се појавуваа во мојот животен простор, но кога ќе ги здогледував тие ситни темно кафеави тела се загледував во нивната мрежа. Некогаш толку ќе ме фасцинираше, да веднаш се фаќав за фото апаратот небаре ќе направам врвна фотографија, на туѓ грб, на туѓ труд. Не успевав објективот вешто да го наместам, та потоа наизменично се џарев де во мрежата, де во снимката. Подоцна се откажав. Ми стана навика само да гледам и да се воодушевувам во природната дарба на тоа толку мало суштество.

Во мојот животен простор на мансардата недалеку од градската врева, во аголот каде што цвеќињата слободно се разлистуваат, разгрануваат и цутат, не ретко ќе здогледам како по белиот ѕид забрзано се движи некое ситно суштество. Бегло го погледнувам, за по некое време да побарам дали успеало да исплете мрежа.

Суеверието на страна, оти не потпаѓам под тоа, кога во домот ќе здогледам пајак, си помислувам дека ми најавува некој гостин. А гости сакам да ми доаѓаат. Ха!

Утрото на Видовден едно мало пајаче ми протрча пред очите и некаде се загуби брзајќи по својата бела патека. Пајаците така мали и за луѓето „опасни“, животот си го минуваат на мирни места. Меѓу билките или под камењата. Мрежата ја плетат за во неа да запленат храна, но јас до сега не сум видела ништо друго во мрежата, освен уметникот кој ткае, или пак во ткаенината се ниша на струењето на воздухот. Тој толку мал, а мрежата можеби и стократно поголема од неговото тело.

За моја среќа, мајка ми не ги гледа ниту пајаците, ниту нивните мрежи во мојот дом или на балконот, инаку без дилема би ме опоменала дека треба да ги избркам,а мрежата да им ја растурам. Според неа тие не носат арно.

-Пакосници се пајаците. Може да те каснат, да исфрлат отров, потоа да се чудиш од што ти е. Нема да одгледуваш пајаци! Би ми рекла со прекорен глас.

Кај Грците пак, пајакот е симбол на пропаднато суштество, зашто според нивната митологија се обидело во ткаење да се натпреварува со божицата Атина. Поради тоа и било казнето. На Истокот пак, пајакот е симбол на Создателот, оти мрежата ја ткае од произведеното во сопственото тело.

Истражувачите забележале дека нишките од мрежата имаат радијален распоред што пак укажува на настанување на сето што постои, затоа што мрежата по својата форма е аналогна на сончевите зраци. Тие пак се извор на животот на нашата планета. Некои забележале дека има и лунарна симболика со оглед на ноќното ткаење. Па ете, може да се разбере и како господар на судбината. Во некои делови на Азија пајакот ја симболизира душата ослободена од телото.

И психоаналитичарите се занимавале со значењето на пајакот. Види молим те, па тој е симбол на интровертноста и нарцисоидноста. Од центарот на мрежата пајакот и се заканува на околината. Но, неговиот труд во ткаењето на мрежата не е исклучено и да е симбол на интелигентно концентрирање на психичката енергија, но и опасноста со која го демне и го гуши својот плен.

Во човеколикиот свет пајакови мрежи плетат или ткаат и многу луѓе. Нивните мрежи се невидливи со голо око, но често пати и премногу стегаат. Не ретко нивната агресивност, дури и крвожедност одат до уништување на нивниот плен, односно до оној за кој сметаат дека им го попречува патот до успехот. Таквите луѓе пајаци лесно се трансформираат и повторно и повторно се исправаат кон следниот животен циклус.

Ако Создателот создавал со намера и со особена намена и ако сите ние со каузални врски меѓусебно сме поврзани, зошто ли, често пати најсовршеното суштество смета дека може само и дека се постои само нему да му служи. За таа цел најразумното неразумно и безмилосно уништува се, дури и гранката на која седи.

Моите спознавања не сакам да ги насочувам во таа смисла, па затоа секому му оставам да си вирее во својата животна околина. Меѓу нив и пајаците. А на децата кога се мали и кога врескаат штом ќе здогледаат пајак, скакулец или некоја бубачка, им објаснувам приемчиво за нивната возраст. Така, на Христина одамна сум и кажала дека пајаци има во домовите каде што има пари. Ха,ха!

-Тето, види пајак! Што да правам? Ќе ме прашаше пред неколку години.

– Остави го, ќе добиеме пари за сладолед. Со насмевка ќе и речев.
-Ааа, штом е така, значи имаш пари за сладолед, може ли да ме почестиш! Со развлечена уста до крајот на ушите ќе ми се доближеше со раширена прегратка. А штом ќе добеше пари за сладолед, веднаш ќе потшепнеше да ги собереме моите пајаци во кутивче и таа дома да си ги однесе. Ха,ха!
Антон пак, знае дека пајак на ѕидот најавува гости со деца.
-Кој ќе дојде? Знаеш ли? Потоа ние кај нив ќе одиме, ќе изусти и ќе почне да потскокнува радосно.

За луѓето пајаци нека остане само пајакот што им ги собира непрописно паркираните автомобили. Тие најчесто одат од прекршок до прекршок. Епа, луѓе се, не се совршени како „пајаците.“

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *