Сутерен.мк

Светот во очите на Орце

Во Домот на културата „Драги Тозија” во Ресен беше отворена изложбата „Светот низ очите на Орце” и промовирана книгата „Уништување” на Божидар Божиновски (Моџо Килингтон), како дел од предновогодишната програма на општина Ресен!

За делото на Орце Божиновски, во чија чест изложбата беше организирана постхумно, говореше директорот на Домот на културата, Васко Василевски, кој истакна дека Орце бил и еден од иницијаторите на ликовната колонија во Ресен.

– Вистината е дека Орце беше личност со голема истрајност, мудрост и трпеливост. Беше голем боем, дружељубив и харизматичен. Човек со многу идеи и ставови за уметноста. Тој учествуваше на ликовни работилници и колонии низ Македонија, но и надвор, а беше и еден од иницијаторите за ликовната колонија во Ресен – рече Василевски.

Книгата „Уништување” како што појасни самиот автор на промоцијата, ја опишуваат крстосницата, која, како што подвлече, му се случува на секој човек.

– Уметноста го поврзува барањето на човекот на себеси. Татко ми тоа го наоѓаше во природата, јас сè уште го барам. Тоа се прашања што не мачат, кои сме, зошто сме и дали има нешто поголемо од нас и слично. Овие книги опишуваат и за раскрсниците кои му се случуваат скоро на секој, каде што една мала грешка може да го промени текот на целиот живот, како ефектот на пеперутка – рече Божидар Божиновски.

Во рамки на предновогодишната програма, вечер во Ресенскиот Сарај ќе се одржи концерт на класична музика на пијано и гитара со Гоце Милошевски, Јован Симоновски и децата од школата за пијано. Во новогодишната програма за најмладите, како што соопшти Домот на културата, на 31 декември, на Градскиот плоштад ќе биде изведена детската театарска претстава на знаковен јазик –„ТРИ” од театарот ,,Ато”, во режија на Јован Ристовски. Настап ќе има и детскиот хор „Весели Бисерчиња” од Охрид, а ќе се одржи и новогодишен базар со детски изработки.

Предвидено е и доделување на наградите од литературните конкурси „Свети Климент” и „Новогодишна желба”. Присутните ќе ги забавуваат кловнови, магионичар, маскоти и Дедо Мраз.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *