Сутерен.мк

Славе Ѓорѓо Димоски: Творештвото е над наградите

„Лично, имам повеќе познаници вклучени во функција на политичкиот апарат, кои единствено ги интересираше – како да профитираат“, вели поетот, добитник на овогодинешната награда „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Темно место“, прогласена за најдобра книга објавена на македонски јазик меѓу две поетски Струги…

• Што значи за вас оваа награда и, вредат ли денес наградите?

– Со самиот факт што оваа награда го носи презимето на двајцата значајни струшки браќа од времето на Преродбата за мене, како автор, претставува особена обврска кон литературата. Тоа е и пријатно чувство. Второ: ја примам како сатисфакција за досегашниот мој творечки труд кој трае точно дваесет години. Морам да го споменам и ова: јас секогаш стојам зад тврдењето дека кај сериозниот автор треба да преовладува чувството дека творештвото е над наградите. Што се однесува до тоа колку „вредат“ наградите… Можам да кажам дека во Македонија има многу награди, дури и нови се востоновуваат, некои се доделуваат „на слепо“ и со тоа се девалвирани, но мислам дека една – две награди во областа на литературата се издигнуваат над другите и ја враќаат довербата во творештвото. Така и треба да се сфатат наградите – враќање кон самодовербата на она што го работи еден творец.

• Да се биде денес писател е предност, хендикеп или попуста работа?

– На ум го имам нашево време со сите негови предизвици и неизвесности па, така денес да си поет не е никаква предност ниту пак, хендикеп бидејќи, и така си слеан во безличната маса на суровото секојдневие. Меѓутоа, на човекот, како единствено суштество што го поседува зборот, дадена му е привилегија на творец! Преку зборот човекот ја изразува својата фантазија – и по тоа се разликува од другиот жив свет. А штом има фантазија тој твори – со тоа, како што би рекол Генадиј Ајги „тој е близок со Бога – Творецот!“ Човекот ја поседува моќта и можноста да се задлабочуба во јазикот. Благодарејќи на неговата имагинација тој придонесува светот да се направи поинаков. Тоа е поезија. Поетот го создава јазикот. Не постои ниту еден народ без поезија! Таа претставува афирмација и на нацијата и на јазикот. Таа е нивни виш израз. Од таму пишувањето поезија не е попуста работа.

• Меѓутоа, многумина велат дека имаме повеќе писатели од читатели?

– Тоа што денес е така е сосема друга работа. Со новонастанатата ситуација пред една деценија, со фијаското на социјализмот, се отвори можноста секој и сешто да објавува! Со самофинансирањето се јави една хиперпродукција на наслови, а со самото тоа и и девалвација на самите вредности…

• Што е пишувањето за вас: потреба да ве запознае светот или вие него? Да се сподели со другите интимното или…?

– Во едно интервју на Данило Киш, тој вели дека, оној кој ја прифатил задачата да се занимава со литература, првиот и најважен чекор го направил кога се затекнал самиот себе како си поствува прашање. Значи, пишувањето може да се сфати како една форма на поставување прашање и – огромниот напор, доколку е можно, да се најде соодветниот одговор на него. За оној кој се зафатил со таква работа, тоа претставува искушение и задоволство истовремено. Искушението е во понорот на поставените прашања, а задоволството во авантурата, што во најмала рака имате чувство дека сте на патот за откривање на нивните одговори. Бидејќи тоа е единствениот занает на писателот, тој постојано навлегува во вртлозите на реални и иреални светови, верувајќи дека открива нешто непознато преку најтајното и најинтимното нешто – мислата. Тука е и ризикот на тој занает. Според тоа, пишувањето не е потреба да се запознае свет, туку да се откријат нови светови преку кои ќе се направи напор да се објасниме ние и нашиот свет. Ние да се објасниме преку прашањата : кои сме, што сме и каде сме, а светот преку прашањето: што е тој?

• Ако партијата е ропство, што бара еден уметник во партија?

– Со самиот факт што јас пишувам песни и објавувам книги, сум се определил на страната на уметноста, а не на страната на политиката. Тоа што сум член на ВМРО – ДПМНЕ е сосема друга работа. Во програмата на таа партија сум нашол нешто што се совпаѓало со моите мисли и идеи, но во секој случај членувањето во една политичка партија е индивидуална постапка. Како и да е, дали си припадник или симпатизер на некоја политичка партија или не, како општествена индивидуа не можеш да останеш надвор од политиката. Самиот работен ангажман е политика. Умешност е на уметникот како политиката или некоја политичка партија да не стане „ропство“ за него, односно како да ги одбегне тие опасни стапици.

• Сепак, ретко кога ја избегнуваат стапицата наречена – желба за власт?

– Токму така! Ни писателите не се имуни на власт. Напротив, тие ја сакаат власта. Ако се погледне низ страниците на светската историја, особено во 19 – от век, писателите партиципирале во власта. Меѓутоа, тогаш, а и порано, тоа го птравеле затоа што биле од поретките писмени и образовани луѓе. Денес тоа е поинаку. Денес тие одат во власта за да го сокријат за момент своето безвредно дело. Нив повеќе ги интересира долгото и компликувано качување по пирамидата на кариерата, од чиј врв и лесно може да се падне, за потоа да го обвинуваат народот дека тој е вионовен за нивното паѓање. Но, кај нас има и писатели кои вистински парципираат во власта, не да земат учество во нејзиното разградување, туку да помогнат во зацврстувањето на нашата демократија. Без разлика на која опција и припаѓаат, тие се вистински писатели! Тие не се аутсајдери, туку обединувачко ткиво, наспроти политиката што дели, ситни, става на спротивни страни, едни против други.

 

Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *