Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Маска и рутина

Тивко саботно утро, ден кој знае кој, во време на вонредни мерки. Погледот кон мирно небо, без сонце. Ден како и секој друг, а потоа освестување дека сепак е многу поинаков. Првото кафе го испивам сама, со ишмукани две-три цигари. Во главата правам план како да ги исполнам часовите. Рутина. Ајде да пробам.

Рутина е кога секое утро по или пред првата голтка утринско кафе посакувам добро утро на моите најблиски, честитам родендени, гледам временска прогноза зависно од тоа дали коските ме болат или главата ми тежи. Рутина стана и со најблиските да се гледаме преку камери, и тоа и со тие што се во истиот град, или држава. Порано се гледавме само со оние драги луѓе на далечина.
Во новата рутина се поздравуваме со син ми, снаата и малата внука. Се смееме. Им го слушнав гласот. Им ги видов ведрите лица. Радина веќе кажува дека наскоро ќе наполни (една) година. Покажува колку голема ќе порасне. Поздравува со рака, се насмевнува и со прстот за муцка го допира нивното маче Пипи.

– Се грижам за вас во Македонија, бројката на инфицираните е иста како во Бугарија. Не сте дисциплинирани, или во што е проблемот?, прашува син ми.

– Остави ги бројките. Со нив никогаш не се оптоварувам. Не гледам вести на телевизија. Ние ги почитуваме мерките, па кому како му е пишано, иако секој ден во континуитет посакувам сите да бидат здрави и да го преживеат ова зло. Прочитав дека некој Галима Галиулина меѓу другото забележал дека денес човештвото се соочува со бројни исклучително опасни вируси. „Вирусот на грабежливоста, на грубоста, агресивноста, на генерациско губење на помнењето, на вирусот на алчност и на неконтролираноста. Некои од нив се поопасни од корона вирусот.“

– Така е, ништо непознато, вели син ми од далечина.

Далечината што не дели со најблиските ми предизвикува секакви чувства. Грижа. Немир. Немоќ. Почесто и тага. Далечината ќе ни стане рутина, откако можеби ќе ги симнеме антивирусните маски.

– Ќе помине оваа борба со вирусот и ќе се опуштиме, ќе се олабавиме, ќе живееме исто или барем слично како и пред него. Само да издржиме, да ги почитуваме мерките и што побезболно да го надминеме ова лудило. Согласни се повеќето мои оптимистични пријатели. Нека биде така, без да мислам на она што го велат реалистите и песимистите. Колку и да сакаме да мислиме дека животот ќе ни биде бајка откако ќе се справиме со опасностите на вирусот, секој од нас, може да претпостави дека ништо нема да биде исто. Не треба тоа да ни го кажат ниту политичарите, ниту некои врвни стручњаци од која и да е област.
Маската, онаа видливата ќе стане дел од нашето секојдневие. Без оглед од каков вид материјал е направена, дизајнирана, смешна или атрактивна. Секаква асоцира на страв од вирусот. На заштита од нешто што може да ни наштети.

Моето прво излегување на улица, по некаква си изолација ме соочи со реалноста. Сретнав познаници со маски, а некои и со ракавици. Ме сепна опомена во погледот дека не треба да се доближуваме, а никако пак да се ракуваме, иако имаме маски на отворено. Насмевката од под маската не ни се гледа. Пвеќе од очигледна е нервозата, нестрпливоста, подготвеноста за кавга. „Застани тука!“, „Не ми се доближувај!“ Страв, страв,… Напнатост. И тоа се во институција во која поради примена на вонредните мерки бројот на вработените е редуциран, сменет е начинот на комуникација со вработениот опремен со маска и ракавици. А тој пак, ми рекоа дека се вика Аднан, љубезен и трпелив, смирен и човечен. Секому сака што побрзо да излезе во пресрет, без оглед што некои од што не знаат што да прават дома, та дошле да завршат работа која воопшто не е итна.

Во друга институција влегувам со насмевка од под маска. Ги поздравувам вработените кои што одамна ги познавам. Со насмевка ми одговараат. Маја со олабавена маска и со незапалена цигара в рака, ми вели дека маската и предизвикува напнатост. Ја фрустрира. Не може да дише. Сака да биде позитивна на вирусот, за да не доаѓа на работа. Уф!

-Преку глава ми е сето ова! Од што ни е смачено, сите ќе посакаме да сме позитивни. Пцуе. Го зема документот и ми го враќа, со напомена дека тоа е одложено до само бог знае кога. Го земам документот, на излегување си посакуваме здравје. Обессилено чекорам. Внимателно ја вадам маската. Чувствувам олеснување. Малку има луѓе по улиците, а и сите забрзано се движат. Има и во друштво по двајца. Немаат маски, а и не држат пропишана дистанца. Молчат. Замислени се. Посакувам што поскоро да стасам дома. Тешко ми паѓа стравот на луѓето од средби. Ги отргнувам мислите и прашањата за идниот час, ден, месеци. Сакам да живеам како и пред вирусот. Сакам да се однесувам како вирусот да не постои. Ах, не. Ако постои зошто да ми е непријател! Зарем ако тој излегол од неговиот „дом“ ние треба да бидеме затворени?
Природата секогаш функционира со баланс. И овој пат таа ќе го воспостави, со брзина која зависи од нас. Да не пречиме. Ха! Да седиме изолирани. Да се изолираме и од себеси.

Ги помилував милениците и го почувствував нивниот спокој. Е мој, хомо сапиенс!
Аха, време е да се напијам кафе, во кафулето наречено Дома. А домот е местото каде што самите создаваме баланс. Во хармонијата на севкупниот хаос.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *