Сутерен.мк

Празник над празниците!

„Кога Синот Човечки ќе дојде, дали на земјата ќе најде вера?“ – Исус

Христијанството ја носи пораката за единственоста на Исус Христос, за конечното решение за беспомошноста на светот кој е одамна на ѓубриште. Затоа Исус дојде, не со новата „религија“, новиот закон или филозофија, туку човечката беда и пропаѓање да ги соочи со болката и одвоеноста од Бога и тоа да го вклучи во себе со својата потполна предаденост на Бога, се до мачната и понижувачка смрт. Дојде, за да го започне новиот ток, сосема новиот почеток за човечкиот род, новото создавање кое започна со неговото воскреснување од мртвите…

Денеска е најтажниот ден за секој христијанин. На денешен ден (Велики петок), пред две илјади и кусур години, Понтиј Пилат (римскиот прокуратор на Јудеја), будејќи се по којзнае кој пат со тешка главоболка, ја соопштува најтегобната пресуда во својот живот: „Исус Назареецот да се распне!“ (Суровата казнена метода која Рим ја применувал за робовите, најтешките криминалци и бунтовниците.)

На Исус Му е сплетен венец од трње од чии боцки ќе потечат потоци крв врз Неговото лице. Врз претходно камшикуваните плеќи Му е ставен тежок дрвен крст што треба Самиот да го однесе по „Виа Долороса“ низ Ерусалим до Голгота – местото каде што ќе биде погубен.

Обвинението, како и сите обвиненија пред и потоа произведени од страв и несигурност е клевета: еврејските водачи Го набедуваат дека подготвува востание против Рим, за да си ги спасат сопствените функции. Смртта не била ниту брза, а уште помалку лесна. Меѓутоа, во таа смрт, со сета нејзина суровост и неправда е изворот на спасението. Преданијата раскажуваат дека дури и Пилат притиснат од грижата на совест оти осудил искрен мечтател – се самоубил.

Велики петок е најтраорниот ден за човештвото. Зашто и по две илјади и дваесет години прашањето е се уште „отворено“: „Кој го уби Исус?“ Римскиот прокуратор? Еврејските лидери, кои се држеле слепо до законот што им е опортун? Парите? Неговиот следбеник, пријател и ученик? Љубовта?

Исто како што нема одговор ни прашањето: „Кога Синот Човечки ќе дојде, дали на земјата ќе најде вера?“
Што се измени за овие дваесет и кусур векови? Ништо. Одново и одново, вера нема. Одново и одново, со или без бакнеж се предаваат пријателите, следбениците, соборците, учителите, учениците, мечтателите, толкувачите. Сепак, можеби едноставно, мора така да биде! Зашто без предавници, како би препознале верници!?

Христијанската религија директно потекнува од еврејската и таа за времето на Исус ги има следните обележја: верување во Единствениот Бог и создател на универзумот кој владее со се – верувањето дека човекот е создаден по сликата божја, но дека се побунил против својот создавач и живее во опасност од пресуда; верувањето дека Бог е праведен судија – добронамерен и милосрден; верувањето дека Бог му се прикажал на Израил и го повикал да биде Негов народ; верувањето дека Бог еден ден ќе ја воспостави својата власт врз грешниот свет и дека ќе го ослободи својот народ од непријателите поставувајќи избран посредник – Месија, за со него вечно да владее; праксата на морален живот под директива на Законот од Стариот завет и одржување на религиозниот ритуал во Храмот и принесувањето на жртвите.
Врз овие верувања пресудно делува појавата на Исус, неговото воскресение од мртвите и Светиот дух, кој го примиле неговите следбеници. За христијаните доаѓањето на Исус го потврдува идниот Божји план, најавен во Стариот завет, кој почнува да се случува. Божјата власт се воспоставува на нов начин. Меѓутоа, начинот на кој таа се случува е различен од оној што Евреите го очекувале!

Дел од нив мислеле дека Божјата власт ќе се случи со воена интервенција врз нивните непријатели. Исус не ги нападнал надворешните непријатели на Евреите, туку нивните грешни срца. Исус е пацифист, кој верува во индивидуалното човечко усовршување.

Божественото делување на Исус ја вклучува и жртвата. Исусовата смрт е начин за укинувањето на гревот, која ја спроведува самиот Бог и ја покажува Неговата љубов кон грешниците. Последицата на тоа е и прекинот со жртвувањето на животните. Истовремено, тоа е крај и на ритуалниот Закон на Евреите, но етичките принципи, не се укинуваат. Значи, човековиот личен однос со Бог може да биде само верата, благодарната и послушна доверба.
Карактеристичните ритуали на новата религија се покрстувањето и Господовата вечера. Крштевањето е ритуал на миење со вода, што значи чистење од гревот, примање на Божјиот Дух и посветување на Бога, влегување во новиот Божји народ.
Тајната вечера (или проштална, Господова или Евхаристија – благодарност) е оброкот од леб и вино, кои Исус ги користи на Последната вечера за да покаже на своето саможртвување и пролевање на сопствената крв во името на новиот сојуз меѓу Бог и неговиот народ.

Велигден е најголемиот христијански празник. Велигден, христијаните го сметаат за Божјо оправдување на Исус по отфрлувањето и нарачаното Негово (само)убиство од страна на еврејските водачи. Тоа е потврда на неговите тврдења дека е Божји посредник и победник над силата на гревот и смртта.
Воскресението е одлучувачката фаза на Исусовото успение на Божјиот престол на небото. Верувањето во Воскресението има неколку важни последици.

Прво – се потврдува дека Бог повторно делува во човековата историја низ Исусовото враќање на крајот на светот. Тоа значи дека Исус е посредник, предодреден од Бога, да го спроведе конечниот суд и да го донесе вечното кралство во мир и правда.
Второ – тоа е уверување во Неговата божествена природа. По воскреснувањето, христијаните сфаќаат дека сите божји функции ги извршуваат низ Исус и дека Тој делува во името на Божјата власт. Требало да се смета за Син божји, кој се „симнува“ меѓу светот во човечки облик за да се соедини со Бога. Евреите не го прифаќаат тоа тврдење држејќи се „строго“ до она _ „Бог е еден“. Христијаните ја „преработуваат“ идејата за Бог и сфаќаат дека иако, Бог е единствен, покрај Таткото постои и Синот и Светиот Дух, а пак, се е тоа едно исто!
Трето – по воскреснувањето , Христос го дели статусот на Отецот т.е. Тој е сега Господ, па така односот на христијаните кон него не е само однос на верба и доверба, туку и покорување и обврска. Да се биде христијанин значи да се признае: „Исус Христос е Господ, кого го слушам и Оној пред кого еден ден цел свет ќе клекне!“

Новиот живот кој еден христијанин го започнува кога ќе поверува во Исус е всушност, репродукција на Исусовиот живот. Тој умира во својот стар начин на живот и воскреснува во новиот живот кој е сконцентриран на Бога и вдахновен од Бога, како што и Исус умре и повторно се појави со Божјата сила. Христијанската заедница е огромен организам низ која тече Христовиот духовен живот.
Токму затоа, овој тажен ден е можност преку страдање, искрено барање на прошка и покајание за сите наши неверства, предавста и неразбирања да допринесеме во обновата, новиот сојуз и откупнината за многумина.

По распнувањето, некои Негови угледни следбеници го добиле неговото тело и го погребале во близина. Крстот станува симбол на христијанството. Меѓутоа, сам, крстот немал никакво значење; значењето му го даваат настаните кои следат.

Два дена подоцна, неговите ученици го наоѓаат гробот празен. Ништо не им е јасно, но Неговата цел ја сфаќаат подоцна, кога повеќепати ќе се сретнат со Него, без пречки од времето и просторот, кога повторно ќе им го објасни значењето на својот живот и смрт и мисијата што им ја доверил
Потоа ќе ги напушти, а апостолите ќе почнат да проповедаат низ светот дека Исус е победник над смртта, дека е Господ и Спасител. Неговото воскресение е средиштето на христијанската проповед.

За два дена е Велигден. Празник над празниците, ден за голема радост, причина за битисување и надеж!

Бранка Доневска Најдовска

„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *