Сутерен.мк

Традиционални верници во испрофанизирана црква

Само дваесеттина проценти од православните Македонци се убедени верници!

По осамостојувањето на земјава и по збогувањето со стариот систем, се чинеше дека храмовите ќе бидат тесни за новите верници. Денес, осумнаесет години подоцна, верските објекти се исто толку празни како и тогаш. Иако, очигледно, се крева голема помпа дека православната религија во Македонија е во поголем подем, не се потребни големи истражувања за да се сфати дека просечниот Македонец, освен за големите верски празници, в црква оди само кога ќе затаат лекарите, бајачите и треварите. Се разбира, црквите се полни кога се чествуваат големите христијански празници Велигден и Божик.

Меѓутоа, кого и да прашате, ќе ви изјави дека е верник, дека е христијанин. Притоа, никој не е пресреќен да го коментира заборавањето на божикниот пост за време на новогодишната ноќ. На прашањето што е поважно – верата или вечерата, нашите анкетирани само се насмевнуваат. Ниту, пак, нашите сограѓанки гледаат нешто страшно во тоа што оставаат отпечатоци од кармин на иконите или во црква влегуваат со куси здолништа и со високи потпетици (веројатно, за да бидат поблиску до Бога, би рекле). Всушност, „фотороботот“ на просечниот македонски верник би бил дека верува, ама не знае ниту зошто ниту како.

ИСТРАЖУВАЊА

Дека ова не е само заклучок на мини-истражувањето на „Глобус“ потврдува и проф. д-р Зоран Матевски од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој вели дека само дваесетина проценти од православните Македонци се убедени верници. Што значи дека само мал дел од нив го прочитале Светото писмо, знаат што е суштината на евхаристијата, редовно одат на проповед…

  • По 1991 година се очекуваше дека тој процент значително ќе се зголеми, но нашите истражувања покажаа дека не дојде до тоа. Наспроти ова, нарасна стапката на традиционалните верници. Значи, на оние кои одат во верските објекти на големите празници, односно кои ги практицираат светите тајни, како што се крштавањето или венчавањето, но не го знаат нивното значење, не ја читаат Библијата и другите свети книги, не одат на проповед… Всушност, го прават она што го правеле нивните родители, без да се знае смислата на тоа. Меѓутоа, во Македонија значително е намален бројот на луѓето што се изјаснуваат како атеисти. Последните анализи покажуваат дека тие се некаде околу десет отсто од населението – вели Матевски, кој појаснува дека за ваквата слика голема „заслуга“ има и самата Македонска православна црква, која е типично народна и која, покрај тоа што официјално не се спротивставува на нехристијанските елементи, како што се јадење месо за време на пости или жртвување јагниња за време на празници или при градење куќа, што ги „негува“ народот, ниту, пак, прави нешто за да ги приближи луѓето кон себе.
  • Освен неколкумина млади припадници на Синодот, кои излегоа со став дека паганските обичаи треба да се напуштат, МПЦ како институција, всушност, не е јавно произнесена против тоа, од страв дека така ќе се прекине традицијата, а со тоа ќе ги загуби и верниците. Покрај ова, Македонската православна црква премногу се профанизира, влезе во блиски врски со политичките елити и сакралното го тргна настрана. Почна да се занимава со денационализации, со изборни процеси, да коментира политички одлуки… – тврди нашиот соговорник, додавајќи дека кај етничките Албанци процентот на убедени верници е над педесет отсто, пред се’, поради добро организираната веронаука, во рамките на верските објекти, што се посетува од мала возраст и поради поголемата верска социјализација во семејството. Меѓутоа, според него, во етнички мешаните средини, како што се Струга, Тетово, Гостивар или Дебар, процентот на православни убедени верници расте, што е веројатно резултат на психолошки и на други кризи.
  • Точно е и дека кај нас се случува и нешто што се вика религиска помодност, особено кај политичката и бизнис-елита и дел од младите. Имате луѓе кои до вчера не знаеја каде се црквите, а денес го форсираат имиџот на припаѓање на одредена религија, а притоа не ја ни отвориле Библијата. Патем, секој што претендира да биде интелектуалец, без разлика дали е верник или не, мора да ја прочита најстарата книга на светот. Накусо речено, во регионов, од ситуацијата кај нас со верата и практикувањето на верата единствено е полоша само во Бугарија – заклучува проф. д-р Матевски.

ПАЗАРЕЊЕ

Професорот по филозофија на религија и теории на религии на Филозофскиот факултет д-р Љубомир Цуцуловски смета дека повеќе станува збор за псевдоверие отколку за вистинска вера, бидејќи вистинската вера налага безрезервно предавање на Бога, без разлика на последиците и платената „цена“. Односно дека доминира логиката според која малку ќе му се помолиш на Бога – ако треба ќе има и малку пост – а тој ќе возврати со здравје и со љубов. Меѓутоа, вели Цуцуловски, ова е повеќе меркантилно-трговски однос кон верата отколку вистинска христијанска вера.

  • Од ова не е исклучен ни клерот, кој цело време лелека за банални нешта: зошто се укинала веропоуката; зошто не се гради црква на плоштадот; кој ќе ги плаќа вероучителите кои ќе останеле без работа, не прашувајќи се ниту за момент за судбината на стотиците невработени дипломирани професори по филозофија, кои како задолжителни предмети ги слушале предметите теории за религијата и филозофија на религијата. Понатаму, преку предметот историја на филозофијата темелно се запознаваат со патристичката, средновековната и византиската филозофија, во чии рамки се развиваат православните и воопшто христијански учења. Сепак, за овие млади луѓе МПЦ не покажува ниту грам грижа или разбирање. Единствено знаат за себе и за своите проблеми, што е целосно туѓо на христијанската љубов и на разбирањето за другите. Ако лелекаат и кубат коси на олку банални нешта, што ли ќе прават ако бидат исправени пред посериозни проблеми или, не дај Боже, да бидат распнати на крст, како „нивниот“ Бог Христос.

Професор Цуцуловски се согласува дека на нашите простори речиси ништо не се чита, а уште помалку Библијата, иронизирајќи дека неа не ја читаат дури и оние што ја читаат, сеедно што мислат дека ја читаат.

  • За ова не е виновна ниту власта ниту одредена партија, бидејќи самата Црква ништо не презема на овој план. Наместо црквата да издава илустрирани библии или православен христијански катехизис, наменети за најмладите; наместо да организира попладневни предавања по веропоука во црквите, кои и така зјаат празни; наместо да организира летни кампови во манастирите и во другите верски објекти, како што го прават тоа римокатоличката црква или протестантските цркви од која било ориентација, МПЦ е обземена со земските работи: продавање на имотите; промена на сопственото име; кој ќе се фотографира поблиску до премиерот; кој ќе биде поубаво накитен и сл. Тажно е да се констатира ова, меѓутоа е вистинито: се’ е суета до суета, застаната до некоја друга суета – коментира тој.

Што се однесува до форсирањето на „американскиот модел“ за религиозноста кај нашите политичари, соговорникот на „Глобус“ е категоричен дека не може некој да верува во Бога и во христијанската љубов ако незаинтересирано, дури и арогантно, се однесува кон млекопроизводителите, кон стечајците, кон страдалниците од секаков вид.

Closeup of cross
  • Како може некој да биде христијанин ако се залага за систем што се базира врз експлоатација на туѓиот живот, бидејќи првите христијани не знаеле за приватна сопственост. Живееле во општини во кои сите добра биле заеднички. Понатаму, некои богати луѓе, сакајќи да станат христијани, сето богатство што го поседувале го преобразувале во заедничко, во богатство што им припаѓа на сите. Токму во оваа смисла, Енгелс тврди дека првите изворни христијани биле и првите комунисти. Односно, дека изворните христијански вредности и изворните комунистички вредности не само што не се спротивставени, туку во значајна мера се идентични – тврди тој, потсетувајќи на тоа дека Маркс никогаш не напишал, ниту рекол, дека религијата е опиум за народот.
  • Напротив, тој сметал дека религијата е опиум на народот, кој, сакајќи за миг да ги заборави страдањата и да ги ублажи болките, посегнува по религијата како своевиден анестетик, за полесно да се помине во страден свет. Меѓутоа, денес некој сака – како власта така и клерот, на пример – религијата да ја преиначи од опиум на народот во опиум за народот.

На крајот, Цуцуловски потенцира дека отсуствуваат сериозни истражувања на оваа тема, односно дека оние што се прават се онолку сериозни колку што се и оние за популарноста на одредена партија или политички лидер и дека се’ се сведува на „плати и ќе го добиеш посакуваното“.

Џабир Ахмети, новинар и писател:

Религијата стана натпревар!

  • Ова е прилично сложена тема, но, ете, кога ќе ја поедноставиме, мое лично мислење е дека е голема разликата во манифестирањето на религијата и нема денес разлики меѓу муслиманите и православните. Верата стана вид на мода, со која еднакво претеруваат и Македонците и Албанците. Дури мислам дека постои и натпревар меѓу нив, кои се поголеми верници, што да не е на моменти опасно, би било смешно. Верувањето е многу лична, многу интимна работа, а не е колективна. Непотребна врева се крева околу црквата на плоштадот, што може не само да ги раскара Албанците и Македонците, туку и Македонците и Македонците. Кога е криза, се работи на заздравување на стопанството, а не на градење храмови!
  • Да беа политичарите религиозни, веројатно, ќе го знаеја тоа. За жал, мнозинството од нив се демагози, а во 21 век и да не сте верник, треба да се живее со вистината.
  • Инаку, Албанците во Македонија, според моите сознанија, сепак, повеќе се посветени на верата отколку оние во Албанија или во Косово, но ретко кој го има прочитано Коранот. Повеќе го купуваат, да им стои на полица. Дури и меѓу интелектуалците, малкумина се оние што го прочитале и го познаваат. Повеќето цитираат легенди и преданија од дедовците или она што попатно (недо)слушнале.

Проф. Ѓоко Ѓорѓевски, Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“:

Верата не се мери!

  • Точно е дека често се случува преку религијата да се сака да се остварат неблагородни цели, но, едноставно, не успева тоа. Општо речено, православните Македонци не се отуѓени од верата. Макар и на традиционална основа, народот ја чувствува и таа има значење во секојдневното живеење. Не би се осудил да ги делам верниците на големи и мали. Само Бог знае што има во човечкото срце. Верата не може да се измери, но не може ниту да се поврзува со фреквенцијата на посетување на храмовите. Многумина не одат в црква, но тоа не значи дека не се христијани. Примената на верата во животот, живеењето со вистината, со љубовта, за мене е еднаков критериум за верник. Некој може секој ден да е по црквите и манастирите, целиот да биде „накитен“ со верски обележја, но во секојдневието да прави лоши работи. Тоа нема врска со Бог.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Андреј Гиновски
„Глобус“, 2009 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *