Сутерен.мк

Снежана Сани Богдановска: Збогување со Мирјана Мариќ

Си замина уште едно значајно име од светот на модата, легендарната модна дизајнерка, која имаше пресудно влијание на српската и југословенската модна сцена, Мирјана Мариќ, која почина пред два дена во Белград на 84-годишна возраст!

Сосем е веројатно дека генерациите од триесетина години можеби и не слушнале за неа, но затоа пак, сосем е сигурно дека кај нивните мајки, а особено баби ова име буди силни асоцијации на нешто ексклузивно, квалитетно и повеќе од се‘ посакувано. Нејзиното име ќе биде респектирано и препознаено низ цела Југославија како дизајнерско, во време кога и не се знае точно што значи моден креатор. Но сеќавањата на Македонките се однесуваат на раскошните излози на „Југоекспорт“ во ГТЦ како и ексклузивната Грација (прв бутик од таков вид) каде што можеа да се купат моделите со нејзин потпис. Да се има таа значајна гравирна плочка особена на чантата беше престиж и привилегија која не секој можеше да си ја дозволи. Се разбира, со право зошто Мирјана Мариќ ја воведе висока мода во Југославија и го освои светот со своите модели.

Впрочем, историјата на модните дизајнери на Југославија започнува со потписот на Мирјана Мариќ, а нејзините креации со ентузијазам ги носеа првата дама на Југославија, Јованка Броз, „Амазонките“ на Гадафи, данската принцеза, белгиските принцези, претставници на дипломатскиот кор, сопругите на многу државници кои доаѓаа во седумдесеттите и осумдесеттите години во Белград. Јас лично бев почестена да ги носам нејзините модели на „Модест“ љубоморејќи им притоа на белградските колешки на каталозите што ги снимаа за овој бренд.

Таа беше и останува синоним за квалитетна мода во СФРЈ, а нејзините креации беа изработувани во тоа време во ограничена серија од сто до 150 парчиња. Таа имаше реализирано повеќе од седумдесет модни ревии ширум светот, додека нејзиниот бренд 3 М и кожните модели имаат добиено бројни домашни и светски награди. Доби и специјално признание за нејзината креативна работа во 1975 и 1976 година, кога Пјер Карден ја покани во Франција, организирајќи модни ревии со нејзините модели.

Има соработувано со најголемите модни куќи од поранешна Југославија како „Југоекспорт”, „Радник”, „Мода”. Нејзиниот бренд „3 М” и моделите од кожа добиваат бројни домашни и светски признанија, па така добитник е на францускиот Оскар за мода. Креациите на Мирјана го „прошетаа” светот како составен дел од саемите за мода и значајните модни ревии во Лондон, Милано, Њујорк, Токио…

Во работниот век ќе има преку 70 модни ревии и тоа ширум светот. Последната е во 1992 година. Тоа се ревии на високо ниво на кои присуствуваат кралици и кралеви, претседатели на држави, принцови и принцези. Ќе остане запаметена како првиот дизајнер во Југославија кој се изборил на својот производ да стави плочка со свое име и тоа во голема куќа каква што беше „Југоекспорт”. Имала добар сенс за пазарот, па затоа и ги има освоено значајните пазари од САД до Јапонија…

Всушност, Мирјана Мариќ, српската Коко Шанел како што ја нарекуваа, а за која слушна целиот свет е првата жена во Југославија која создала свој бренд .
Родена е на 22.05.1938 година во Кравље во близина на Ниш , а од 1948 година живее со своето семејство во Белград. Дипломирала во 1960 година на Академијата за применета уметност, Катедра за текстил, а потоа магистрирала текстил и современ костум од Уметничкото училиште во Манчестер.

А во тоа време магистратура значи беспрекорно усвојување на целиот процес – ткаење, принтање на текстилот, изработка на шаблони за кроење, шиење, пакување во кутија. Таа кутија потоа под број, анонимно му се предавала на жирито составено од најстручни и најупатени луѓе во модата кои ќе дадат или не “висока препорака”. Строга селекција каде високата оценка е таа која ќе обезбеди вработување и отвора пат за градење на име. А таа гаранција за квалитет Мирјана Мариќ ја поседуваше и ја пренесе низ цела Југославија.

Во 1968 година, добива статус на хонорарен уметник и се вработува во „Југоекспорт“, успевајќи да го убеди раководството на компанијата дека мора да започне со производство, а неколку години подоцна започнува да работи во работилница за висока мода.
Се‘ потоа е значајна приказна која ќе биде запишана со големи букви во повоената српска и југословенска историја на мода.

(Авторката е во долгогодишен среќен брак со модата. Модел, моден новинар, некои ја нарекуваат критичар, но дефинитивно – аналитичар. Врската ја зацврстува со модна кореографија, проектно менаџирање, стајлинг и имиџ консалтинг.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *