Владата на шпанската област Каталонија има за цел да ја ублажи станбената криза со издавање празни имоти, заканувајќи им се на сопствениците со запленување доколку самите не најдат станари.
Владата би можела да прошири и да одвои повеќе пари за планот објавен оваа недела, кој предвидува пренамена на најмногу 70 имоти кои се празни повеќе од две години во 14 градови со голема побарувачка за поевтини станови, рече Џули Фернандез, директор на владината канцеларија за домување.
Владата првично вклучи 45 градови на списокот, но само 14 од нив се согласија да учествуваат во програмата, а Барселона не беше вклучена.
Програмата ќе стапи на сила во наредните денови, а сопствениците ќе треба да објаснат зошто имотите се празни во рок од еден месец. Доколку не понудат разумно оправдување, ќе мора да се согласат да го продадат имотот на владата или да го изнајмат во рок од три месеци.
Ако ништо од тоа не се случи, владата ќе може да го заплени имотот во рок од три месеци.
Планот е усвоен две недели пред локалните избори во Шпанија, а прифатливото домување е една од клучните теми.
Во вторникот, владата соопшти дека издвоила пет милиони евра во буџетот за потенцијални заплени имоти, проценувајќи дека сумата ќе ги покрие трошоците за купување од 50 до 70 куќи по половина од нивната пазарна вредност.
„Желбата на владата е да ги мобилизира овие станови, а не да дојде до фаза на конфискација“, нагласи Жули Фернандез.
Тој се надева дека сопствениците, меѓу кои преовладуваат банките и фондовите, ќе понудат станови за социјална кирија.
Владините бројки покажуваат дека Шпанија на граѓаните им нуди само 290.000 јавни станбени единици кои покриваат само 1,6 отсто од домаќинствата, во споредба со 30 отсто во Холандија и 16,8 отсто во Франција.