Сутерен.мк

Јадеме најскапа храна во Европа

Македонија се наоѓа на врвот од земјите во регионот според стапката на инфлација, а меѓу последните според проекциите за економски раст, покажува најновиот извештај на Светска банка.

Но, ваквото позиционирање очигледно не ги загрижува властите во земјава кои и понатаму тврдат дека инфлацијата се намалува.

Ништо подобри не се ниту податоците во „Инфлациски монитор“ за јуни 2023 година, кои покажуваат дека инфлацијата во Македонија е значително поголема отколку во Европа, а најголемо поскапување има во угостителството, мебелот и храната.

Според податоците, храната во Македонија поскапела за 14,6 проценти, додека во европските земји поскапувањата достигнале 5,3 проценти.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага намалување на трошоците на живот преку измени во Законот за ДДВ, односно ослободување од ДДВ на сите производи за човекова исхрана.

-Платите и пензиите се зголемија, но тоа не е ништо во споредба со зголемувањето на цените на храната. Инфлацијата е премногу висока, па ние предлагаме ослободување од ДДВ за храната со цел да се компензира намалувањето на животниот стандард и за да се влијае на намалувањето на цените на производите. Најголем дел од платите оди за купување храна, а инфлацијата кај храната е највисока. Ако власта ја прифати нашата предлог-мерка, тогаш цените на прехранбените производи ќе се намали за 5 проценти – коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, очекува инфлацијата сама да падне, но, како што вели, големо влијание врз тоа ќе имаат надворешните фактори.

-Изложени сме на економски сили кои не препознаваат граници и кои влијаат во дефинирањето на нашиот перформанс. Економската криза сѐ уште не е завршена, енергетските прашања сѐ уште не се затворени. Постојат многу променливи фактори кои влијаат врз инфлацијата, а врз кои ние немаме влијание иако сме изложени на нивните последици – изјави Битиќи.

Во земјите од Европа, Шпанија е првата земја којашто го укинува ДДВ-то на прехранбените производи. Интересно е тоа што токму Шпанија е земја со најсилен пад на стапката на инфлација, а сега е меѓу земјите со најниска инфлација – од 4 отсто во април на 3 отсто во мај.

И моќната Франција не седи со вкрстени раце, туку бара чаре како да се справи со ценовната треска на храната. Сепак, француските власти веќе потврдија дека цената на храната ќе се намалува од 1 јули, најави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.

-Ќе поевтинат стотина производи, меѓу кои тестенините, месото, маслото за јадење. Големопродажните цени на одредени производи веќе се пониски, така што мора да бидат пониски и нивните малопродажни цени – за 2 отсто, 3 отсто или за 10 отсто. Производителите кои нема да ги намалат цените ќе бидат казнети – изјави францускиот министер.

Според Светската банка, еве како изгледа проекцијата на економски раст за 2023 година и за другите земји од регионот: Косово 3,7 проценти, Црна Гора 3,4 проценти, Албанија 2,8 проценти, БиХ 2,5 проценти, Србија 2,3 проценти, Хрватска 1,9 проценти и Бугарија 1,5 проценти.

„Клучни фактори што влијаат врз економските перспективи се влијанијата од војната во Украина, пониската лична потрошувачка, заострените глобални финанскиски услови и послабата побарувачка во еврозоната“, се вели во извештајот на Светска банка.

ЕБОР, пак, која исто така е влијателна меѓународна финансиска институција, очекува БДП на земјава годинава да не се зголемува повеќе од 2 проценти, што е најниска прогноза од сите институции што ја мерат силата на македонската економија.

Од Народната банка на Македонија се очекува годинава да заврши со раст на економијата од 2,1 проценти, а пооптимистички се очекувањата за годината што следува и за 2025 година.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *