Јоана Џековска Поповска, театарска, фимска и тв актерка, е родена на 18 јуни 1943 г. во Битола во театарско семејство. Нејзиниот татко Коста Џековски бил актер. Духот на театарот ја плени од најрана возраст и за првпат на пет години застанува на сцена, за неа буквално „на штиците што значат живот“, во улогата на Коле во „Печалбари“ од Антон Панов. До својата 16-та година таа настапува на сцената на Битолскиот народен театар во десетици претстави, Шарена топка, Етида со пет прсти и други.
Поповска е меѓу најнаградуваните, ако не и најнаградуван македонски актер настапувајќи на сцената на НТ во Битола, Македонскиот народен театар, но како гостин и во повеќе други театри во Македонија и надвор од неа. Во богатата актерска кариера остварила повеќе од околу 390 театарски улоги, меѓу кои и пет монодрами во македонски и светски драми.

Од 1960 година е професионален актер во театарот во Битола, учествувајќи во 250 претстави. Круната во нејзиниата театарска кариера во Битола е во 1977 година кога добива повеќе значајни награди и кога преминува во Македонскиот народен театар каде што до пензионирањето во 1995 година настапува во 25 претстави.
Работела со значајни режисери од некогашна Југославија што го одбележаа театарот во минатиот и овој век ширум Европа како Нико Горшиќ, Љуба Милошевиќ, Димитрие Османли, Слободан Унковски, Владимир Милчин, Бранко Ставрев, Душан Наумовски, Рахим Бурхан, Паоло Маѓели, Златко Свибен, Оливер Фрлич и други.
Добитничка е на повеќе награди и признанија: 11 Октомври, Први мај – орден за труд, Четврти ноември- годишна награда и награда за животно дело на Битола, Стериина награда – Нови Сад, Ловоров венец на фестивалот МЕСС во Сараево, Ристо Шишков , трипати награда за улога и награда за животно дело на националните театарски игри Војдан Чернодрински, награди на ревијата Екран и весникот Вечер за популарно ТВ лице, награда Актер на Балканот, Актер на Европа, Гран при на фестивали во Тирана, Киев, во Романија и Косово и др. Учествувала во четири меѓународни проекти во Грција, Германија, Бугарија и Југославија.

Остварила улоги и во повеќе играни и тв филмови и серии меѓу кои: „Тајната книга“, „Републикаа во пламен“, „Планина на гневот“, „Пред дождот“, „Прашина“, „Ругање со Христос“, „Добредојдовте во Сараево“, „Сведокот“, „Опстанок“, „Илинден“, „Хај-фај“ и други. Сѐ на сѐ во околу 200 проекти на филмско платно и екран.
Со престави гостувала во Канада, САД, Австралија, Русија, Франција…
Јоана Поповска активно настапуваше и по пензионирањето. „„Да не играм, да не сум на сцената, тоа е за мене смрт пред смртта!“-знаеше да рече.

– Во својата блескава кариера понудува оставрувања кои прават актерски венец исплетен од ролји од класиката, од современата и модерната драматургија, но и од нашата битова драма. Нејзините „Велика“, „Мара“ и „Варвара“ се ролји кои се врв на македонското глумиште и се повеќе од доволни за заслужено место во Пантеонот на македонскиот театар!- како што напиша театарскиот критичар и театролог Тодор Кузманов.
Или, како што напиша Мирослав Мирковиќ Бука за нејзината улога во Свадбата на Мара, според романот на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски: „Таа што беше, ќе бидеш ноќеска ти, јасика во кал, во темницата камен, светник и деветтата сестра, што без ништо се одразува во темнината на косата на невестата.“
Гоце Ристовски