Сутерен.мк

Џенаро Конталдо и Антонио Карлучо: Кралевите на италијанската кујна!

Старите пријатели Антонио Карлучо (1937) и Џенаро Конталдо (1949) го живеат врвот на својата слава. По исклучително скромното детство и децениската напорна работа во кулинарскиот бизнис надвор од својата земја, двајцата стари пријатели и соработници, докажани и потврдени готвачи, ментори на некои од најпознатите готварски имиња во светот, сопственици на ексклузивни ресторани во Велика Британија и автори на повеќе книги за готвење, последниве години стануваат и омилени телевизиски ликови.

Шармантни, опуштени и романтични во документарниот серијал „Двајцата лакоми Италијанци“, што ја доживува и својата втора сезона, по повеќе од 40 години повторно се враќаат на своите корени, се сеќаваат на времето кога биле деца и на тогашниот живот кога заедничките оброци со семејството биле светост.

Се враќаат во кулинарската светска престолнина за да откријат што се изменило во италијанската култура и како тие промени влијаеле врз тамошната кујна. И тие признаваат дека нешто им се допаѓа, нешто не. Кога тие биле деца, разводот бил противзаконски, рецептите за домашните јадења се пренесувале од мајка на ќерка, а секоја домаќинка била горда за она што го прави во кујната и за своето семејство.

Фокусирајќи се постојано на различен регион од земјата, во документарната серија што кај нас се прикажува на „24 Кичен“, двајцата готвачи пронаоѓаат нов, за нив непознат свет, но се сретнуваат и со строго традиционалната, недопрена гастрономска култура што ја паметат.

Со секоја нова епизода, Карлучо и Конталдо спремаат нови рецепти карактеристични за поднебјето што го посетуваат. Серијата има особено емотивен и личен печат, со оглед дека се занимава со детството и растењето на двајцата главни актери во јужниот дел на Италија, со нивните симпатично зајадливи дијалози, но често и со урнебесно смешниот меѓусебен однос.

Помладиот од двајцата лакоми Италијанци, Џенаро Конталдо, е роден во 1949 година во живописното село Минори, во близина на брегот на Амалфи. Уште како дете почнал да работи во локалниот ресторан и никогаш досега не престанал да готви. Во потрага по побогат живот заминал за Лондон во 1969 година, а пет години подоцна се венчал со неговата прва сопруга, со којашто има три деца. Со неговата втора сопруга, со којашто живее и денес, имаат две ќерки-близначки. Многу кратко во Лондон имал бизнис со италијански антиквитети, од којшто се откажал само по неколку месеци.

Откако согледал дека тоа не е за него, тој почнал да работи како готвач во престижни италијански ресторани во Лондон, а во еден од нив го запознал и својот најдобар пријател Антонио. Својот прв ресторан, „Пешн“, го отворил во 1998 година, а токму тој неколкупати е прогласуван за најдобар италијански ресторан во светот. Пред десетина години тој ја објавил и својата прва книга за готвење. Заедно со Антонио се главни актери во неколку телевизиски емисии, прикажувани низ целиот свет.

Џенаро Конталдо е познат по соработката со својот штитеник Џејми Оливер, со кого има близок и пријателски однос и денес. Чест гостин е во неговите телевизиски емисии.

Познат по својата љубезност, дивата бела коса и грубиот глас, Антонио Карлучо се смета за кум на италијанската кујна. Роден е во Вјетри Сол Маре во близина на Салерно, но поради работата на неговиот татко, кој бил железничар, тој пораснал на северозападот од земјата како петто од шесте деца во семејството. Имал само седум години кога печуркарството станало негова страст.

Откако неговиот помлад брат, Енрико, во несреќен случај се удавил во езерото близу нивниот дом, повеќе ништо во семејството не било исто.

Антонио се преселил во Виена на 21-годишна возраст за да студира јазици, но набргу потоа станал успешен трговец со италијански вина. Во 1975 година се преселил во Лондон, каде што неговата кариера на трговец, кулинарски консултант и шеф се вивнува до облаците. Тој е сопственик на синџир ресторани што прават милионски профити годишно и на продавници за италијанска храна, а има напишано повеќе од дваесет книги и автобиографија. Зад себе има три брака, но нема деца.

Со неговата трета сопруга, британската благородничка Присила Конран, како што вели, пријателски се разделиле пред десетина години.

Но, набргу по разводот тој повторно го окупира вниманието на британската јавност поради несреќниот случај што многумина го протолкувале како обид за самоубиство. Имено, Карлучо со нож во градите бил префрлен во болницата во Челзи, каде што хирурзите му го спасиле животот, но неколку месеци по овој настан, тој поради тешка депресија бил лекуван и во санаториум во близината на Лондон.

Карлучо и денес тврди дека станува збор за несреќен случај додека сечел леб во својата кујна!

Италијанската влада во 2012 година му доделила на Антонио Карлучо награда за животно дело, а пет години претходно титула за посебни заслуги во италијанската индустрија за храна, што е еквивалент на британската титула витез.

  • Во Италија, исто како и на Балканот, местото во кујната е резервирано за мајките и бабите. Дали е тоа сѐ уште така и од каде доаѓа Вашата љубов кон готвењето?

Антонио: Има многу добри готвачи мажи, но порано беше така како што велите. Секако, научив да готвам од мајка ми.

Џенаро: Пораснав со храната, а и разговорите на нашата трпеза беа секогаш во врска со јадењата. Секој член од моето семејство со свој удел ми ја всади љубовта кон готвењето. Татко ми со својата љубов кон ловот, од којшто научив како се лови и како се спрема дивеч. Од мајка ми, пак, се здобив со познавање на дивите билки и на печурките, а од сестра ми и тетка ми научив како се готват специјалитетите што ги правеа тие. Замислете колку беше забавно кога сите ќе се соберевме кај нас во кујната.

  • Зошто печурките се толку посебна состојка за Вас? Што е толку посебно и фасцинантно кај нив?

Антонио: Печурките се навистина значаен дел од италијанскиот начин на живот, особено ако зборуваме за дивите печурки. Кога им е сезона, цели семејства се впуштаат во потрага по нив. Тоа го правев и јас, а печурките сѐ уште се моја главна кулинарска опсесија.

Џенаро: Тие се магични и најмногу од сѐ сакам да одам на прошетка во шумата во есен и да ги берам овие скапоцености на природата. Ја обожавам возбудата кога успевам да ја пронајдам ценетата печурка порчино (вргањ, н.з.), како и разни други видови габи, а потоа размислувам на какви сѐ начини би можел да ги зготвам. Кога ќе соберам многу печурки, тогаш ги чувам во маслиново масло за да ги конзервирам и да уживам во нив подоцна во годината.

  • Како ја почнавте Вашата кариера? Имаше ли тешки и непредвидливи моменти?

Антонио: Најмногу од сѐ сакав да ја јадам храната на мајка ми. Но, кога отидов да студирам во Виена, морав да почнам сам да се грижам за себе. Добро, и за мојот цимер, кој немаше поим од готвење. Претпоставувам дека тука некаде се моите почетоци во кулинарството.

Џенаро: Почнав со работа во кујна во локалните ресторани во Италија, кога имав осум години. Уште од првиот момент ја засакав таа работа и никогаш повеќе не се свртев назад! Обожавам да јадам и да готвам, па има ли подобро нешто од тоа да имаш работа во којашто уживаш! И кога би бил најбогатиот човек на светот, јас повторно најдолго време би поминувал во кујната.

 

  • Aнтонио и Џенаро – кој од Вас двајцата е подобар готвач?

Антонио: Ќе оставам Џенаро да го одговори ова, имајќи на ум дека тој беше мој соработник 15 години. Внимавај, Џенаро, ќе прочитам што си одговорил!

Џенаро: Па јас, секако! Но, ми се допаѓа и готвењето на Антонио!

  • Двајцата добро се познавате со Џејми Оливер. Би можел ли тој да Ви биде конкуренција кога станува збор за италијанската кујна?

Антонио: Искрено да ви кажам, не, бидејќи тој не е Италијанец. Иако научи понекој трик во готвењето на италијанска храна од мене и Џенаро, тоа не е можно.

Џенаро: Порано Џејми учеше од мене, а сега јас учам од него!

  • Кое е највкусното јадење што сте го пробале некогаш?

Антонио: За сите мои 77 години сум пробал многу јадења, меѓу коишто имало одлични, а имало и такви што не биле толку добри. За жал, не можам да се сетам на едно конкретно јадење што би го издвоил како „најдобро“.

Џенаро: Има толку многу, но за мене најдобрата храна е, всушност, наједноставната. Она што се јаде сезонски и свежо, она за коешто не се вреви толку многу. На пример, смоква скината од гранка, парче сирење и свежо испечен леб.

  • Колку е сменет животот во Италија од времето на Вашата младост до денес?

Антонио: Сменет е значително. На нашите патувања се запознав со нови начини на готвење, но и новини во кулинарството со коишто јас не се согласувам многу, а тие сепак се дел од италијанската кујна.

Џенаро: Италија се смени во целост. Многу природно се придвижи напред во ритамот на времето, но кога ќе се вратам во моето мирно селце Минори, на брегот на Амалфи, тогаш се чувствувам како да не сум заминал никогаш. Повеќето нешта се останати исти. Значи, зависи од тоа каде се наоѓате. Многу нешта на Југот се останати исти.

  • Дали некогаш сте биле во Македонија?

Антонио: Не, но би сакал да дојдам некогаш.

Џенаро: Не сум бил ни во земјата ни во регионот, но би сакал да дојдам некој ден. Размислете за тоа да ме поканите!

  • Дали знаете нешто за македонско-балканската кујна и нашите традиционални јадења?

Антонио: Имам површно познавање за неколку видови јадења што, да бидам искрен, ми се допаѓаат многу. Особено комбинацијата на свинско месо со кисела зелка, што ја правите во зима.

Џенаро: Кога ќе ја посетам Македонија, ќе ми покажете кои се вашите специјалитети. Со нетрпение чекам да ги пробам!

  • Во која земја живеат најубавите жени на светот?

Антонио: Во Италија, секако!

Џенаро: Ги има секаде!

  • Што е за Вас најважното нешто во животот?

Антонио: Добрата храна, доброто друштво, многу љубов и слободно време за уживање.

Џенаро: Среќата, љубовта и смеата – што ви треба повеќе? И, секако, добрата храна!

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *