Сутерен.мк

Џејми Оливер: Сите тајни на кулинарската икона

Тој не е само шеф од светски ранг кој ги помести границите на кулинарството како професија туку и ѕвезда чијшто живот е своевидно „реално шоу“. Џејми Тревор Оливер е роден на 27 мај 1975 година во малото место Клеверинг, во близина на Есекс, Англија.

Во пабот на неговите родители – „Крикетерс“, уште како дете почнал да ги спрема своите први специјалитети. Иако многу негови врсници сметале дека готвењето е за девојчиња, тој на 16 години го напуштил школувањето и почнал да студира кулинарство на колеџот „Вестминстер Кингсвеј“. Еден од првите ангажмани како главен слаткар ги добил во ресторанот на прославениот Антонио Карлучо, каде што се запознал и со неговиот пријател – чест гостин во неговите емисии – Џенаро Конталдо.

Неговата слава почнува со емисијата „Голиот готвач“, што ги урива сите рекорди на гледаност на телевизиската куќа Би-би-си, емитувана во доцните деведесетти. Оттогаш до денес, тој има снимено повеќе десетици ТВ-проекти и отворено многу ресторани низ Европа, од коишто, секако, најпознат е „Фифтин“ во Лондон, каде што како готвачи работат тинејџери со проблематично минато. Активно учествува во многу хуманитарни акции и не штеди на донации кога треба да ја покаже својата хуманост.

Оливер денес е кулинарска икона. Оваа квалификација не е случајна, ако се земе предвид фактот дека ова момче од Есекс направи вистинска револуција во кулинарството во планетарни рамки и засекогаш успеа да ја смени перцепцијата за здравата храна и нејзиното спремање. Покрај ова, тој со своите шоу-програми и проекти им го смени животот на стотици млади и по малку проблематични тинејџери, од коишто многумина денес се успешни готвачи. Неговите предлози и проекти за училишниот режим на готвење станаа дел од политиките на британската, но и на многу други влади во светот. За време на својот тригодишен престој во САД, многупати се конфронтираше со властите, но благодарение на својата упорност и родителите и бирократите во училиштата ја сфатија штетноста на „американизираната“ храна.

Во својата кариера момчето од предградието, како што го нарекуваат британските медиуми, доживеало неколку финансиски крахови и често било блиску до банкрот! Свесен е, како што вели, дека многумина не го сакаат поради неговите тврдоглавост и упорност, но тој нема намера да се откаже од своите идеи за да стигне до посакуваната цел. Џејми Оливер денес е во групата на 30 најбогати Британци, а неговото конто, според процените, е тешко над 200 милиони фунти.

Во 2000-тата се венчал со неговата девојка – поранешна манекенка – Џулиет Нортон-Џулс, со којашто е заедно од својата 17-та година. Џулс се откажала од кариерата, затоа што сакала да му се посвети на семејството, но тоа не одело секогаш лесно. Брачната двојка Оливер често е цел на британските таблоиди, но барем досега успешно ги решава своите недоразбирања, што главно се насочени кон наводните љубовни врски на Џејми со други жени. Двојката има пет деца.

Оригинален, интелигентен, симпатичен, инвентивен, почитувач на традицијата и семејните вредности, Оливер дефинитивно е човек со визија. Доказ се десетиците издадени книги, мноштвото ТВ- и шоу-програми, многубројните награди, медали и признанија, лукративните договори и светската слава, што може да се мери со онаа на холивудските ѕвезди. Со својата досегашна работа и со досегашното влијание тој дефинитивно си обезбеди значајно место во светската кулинарска историја.

  • Какво е чувството да се биде светски познат готвач? Дали постојат моменти кога посакувате да водите помирен приватен живот?

– Да, секако дека понекогаш посакувам да живеам помирен живот. Никогаш не сум замислувал дека ќе ми се случи нешто вакво – да бидам славен! Никогаш не сум замислувал дека ќе се појавам на телевизија! Кога влегов во угостителскиот бизнис, мојата најголема амбиција беше еден ден да имам свое ресторанче со неколку масички, некаде во селото од каде што потекнувам. Но, не се случи така. Сепак, не би сменил ништо, бидејќи имав огромна среќа што ми се укажа можноста да пишувам книги што луѓето ги сакаат и да правам ТВ-шоу во коешто уживаат многумина.

  • Вашата кариера се базира на идејата за здрав живот и природна храна. Успевате ли да им го наметнете овој начин на исхрана и на Вашите деца?

– Па, всушност, сѐ е во балансирањето. Консумираме здрава храна, но не постојано, бидејќи секој понекогаш сака малку разгалување, а и нема ништо лошо во тоа понекогаш да ги викнете децата да ви помогнат во правењето торта. Тоа ги воведува во готвењето, што е супер! А сепак, најмногу готвам користејќи свежи состојки, вклучувајќи ги и децата во процесот на готвењето, за да ја запознаат храната и да не креваат врева ако одреден ден не сакаат да го јадат она што ќе го спремам.

  • Можете ли да опишете едно мени кон коешто вообичаено се придржувате – што сакате да јадете за појадок, ручек, вечера?

– Всушност, менито се менува постојано, бидејќи добро е да се консумираат најразлични свежи производи и добро да се балансира храната. Периодов јадам разни салати, бидејќи е лето и има свеж, сезонски зеленчук во изобилство. Исто така, многу јадам и свежа риба, наједноставно зготвена, само со билки. Мојот појадок вообичаено се состои од кафе, интегрален тост и овошје.

  • Често готвите дома?

– Постојано, особено за викендите. Често работам до доцна во текот на неделата, па затоа Џулс (неговата сопруга, н.з.) им готви на децата. Но, штом излезам од работа порано, во четврток или петок, кујната е моја до понеделник наутро.

  • Дали готви Вашата сопруга?

– Таа е добар готвач, да. Порано не беше, но се усоврши со текот на годините. Моите две најстари ќерки имаат желба за готвење понекогаш, особено Дејзи. Двете помлади обожаваат да ги корнат билките и да ги мелат зачините.

  • Вашата книга „15-минутни оброци на Џејми“ се продаде во повеќе примероци отколку новиот роман („The Cacual Vacancis“) на Џ. К. Роулинг, писателката на легендарните приказни за Хари Потер, што во британските медиуми беше коментирано како сензација?!

– Да. Штотуку ја завршив мојата најнова книга, што се надевам ќе имате шанса да ја прочитате наскоро. Но, никогаш не сум се чувствувал како конкуренција на Џо Роулинг, бидејќи таа е неверојатно добра писателка и прекрасна личност.

  • Многу луѓе не веруваат кога ќе кажете дека не читате многу, судејќи според она што можеме да го видиме на ТВ. Дали е вистина дека имате дислексија и дали е тоа причината поради којашто не можете да читате?

– Всушност, сум прочитал само една книга што не е поврзана со готвењето, а тоа беше „Игра на гладните“. Вистина е дека имам дислексија и имам тешкотии со читањето.

  • Во „Jamie & Jimms’c Food Fight Club“ готвите заедно со Вашиот пријател. Вие и Џими сте растеле заедно, па кажете ни нешто повеќе за Вашето пријателство. Од каде идејата да направите заедничко телевизиско шоу?

– Со Џим растевме во истото село и бевме другари уште од деца. Секогаш правевме бели заедно… Јас се интересирав за готвењето, тој за животните и биологијата. Потоа, тој направи фарма за свињи, па решивме да направиме заедничко шоу што, искрено, беше многу забавно да се прави… Се смеевме постојано! Кој гледал, знае…

  • Во „Jamie’s Great Italian Escape“ ги демонстрирате Вашите маестрални кулинарски способности во италијанската кујна. Дали е тоа Вашата омилена кујна, покрај британската?

– Всушност, имам многу омилени, но италијанската кујна е онаа по којашто сум познат и поседувам многу италијански ресторани во Англија и во светот. Исто така, сакам и разни видови на индиска храна, а имам направено и шоу со храна од САД што беше одлично, затоа што имав можност да ги искусам различните култури што САД ги прават земја на храната. Иако многумина ја потценуваат оваа огромна земја, таа навистина е светски центар на храната.

  • Професионалните готвачи велат дека ако на јадењето му недостига нешто, може да му се додаде сенф и тоа ќе стане повкусно. Според Вас, која е основната, „магичната“ состојка во кујната?

– За мене тоа се лутите пиперки, но само затоа што јас сум зависен од нив. Знам дека многумина не сакаат луто, но што се однесува до мене, малку луто пиперче може многу јадења да ги направи повкусни. Ќе им даде живот!

  • Кое е Вашето омилено парче од кујнскиот прибор?

– Тешко е да се каже, бидејќи поминувам многу време создавајќи фантастични тави со компанијата „Тефал“, како и кујнски комплет со „Филипс“. Но, она што го користам најмногу е направата за лупење, што чини околу пет евра и е едно од најосновните парчиња од кујнскиот прибор. Ја користам секојдневно и не ме разочарала никогаш.

  • Луѓето велат дека едно од најважните нешта за да се биде добар готвач е остриот нож. Што друго би додале Вие?

– Да, ножевите се многу важни, но едно или две добри тавчиња исто така можат да ви помогнат. Како и направа за лупење и добар блендер. Но, морам да кажам дека вреди да се инвестира и во добри чинии и чаши, бидејќи тие ја прават храната попривлечна.

  • Во Вашиот проект „The Fifteen Apprentice Program“ им помагате на млади луѓе во тешка ситуација да изградат готвачки кариери. Дали препознавате дел од себеси во нив, со оглед на фактот дека почнавте да готвите на 16 години?

– Почнав да готвам кога имав околу 9 години, а на 16 се запишав во угостителско училиште. Она што го научив таму е дека ако имаш добри ментори и учители, можеш да постигнеш многу. Оттука, овој проект е мој начин да ѝ се оддолжам на угостителската индустрија. Ги ангажираме овие млади луѓе, од коишто многумина се соочуваат со најразлични проблеми во животот, и им даваме шанса да добијат квалификација што ќе им помогне да изградат кариера. И ако работите напорно, угостителството секогаш ќе се „грижи“ за вас.

  • Го паметите ли првото јадење што го зготвивте сам?

– Кога имав околу 11 години, направив вечера со печено пилешко за моите родители и мојата сестра. Излезе многу добро и беа горди на мене.

  • Има ли други добри готвачи во Вашето семејство, кои Ви помогнаа кога ги правевте првите чекори во готвењето?

– И мајка ми и татко ми се одлични готвачи. Татко ми сѐ уште го води пабот „Крикетерс“ во Есекс, каде што пораснав, така што секогаш станува рано, пече леб и спрема најразлични состојки за ручек. Тој беше мојата прва инспирација.

  • Дали знаете или сте пробале некое специфично јадење од овој дел од Европа, поточно од Балканот?

– За жал, не. Сум пробал единствено мусака – јадење што со ситни варијации се спрема речиси во сите земји на Балканот. Но, луѓето од мојот тим ми ги пренесуваат своите искуства од тој регион на Европа. Ми се допаѓа тоа што постојано спремате по три оброка дневно. Го почитувате традиционалното готвење, а во вашите јадења е присутно месото на различни начини, што е многу добро. Се надевам дека ќе имам можност лично да ги пробам тие убави рецепти, со неизбежните домашни ракија или вино.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2014 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *