Сутерен.мк

Јасна Котеска: Облеката на полот

Нашето полово секојдневие е маскарада. Успешноста со која трансвеститите го „глумат“ спротивниот пол е доказ колку половата облека е претерана

Има една сцена од романот „Орландо“ (1928) на Вирџинија Вулф, во која е опишан моментот кога младиот Орландо, дворјанин од времето кралицата Елизабета, се вљубува во руската принцеза Марушка. Зима е, а бродот на руската амбасада замрзнува на Темза и кралицата организира забава на лизгалки во нивна чест. На таа забава никој не чекори, сите лебдат (што убаво се гледа во филмот на Сали Потер, кој го екранизира романот на Вулф), тоа е фестивал без гравитација. И на тоа место без гравитација, Орландо се вљубува во Марушка, но бидејќи таа е облечена во широка туника, тој не може веднаш и со сигурност да погоди дали таа е момче или девојка. Коментарот на Вулф гласи дека „руската мода, од она време, работеше на поништување разликите меѓу половите“. Што е интересно, бидејќи модата од сите времиња, најчесто, работи на стого цементирање на кодексите за тоа што е машка, а што е женска облека.

Машко или женско – тоа е првата разлика што ја правиме кога ќе здогледаме друг човек. И свикнати сме, таа разлика да ја правиме без двоумење. Анатомијата е исто толку сигурна во оваа разлика, па и повеќе од нас. Но, психоанализата, не е. Веќе конзервативниот Фројд пишува дека во психата нема ништо што може да се определи како машкост или како женскост. Нив погрешно ги сметаме за душевни квалитети. Машкоста и женскоста во едно тело се колебаат на таков начин, што не треба многу мудрост за да се согледа дека да се „глуми“ маж или да се „глуми“ жена е едвај покорување на анатомијата и на конвенциите.

Најстрогата меѓу конвенциите е, секако, модната. Погледнете ги машките трансвестити и успешноста со која тие го перформираат женскиот пол. Азис и Верка се доказ дека женската облека е, всушност, бесмислено претерана, таа е ексцесивна до тој степен, што е лесно глумена. Исто е и со машкоста, иако сме свикнати да ја гледаме како „нулта облека“ на човекот. Но, потоа, тука се примерите од Ени Ленокс и Грејс Џонс, до Марија Шерифовиќ, кои јасно покажуваат дека и машкоста се заснова на прецизен карневалски код на облекувањето. Од розевата и плавата боја за бебињата, па се’ до барањата на Фројд мажите да носат бради, а жените долги коси – сите овие маски, покажуваат дека машкоста и женскоста редовно се среќаваат како маскарада. Утринскиот ритуал на шминкањето кај жените, или на дотерувањето кај мажите, личи на ставањето воени бои кај примитивните народи. Некогаш оделе во племенски војни, денес се оди во полови војни. Нашето полово секојдневие е (воена) маскарада.

И покрај прекрасните метафори што им ги даваме на вагината и на пенисот, сами по себе, тие не се убави. Работата е како да се додаде секаков тип украси за оваа телесна голотија, од тетоважи и пирсинзи, до текстил и кроење. Човечката мода е смислена за да го надомести отсуството на интензитет, да го надомести полот, што освен во анатомска смисла, всушност – и не го носите! И парадоксално, заради отсуствотото на полов интензитет, модата го мрази телото. Затоа што телото е премногу совршено. Најдобрата приказна на тема мода е „Царот е гол“ од Андерсен, таа потврдува дека модата е прашање на лицемерие – идеалната облека на човекот е – човечката кожа. Модата е поврзана со правењето полово тело. Затоа е модата во војна со природното. Забележете како секоја летна модна линија е секогаш претставена во зима, а секоја зимска во лето. Тоа е минимален доказ дека модата е во конфликт со природното. Модата не е во конфликт со природното анатомско тело, туку со отсуството на „внатрешниот“ пол. Унисекс облеката е униформа на отпорот (тинејџерска, бунтовничка или перформативна), но е истовремено и изгубена битка против тиранијата на задолжителната половост.

Половата модна тиранија не е единствената, тука е и класната. На извесен начин, марксизмот беше во право, иако секогаш со погрешна причина. Тој велеше дека модата е секогаш веќе виновна, затоа што е кражба од другите биолошки и еколошки системи. Чинијата со ретки школки потопени во маслиново масло не е наменета за задоволување на гладта. Облеката на Луј Витон не е наменета за заштита од надворешните услови, таа е наменета за полова сигнализација. И за ослободување од таа сигнализација, уште античките народи смисле карневали. Мажите се преоблекувале во жени, принцовите станувале слуги, за таа една вечер, сите имале можност да се ослободат од бесмислените полови и класни ролји. Има една приказна за кралицата Елизабета од Унгарија, која била прекрасна принцеза, но обожувала да се самопонижува јавно. Карневалското поведение било можност да се ослободи тензијата од непостоечките разлики. Кадешто нема полови, нема ниту тензија, нема гравитација, како во романот за Орландо. Играта со андрогиноста, погрешно се чита како перверзна желба човештвото да престане да ја прави разликата помеѓу машко и женско. Затоа што тоа барање е и невозможно и сосема глупаво. Ослободувањето од тираниската облека на половите, од половите знаци е отпор против гравитацијата, предизвикана од, честопати невозможните односи помеѓу половите.

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *