На 13 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ) ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од пионерот на уметничките партиципативни инсталации во Македонија, Симон Узуновски (Белград, 4 август 1949 – Скопје, 10 декември 2018)
Инсталациите и перформансите ќе бидат претставени со фотодокументација што ќе ги долови 70-тите години и ентузијазмот со кој Симон Узуновски заразно ја ширеше идејата за демократизацијата на уметноста.
„Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е, сепак, насочен на најзначајниот за него период на 70-тите години на 20 век, период кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики.
Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини“, велат кураторите на поставката.
Узуновски активно твореше речиси 50 години, а долго време работеше и живееше на италијанскиот остров Капри. Своите најрадикални уметнички пробиви ги оствари во втората половина на 70-тите, со реализација на редица изложби, акции и партиципативни просторни инсталации, како оние во аулата на Филозофскиот факултет (1977 – 1978) во рамките на активноста на Естетичката лабораторија, потоа во галеријата „Кора“ (1977), уличната акција (1977) и легендарната изложба/инсталација во подрумскиот простор на улицата „Максим Горки“ (1978/1979).
Во 1984-та учествува на изложбата „Нови појави во македонската ликовна уметност во последната деценија“ во Домот на младите „25 Мај“ – Скопје. Истата година, во Домот на младите ја реализира и својата самостојна изложба / амбиентална инсталација. Во 1994-та во Музеј на град Скопје е прикажано неговото дваесетгодишно творештво, а во 1995-та, 1996-та и 1997-ма учествува на изложбите во Чифте амам.
Од 2003-та зачестува неговото присуство во МСУ и е дел од проектот „Идеја-тека“ (Избор на документи од концептуалниот дискурс во Македонија), „Невидливиот пејзаж“ во 2013 година, „Солидарноста – недовршен проект“ (Постојаната поставка) во 2014-та, и „Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-тите и во 80-тите“ во 2020 година.
Со својата неуморна енергија, подготвеноста за акција и отвореноста кон вклучувањето во современите уметнички текови, Узуновски и во изминатите години беше присутен во алтернативните пробиви на дел од помладите генерации уметници, собрани околу неформалното колективно дејствување, иницијативата „Кооперација“ и нивната активност свртена кон критика на институционалната и идеолошки и политички детерминирана културна политика.
Во поставката, што ќе биде отворена до 25 октомври, ќе бидат изложени повеќе од 100 дела што вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е препознатливо делото на Узуновски.
Неговото творештво ќе го претстават петмина историчари на уметноста и негови блиски пријатели: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а при подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.