“Се работи за новела во која секојдневното, реалното време и космичкото или надреалното се мајсторски изместени, помешани. Тоа е литература што ве тера на размислување и себе-преиспитување. Ова е роман кој нема да ве остави рамнодушен“, рече на синоќешната промоција на „Една книга“ од Валентин Нешовски во скопска „Каза“, академскиот сликар Сергеј Андреевски.
“’Една книга’ е филозофски роман претежно напишан во течна и возбудлива дијалошка форма“, истакна другиот промотор, Тони Поповски, архитект и политиколог.
Според Поповски романот се занимава со трансформативната и дисруптивна моќ на новите технологии во кои Нешовски има навлезено преку неспорно долго и макотрпно истражување, коментирајќи ја нивната целисходност, поврзаните очекувања но и ризици. Сам по себе овој тематски аспект е новина во македонската литература.
“Топло ја препорачувам оваа книга за читање. Ќе најдете низа одговори на класични и современи филозофски прашања, но и насока како да се пристапи низ живеењето како патување во потрага по неодговорените“, рече Поповски.
Книгата е во издание на „Или-Или“ а ја има во книжарниците на „Или – Или“ и „Полица“.