Сутерен.мк

Заканите со бомби треба да се сфатат сериозно!

Скопските средни училишта трет ден се мета на закани за поставени бомби, добиени по електронски пат.
Иако истрагата на МВР покажа дека се работи за лажни дојави, безбедносните експерти предупредуваат дека ваквите закани треба да се сфатат сериозно!

„Граѓаните да бидат спокојни. Секако дека службите ќе одговорат на овој предизвик, а целта е вознемирување, праќање порака и се случува во многу важни моменти за државата со цел да се наруши нејзиниот углед“, вели безбедносниот експерт Владимир Пивоваров по лажните закани за бомби во повеќе училишта во Скопје во изминатите денови.
Според него, ваквите состојби се случуваат во одредени моменти не само кај нас, туку и во регионот, како во Србија, Црна Гора и во Албанија.

-Се случува кога има некои настани, кога имаше некои посети, некои носења на политички одлуки, значи во тие моменти почнуваат тие, така почна и кај нас. Значи не вчера, завчера првите пет дојави што беа беше точно тајмингот поклопен со времето на доаѓањето на европската комесарка и на претседателката на ЕК, Фон дер Лајен и потпишувањето на Фронтекс, истакна Пивоваров, кој е национален координатор за гранично управување.

Тоа е момент, појаснува тој за МИА, кој треба сериозно да се истражи, кој стои позади овие наводно хакерски напади или, како што рече, можеби се некои мобилистички желби или идеи.

Во однос на штетите, тој смета дека чинат многу пари поради ангажирање на полицијата, службите и технички и кадровски и секако поради тоа што децата не одеа на училиште, се губат часови, се внесува можна нервоза кај населението.

-На секој ваков настан мора сериозно да се пристапи бидејќи не се знае во старт дали е лажна или вистинита. И во Србија беше еден временски период и престана. И во Загреб, додаде тој.

Потсети дека во Србија практично ваквите дојави беа поврзани со настаните особено кога требаше да се преговара со Лајчак за ситуацијата Србија – Косово, што според него, се врзуваше со некој политички, пред се крупен настан како што беше нашиот вчера.

Прашан за местото од каде доаѓаат лажните дојави, Пивоваров вели дека претпоставено може да биде од секаде.

-Не мора да значи дека е токму од кај нас, може да е од таму некаде, може да е од трета земја, четврта. Но гледам дека во сите случаи и во регионот сите закани детектирани се дека доаѓаат од некои странски земји. Значи никој не се осудува од држава да упати закана, бидејќи многу лесно ќе биде откриен. Тоа е нормален начин како тие сакаат да ги скријат трагите, односно да си ја постигнат својата цел, појаснува експертот од областа на безбедност.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за причините за дојавите за бомби рече дека може да бидат политички, геостратешки или поради бизнис, и дека се знае дека заканите се испратени од странство.

– Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот, рече Спасовски.

Во изминатите три дена дојави за бомби имаше во осум, односно во девет средни училишта. Веднаш по добиените пријави, полициски службеници преземаа мерки за безбедно евакуирање на училиштето и антитерористички проверки и беше констирано дека сите се лажни. Дојава има и денеска, според полицијата на мејл адреса на едно училиште во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *