Имам една роднина која ми е многу блиска и со која често се гледаме. Со години се дружиме интензивно, ама се ми се чини дека таа дружба не е искрена туку дека само ме користи за разни контакти, за да извлече нешто од останатите роднини, пријатели. Навидум е љубезна и искрена, но во последнава година дена почна да ми станува јасно дека не е таква за каква што се прикажува. Немам некои конкретни докази, но кога сум со неа како нешто да ме притиска, вознемирена сум, не се чувствувам добро. Како постојано да сум на некоја задача, како да сум крива за нешто. Не ми е пријатно во нејзиното друштво.Имате поим за што се работи?
Искра, 31
Искра дарлинг, околу поимите долга и широка е, но нешто може да се претпостави… Со манипулаторите е тешко да се излезе на крај, но не и невозможно. Потребно е само повеќе труд и трпение.
Станува збор за сорта на луѓе кои се неверојатно способни да ги контролираат и искористуваат другите. За таа цел некои како алатки ќе употребат закани, некои ласкање, други ќе ве омаловажуваат или пак, ќе се обидат да ви предизвикаат чувство на вина.
Во секој случај, никогаш нема да бидете начисто со нив: еднаш се фини и шармантни, другпат бесни, па нагло студени. Едно е сигурно – доколку често се чувствувате како да сте под притисок, под стрес, вознемирени или незадоволни од комуникацијата со некоја личност, многу е веројатно дека таа манипулира со вас.
Обично манипулаторите играат на вашите слаби точки. На пример, ако важите за одговорна личност, таа токму тука и ќе нападне – на вашето најмало доцнење ќе ве прогласи за неспособни. И ќе ви извади од „фиока“ некои стари ситуации кои ќе и ја „поткрепат“ тезата.
Едно од нивните „правила“ е и тоа што постојано изигруваат жртва. Бескрајни се нивните оправдувања за постапките. А едно од вашите правила би требало да биде она, никогаш да не ги прифаќате нивните „великодушни“ понуди да ви помогнат, како ни подароците што ви ги нуди. Ниту еден манипулатор тоа не го прави од срце, туку само за подоцна да побара противуслуга. Или, ако ништо друго, да може лесно да ве прогласи за неблагодарни искористувачи!?
Најважно е велат, експертите, да се постават граници во вашата комуникација и тие да се почитуваат по секоја цена. Спротиставете им се на нивните лаги и полувистини со логика, а не со емоции, но никако не попуштајте па дури и да липаат како на погреб.
Е сега, кога еднаш ќе сфатат дека сте ги прозреле односно, дека не сакате повеќе да сте под нивна контрола, очекувајте и подрастични потези.
Освен што наоколу ќе раскажуваат мелодрами како тешко сте ги повредиле и изневериле не е чудно да почнат и темелна хајка против вас, кај сите ваши соработници, пријатели, семејство.
Најдобро е секако, тој да „исчезне“ од вашиот живот, но во вашиов случај е тоа тешко, „врзани“ сте семејно така што, дистaнцирајте се колку што можете повеќе и игнорирајте ги неговите замки. Кога тогаш ќе се умори, а вие откако ќе излезете од неговите канџи, ќе се чувствувате многу, многу подобро…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)