Сутерен.мк

Модерните психијатри произведуваат разбудени пациенти

Со децении, психотерапијата им се најде на милиони луѓе во светот така што ги сослушуваше без предрасуди за нив и им помагаше подобро да ја разберат ситуацијата во која се наоѓаат за полесно да најдат излез од проблемите. Новите психотерапевти, задоени од разбудената идеологија, не мора да слушаат. Ним им е битно само во кој колективитет да те стават

Една нова книга, „Цинични терапии: перспективи за антитерапевтската природа на критичката социјална правда“, уредена од психотерапевтот доктор Вал Томас, го прикажува активистичкиот пресврт што професионалната психотерапија го доживеа последниве години. Во 21 поглавје, британски и американски психотерапевти ги изложуваат алармантните промени што ги забележале во нивната професија.

Тие покажуваат дека терапијата денес повеќе не е насочена кон клиентот ниту е политички неутрална практика. Наместо тоа, таа станала производ на критичката идеологија на социјалната правда – разбирање на општеството засновано на поими за групен идентитет и хиерархии на угнетување.

 

Наместо да ги третираат своите пациенти како поединци, „разбудените“ терапевти ги гледаат како претставници на нивната раса или родова група. Наместо да ги доживеат нивните специфични проблеми и уникатни околности, тие пациентите ги етикетираат или како угнетени или како привилегирани. Ваквите терапевти-активисти повеќе се занимаваат со регрутирање пациенти за нивната кауза отколку со нивно сослушување.

Клучните принципи на критичката социјална правда се дека јазикот ја конструира реалноста; дека нечие „животно искуство“ е поважно од објективноста; дека нечиј идентитет ја одредува моќта во општеството…. Оттука и терапевтите кои се влезени во таа матрица како најважна димензија на човечкото искуство го гледаат социјалниот и културниот контекст.

За нив, депресијата и анксиозноста произлегуваат од нерамнотежата на моќта помеѓу привилегираните и угнетените. Наместо да им се помага на поединците подобро да се приспособат на нивните животни околности, „модерните“ психотерапевти сè повеќе се занимаваат со промена на општеството како целина.

За разлика од, на пример, бихејвиоралната терапија која се труди пациентите да ги оттргне од некорисните наративи и однесувања, оваа пракса ги охрабрува да продолжат да се чувствуваат како жртви и тоа станува централен дел од нивниот идентитет. Накратко, ги вкопува во проблемите и не им дозволува да мрднат напред.

На тој начин, психотерапијата се надоврза на долгата листа културни практики (образование, медиуми, институции) кои се заробени од разбуденото размислување. Терапевтите сепак имаат посебна одговорност бидејќи тие се справуваат со нас кога сме најранливи. Тие ја претвораат терапијата во антитерапевтска практика, онаа која ја ослабува индивидуата, негува огорченост и поттикнува чувство на жртва, злоупотребувајќи ја довербата што им ја даваме, во име на нивните политички цели, пишува Џоана Вилијамс.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *