Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Мерчендајзер за Владата

Пред почетокот на секоја туристичка сезона во земјава се отвора прашањето за одлив на работници. И тоа не е случајно, бидејќи голем дел од македонските работници, особено оние од угостителскиот сектор, заминуваат на привремена сезонска работа во Хрватска или Црна Гора, додека нашиот туристички град Охрид мака мачи да најде работници. Не е поразлична ситуацијата ниту во Скопје, каде скопските угостителски работодавачи по социјалните мрежи секојдневно објавуваат огласи за вработување на лица во овој сектор.

Но, не е само угостителството (иако таму е најголема побарувачката), бројни огласи можат да се забележат и за други економски гранки, а за да биде огласот што е можно повеќе атрактивен, очигледно е дека на помош се повикуваат маркетинг агенциите, кои со своите креативни огласни решенија што ги смислуваат за работодавачите, се обидуваат да ги придобијат работниците.

Па така, не ретко можете да видите оглас во кој се бара унапредувач на продажба или менаџер за продажба, што со мали нијанси е еднакво на продавач. Или, пак, мерчендајзер, израз кој звучи светски, а всушност значи унапредувач на продажба, односно продавач.Тука е и зборот агент за продажба, што мора да признаеме дека звучи одговорно, важно и бондовски. Еднакво како и изразите административен асистент или асистент на директор, кои е нови зборови за старата добра секретарка.

Не ми е поентата да ги навредам лицата кои имаат вакви звања во своите компании или институции, Туку да им предочам на врвните менаџери кои бараат кадар со вакви звања, дека оваа илузија е со краток здив. Можете да смислувате и најсветски имиња за работник, но се додека на работникот му ја давате минималната плата која оддамна го има допрено дното, тој ќе заминува надвор од земјава на привремена работа, каде ќе знае дека е работник, но со плата која е вреднувана за неговиот труд.

Нему не му значи визит картата што му ја даваат од работа каде стои назив кој и самиот не го разбира, туку платата што му легнува на први во банка. Затоа, и не треба да биде за чудење ниту, пак, за смеење што некој вработен во јавната администрација земал неплатен одмор, за да може сезонски да работи во некое туристичко место надвор од Македонија, И тој сигурно има визит карта раководител на одделение или сектор, но паричните средства што ќе ги земе работејќи на Јадранот, многу пати ја надминуваат неговата плата како раководител.

И навистина не знам зошто на работодавачите во Македонија се уште не им е јасно зошто не можат да најдат работници. Велат немало квалитетни работници.
Другарчиња, колку квалитетни сакате да бидат за минимална плата, која не стигнува да го протурка месецот еден човек, а не пак, цело едно семејство? Квалитетните работници даваат квалитет, но тој сакаат да им се исплати, и затоа заминуваат онаму каде процениле дека нивниот квалитет се вреднува.

Остануваат оние кои не можат од разни причини да заминат, но и тие додека не и се отвори некаква прилика за добра заработувачка во некоја од европските земји.
Во меѓувреме Владата и Стопанската комора наместо да го решаваат овој проблем , кој очигледно на долг рок ќе не остави без квалитетни работници, тие го покриваат со увоз на работници од Бангладеш, надевајќи се дека овие ќе бидат воодушевени, ако имаат звање унапредувач, мерчендајзер или асистент.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *