Кралот Харалд В им честитал на парот, велејќи дека е среќен што му посака добредојде на г-дин Верет во неговото семејство.
Принцезата минатата година се повлече од своите кралски должности за да го води бизнисот со алтернативна медицина што го дели со нејзиниот вереник. Верет е познат по промовирање на неосновани медицински практики. Тој сугерира дека ракот е избор и продавал медаљони преку Интернет кои наводно штитат од Ковид-19, додека принцезата Марта Луиз тврдеше дека може да комуницира со ангели.
Тие ја објавија својата свршувачка во јуни 2022 година и го добија кралскиот благослов. „Возбудени сме што Дурек Верет му се придружи на семејството и со нетрпение очекуваме да го прославиме големиот ден со нив“, се вели во соопштението на кралот и кралицата на Норвешка објавено вчера. „Им посакуваме се најдобро на Марта и Дурек.“
Свадбата ќе се одржи во живописниот норвешки град Гејрангер, на брегот на фјорд кој е прогласен за светско наследство на УНЕСКО, на 31 август 2024 година, напиша Марта Луиз на Инстаграм. Верет ќе се пресели во Норвешка и ќе му се придружи на кралското семејство без никаква титула, објави норвешката државна телевизија НРК.
Холивудскиот гуру, кој се опишува себеси како шаман од 6-та генерација, тврди дека воскреснал од мртвите и ги предвидел нападите од 11 септември во САД две години пред да се случат.
Верет, кој е Афроамериканец, призна дека неговите верувања можеби се непријатни за некои и тврди дека критиките со кои се соочува се резултат на расизам.
Марта Луиз во ноември минатата година изјави дека повеќе нема да извршува службени должности за норвешкото кралско семејство до понатамошно известување. Одлуката дојде откако принцезата неколку пати беше критикувана за мешање на комерцијални интереси со нејзината официјална титула.
Таа со децении предизвикува контроверзии во Норвешка поради нејзината вклученост во алтернативно лекување, вклучително и отворање училиште кое имало за цел да им помогне на луѓето „да стапат во контакт со нивните ангели“.
Сестрата на норвешкиот престолонаследник Хакон има три ќерки од првиот брак. Принцезата претходно беше во брак со писателот Ари Бен.
Тие се разведоа во 2017 година, а Бен, кој рече дека боледува од депресија, изврши самоубиство на Божиќ 2019 година.