Кога ќе грмне тапанот на 14-годишната битолчанка Бојана Илиевска, станува јасно дека тапанарството не е само машка професија. Таа беше меѓу петте девојчиња од Школата за традиционални инструменти при Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ кои свирејќи тапани учествуваа на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. Младата тапанарка вели дека љубовта кон овој инструмент ја наследила од татко ѝ.
„Почнав да тропам на тапани од мојата седма година. Инспирација ми беше мојот татко кој исто така свиреше на тапани. Тој почина и јас се обидувам да ја продолжам семејната традиција. Многу сакам да настапувам на концерти. Исто така сакам да научам да свирам и на џез тапани и тарабука. Иако не се запишав во средно музичко училиште, никогаш нема да се откажам од тапаните“, вели Бојана.
Додава дека тапанот како инструмент не е тежок, ако се има желба да се свири на него. Покрај Бојана Илиевска, во Ансамблот за фолклор „Гоце Делчев“ на тапан тропаат и Стефани Талевска, Стефанија Стефановска, Марија Трајчевска и Софија Вртлевска.
„Не е важно дали свирачот е маж или жена. За тапанот треба да имаш фат и навика да вежбаш и свириш“ вели Илиевска.
Школата за изучување традиционални, односно изворни инструменти како гајда, кавал, зурла, дудук, шупелка, тамбура, тапан е формирана во 2008 во рамките на Ансамблот за фолклор „Гоце Делечев“ кој постои 42 години и е еден од најнаградуваните во Македонија.
„Секаде каде одиме на фестивали како атракција прво почнуваме со нашите тапанџии. Имаме многу покани за гостување. Од секаде тапанџиите се враќаат со награди. Настапувале низ повеќето градови во Македонија и во странство. Моментално има пет девојчиња кои тропаат на тапани и се на возраст од 13 до 18 години, а се надеваме дека за скоро ќе ја имаме и првата гајдаџика. Интересот за изучување тепани се зголемува, не само кај девојиња, туку и момчиња. Во школото имаме 50 момчиња, најмалото има 6 години “, вели Бранко Жежовски, претседател на АФ „Гоце Делчев“, раководител на Школата и создавач на многу оригинални кореографии.