Сутерен.мк

Направете чекор

Не знам дали е до мене или до машкиот пол. Сакам да имам дечко, а немам. Не мора веднаш да се почнува некоја сериозна врска, ама да имам некој покрај мене.

Со тие што излегував до сега ништо не успеа. Ќе се јави кога на него му требам, а јас кога ќе го побарам нема време за мене. Сакам да запознам некој нов, со кој се ќе почне од почеток и ќе биде интересно.

Еве сега почнав да работам и секојдневно гледам еден згоден тип. Не знам ни што точно работи, не знам ни како се вика. Не знам ни точно колку години има (јас мислам дека има до 29г, а јас имам 22г).  Можеби е женет, а можеби и не е. Интересно е тоа што кога и да ме види ми се насмевнува и ме поздравува. Ми се свиѓа бидејќи е црн и висок, а тоа е нешто што сакам кај некое машко.

Интересно е тоа што си има свој живот и сигурно не мисли на мене како што јас мислам за него. Ама тогаш зошто ме гледа така под око, за да види што правам?! Ме охрабри и случајноста – во еден ист ден да бидеме и двајцата облечени во карирана кошула.

Инаку сум срамежлива личност и не знам како да го запознам подобро? А животот е толку непредвидлив. Имам страв да не ме откачи, ако пробам да му се приближам, само поради тоа не преземам ништо, а и не сакам да бидам погрешно сватена од негова страна и не сакам да изгледам како нападна девојка.

Не знам што да правам и како да дознаам дали барем малку му се допаѓам? Со фактот дека ништо не знам за него, само дека ми се допаѓа, свесна сум дека не треба да очекувам нешто многу, ама доволно ми е пријателство. Никогаш не се знае ништо однапред. Ми треба совет. Напишав еден куп глупости и се надевам дека не ти одземав многу време… и чекам некаков одговор.

Ем Мила, Ем Драга, Елена

Елена дарлинг, проблеми има кога сте во врска, а не обратно. Старите не за џабе, за љубовта рекле „бељата сам, на магаре си ја донесе“. Меѓутоа, сите знаеме, без таа беља особено, на тие години, не се може.

Стручњаците велат дека дури 55 отсто од комуникациите е говор на телото, 38 отсто интонација на кажаното, а само седум отсто е она што всушност, тие зборови значат. Тоа значи дека во 93 отсто од целокупните контакти, разговараме невербално. Очигледно, гласните објекти во движење многу полесно ќе ги забележиме. Тоа е основната лекција: бидете му постојано, пред очи.

Најстариот штос, што се уште функционира е да бидете дама во неволја. Побарајте некаква помош од него: да ви ја одглави шнолата од косата, копир – машината, да ви покаже некој сајт на компјутерот (лаптопот), некојa програмa, но не заборавајте притоа да му дадете комплимент – демек, ви изгледа како некој кој се разбира технологии, дека убаво мириса (прашајте за парфемот)…

Побарајте мислење за што и да е или прокоментирајте ја книгата/списанието што го чита, направете духовита забелешка за некој политички настан (ситуација во вашето опкружување – гужва на шалтер, лоша келнерка, гласна музика…), кога е тој во близина, а можете и само да се насмевнете и едноставно, да кажете здраво. Први.

Мене, омилен трик ми е кога се глуми дека на братот/ братучедот му е роденден, а тој еднаш носел толку добра кошула (запаметете го дезенот) што би сакале баш таква да му подарите и дека страшно ве интересира каде ја купил?

Ете и начин да дознаете дали гардеробата му ја бира некоја женска персона или тој самиот. Во било кој случај, потоа поканете го на пијачка, во знак на благодарност.

Што се однесува до „фаталните коинциденции“, јас попрво би се загрижила околу нив: маж кој се облекува како мене, не ми изгледа нешто ветувачки. Шегата настрана, направете чекор.

Ништо не губите…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *