Историјата на човештвото е полна со војни. Некои се воделе за ресурси, други од инает, трети од одмазда. Но таканаречената „Војна за кофата“ од 1325 година многумина ја сметаат за најбесмислената војна во историјата
Според популарната верзија, по години тензии, група жители на Модена влегле во Болоња и украле дрвена кофа од градскиот бунар. Болоњците побарале кофата да биде вратена, но владетелот на Модена одбил. Тоа довело до војна, која кулминирала со битката кај Каполина во 1325 година, а победила моденската војска.
Ова е фасцинантна приказна, но колку е точна? Според Кенет Бартлет, професор по историја на Универзитетот во Торонто, вистинските причини биле многу подлабоки.
Бартлет објаснува дека Болоња и Модена биле на спротивни страни од идеолошката поделба што го обележала северот на Италија уште од 12 век. Во суштина, се работело за борба за власт меѓу папството и Светото римско царство.
По падот на Западното римско царство, Италија станала мозаик од градови-држави. Некои владетели барале легитимитет и заштита од папата, други од царот.
Оние што го поддржувале папството се нарекувале гвелфи, а оние што биле на страната на царот – гибелини. Таа поделба не била апстрактна, туку директно влијаела врз класите, политиката и секојдневниот живот. Болоња станала водечки гвелфски град и дел од папската држава, додека Модена ја имала поддршката од царот.
Професорот укажува дека многу поверојатен повод за судирот било заземањето на болоњската тврдина Монтовељо од страна на Модена во септември 1325 година. Тоа претставувало сериозна закана за Болоња.
По години конфликти, оваа акција ја прелеала чашата. Во ноември 1325 година, помалобројната моденска војска, составена од професионални германски војници испратени од царот, се судрила со многубројната, но недоволно обучена војска на Болоња кај Каполина. Победата на Модена била убедлива.
Приказната за украдената кофа најверојатно настанала подоцна, како симболично објаснување на војната. Многу е поверојатно дека кофата била земена по битката, а не пред неа. Во 17 век италијанскиот поет Алесандро Тасони ја засилил оваа легенда со сатиричниот еп „Грабнатата кофа“.
Денес, оригиналната кофа се чува во градската општина во Модена, а нејзина копија стои во катедралата во градот.
– Историјата и митовите се само различни начини на раскажување. Тие служат за градење национална гордост, идентитет и сеќавање на минатото – пишува Бартлет.
Така, „Војната за кофата“ не е само анегдота за една бесмислена војна, туку вистински конфликт со длабоки политички и идеолошки причини, кој подоцна бил претворен во мит исполнет со шарм и иронија.