Сутерен.мк

Женственост

Гледам на ТВ анкета на тема „што е вистинска жена?“ Одговараа луѓе од различни профили, но и луѓе без професија. Кои, од причини што никому не му се јасни, се фаци кои постојано ги има на ТВ и по весници. Најчесто, токму вака – одговараат на сенешто! Нејсе.

Иако е голем проблем кој се е „селебрити“ во милава ни земја, муабетот ми е што ниту еден од самонабедените големи познавачи на „послабиот“ пол не даде интелигентен одговор. Главно, речениците беа од типот „да е нашминкана, ’скоцкана’, тенка, насмеана…“ Тантара – пантара. „Да се грижи за својот изглед, за себе…“ (Да се грижи за себе или за тоа што ќе речат другите!?) Што е пострашно, овие критериуми беа особено потенцирани од испитаниците – жени!
Индустријата добро знае дека најголемите потрошувачи се жените и децата. Токму затоа и огромни суми се фрлаат на реклами за препаратите за слабеење, разубавување. Агресивниот тренд дека убавината е само во виткоста, наложува никој постар од седум години да нема повеќе од четириесет килограми.

Демек, ако постојано предизвикувам кај околината желба да ми купат сендвич, јас сум елеганција ви движење?! Цел живот ќе го поминеш копнеејќи по парче пица или торта, години ќе се изгубат во мачкање на лицето и телото само затоа што таму некој, нешто си замислил!? Тарантино, во една прилика покажа дека е умен човек. Во еден од филмовите ја дозволи репликата: „Она што е убаво за окото обично, не е пријатно за раката.“
Во сите цивилизации козметиката и модата имале исклучително значење. Затоа што убавината е уште едно (во пракса, многу празно) ветување на среќа. Меѓутоа, надворешноста е културолошки феномен: она што е убаво денес, не било прифатливо вчера и нема да е допадливо утре.

Историјата памети жени – планети, но при портретирањето на нивната важност, прашањето на изгледот е само помошна алатка во доловувањето на пејсажот.

Свесни за минливоста на физичкиот изглед, т.е. дека стареењето е процес што не може да се запре, умните жени се свртуваат кон активности што многу повеќе ќе им говорат на идните генерации за нивното значење отколку амбалажата. Затоа што, ние не сме совршени. Ниту во своите мисли и чувства ниту пак, физички. Лицето е нашиот изминат живот. Секоја брчка е бразда љубов: испочитувана, понижена, премолчена… Бразда за почит. Што достојно сме си ја заработиле.
Велат, дотерана жена е самоуверена жена. Не е така. Самоуверена е онаа која не станува во пет часот наутро, ако не и се станува, само за да изгледа „топ“! Самоуверена е онаа што не го носи она, што не и се облекува. Самоуверена е онаа, која е задоволна од себе си, а не од она што околината го зборува за неа! Сеедно дали е нашминкана, дотерана, витка или обратно.

Една многу важна жена на светов и веков, рекла: „ Колкаво што е чувството на второстепеност на жената во односот со мажот, толкава е и нејзината желба за украсување!“
Женственост?! Женственост е исто што и човештина само, малку повеќе од тоа…

Бранка Доневска Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *