Еден од причините за толку високата смртност е раширеното мислење дека срцевиот застој се случува целосно без предупредување. Сепак, истражувањата покажуваат дека карактеристични симптоми може да се појават пред срцевиот застој, а нивното препознавање може значително да ги зголеми шансите за преживување.
Кај мажите, главниот симптом кој му претходи на срцевиот застој е ненадејната појава на болка во градите. Кај жените, пак, најчестиот знак е ненадејното отежнато дишење, односно недостигот на воздух.
Овие симптоми може да се појават дури 24 часа пред ненадејниот срцев застој, покажало истражување објавено во 2023 година во списанието Lancet Digital Health.
„Дури 50 отсто од мажите и жените ги пријавуваат овие предупредувачки симптоми пред срцевиот застој“, вели авторот на студијата, д-р Сумит Чуг, медицински директор на Центарот за нарушувања на срцевиот ритам при Одделот за кардиологија, пишува The Healthy.
Што е срцев застој?
Срцевиот застој настанува кога срцето ненадејно престанува да пумпа крв. До него доаѓа поради одредени видови аритмии, односно нарушувања на срцевиот ритам, кои го спречуваат срцето нормално да ја пумпа крвта низ организмот.
Првиот очигледен знак на срцев застој често е губење на свеста. Потоа, со секоја измината минута без помош, ризикот од смрт значително се зголемува. Во рок од 10 минути, повеќето луѓе нема да преживеат, пренесува Danas.rs.
Сепак, препознавањето на раните предупредувачки знаци може драматично да ги зголеми шансите за преживување.

Обрнете внимание на предупредувачките знаци
Д-р Чуг и неговите колеги спровеле истражувања во округот Вентура во Калифорнија и во Портланд, Орегон. Тие ги анализирале поединечните симптоми, како и комбинациите на симптоми кои се појавувале пред ненадејниот срцев застој, а потоа ги споредиле со симптомите кај лица кои исто така побарале итна медицинска помош, но не доживеале срцев застој.
Во Калифорнија, половина од 823 лица кои доживеале ненадеен срцев застој, а чиј настан бил забележан од случајни минувачи или од медицински лица на итната помош, имале најмалку еден карактеристичен симптом во претходните 24 часа. Истражувањето спроведено во Орегон покажало слични резултати.
„Повеќето луѓе едноставно ги игнорираат овие симптоми, но повикувањето итна медицинска помош може да спаси живот“, вели д-р Чуг. Тој додава дека само 20 отсто од луѓето кои ги имале овие симптоми пред срцевиот застој повикале итна помош, но нивните шанси за преживување биле шест пати поголеми отколку кај 80 отсто од оние кои не го направиле тоа.
Брзата реакција е клучна
Како што нагласува, предупредувачките симптоми се важни, но не значи дека секоја болка во градите или секое чувство на недостиг на воздух е најава за срцев застој.
„Мораме да ги земеме предвид и другите фактори заедно со предупредувачките симптоми, за да им помогнеме на луѓето да разберат дали можеби доживуваат срцев застој и дали им е потребна итна помош“, вели тој.
Меѓу факторите кои можат да го зголемат ризикот се високиот крвен притисок, дијабетесот и други постоечки заболувања.
Ако почувствувате ненадејна болка во градите или ненадејно отежнато дишење, веднаш побарајте медицинска помош, особено ако веќе имате дијагностицирана срцева болест.
„Кардиопулмоналната реанимација (CPR), изведена од присутните лица, може да спаси живот“, истакнува тој и додава дека јавноста треба да се обучува како се изведува CPR и како да се пронајде и користи автоматски надворешен дефибрилатор (AED).
Токму брзата реакција била една од причините поради кои, меѓу останатите, Брони Џејмс, синот на кошаркарот Леброн Џејмс, и играчот од НФЛ Дамар Хамлин преживеале срцев застој.
Познавањето на раните предупредувачки знаци може да спаси животи, вели Дипак Л. Бат, директор на центарот Mount Sinai Heart во Њујорк.
„Можеби постои погрешно уверување дека ненадејниот срцев застој никогаш нема никакви симптоми, но одреден број случаи сепак имаат предупредувачки симптоми, што го покажува и оваа студија“, вели тој.
Тој додава дека во такви случаи, повикувањето итна медицинска помош веднаш штом се појават симптомите, како болка во градите, наместо да се чека, потенцијално може да спаси живот.