Научниците, анализирајќи податоци од илјадници пациенти, утврдиле пет подтипови на стеатотична болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (MASLD), кои се разликуваат според карактеристиките и ризиците од подоцнежни здравствени компликации

Научниците, анализирајќи податоци од илјадници пациенти, утврдиле пет подтипови на стеатотична болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (MASLD), кои се разликуваат според карактеристиките и ризиците од подоцнежни здравствени компликации.
Ова откритие би можело да помогне во попрецизна процена на ризикот и приспособување на лекувањето кон секој пациент, пренесува РТС.
Стеатотичната болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (MASLD), порано позната како неалкохолна масна болест на црниот дроб, погодува околу 30 отсто од светската популација. Се карактеризира со натрупување масни наслаги во црниот дроб, кои во почетната фаза не мора да предизвикаат оштетувања ниту симптоми на болеста, но со текот на времето можат да доведат до сериозни последици.
Меѓу можните компликации се фиброзата, односно создавањето лузнести ткива во црниот дроб, цирозата – потежок облик на создавање лузнести промени, кој на крајот може да доведе до откажување на црниот дроб, како и кардиоваскуларни заболувања и нарушувања на функцијата на бубрезите.
Во истражувањето објавено во списанието Nature Communications, научниците, предводени од тимот на американската клиника „Мејо“ (Mayo Clinic), презентирале докази дека MASLD не треба да се разгледува исклучиво како една болест, туку како состојба што опфаќа пет различни подтипови.
Таквата поделба би можела да овозможи попрецизна процена на идните здравствени ризици и избор на соодветни терапевтски пристапи.
„Она што се појавува овде е начин систематски да се идентификуваат значајни подгрупи во рамките на една сложена болест“, изјави Ерик Кле, биоинформатичар од клиниката „Мејо“.
„Ова ни помага да ја мапираме сложената болест со таква прецизност што можеме да почнеме да го предвидуваме нејзиниот тек и да интервенираме пред да дојде до најтешките оштетувања“, објасни Кле.
Анализа на илјадници пациенти откри пет подтипови на болеста
За да ги утврдат подтиповите на MASLD, истражувачите анализирале медицински податоци од 1.532 пациенти, а потоа ги провериле добиените групи на дополнителен примерок од 3.070 пациенти.
Тие користеле компјутерско моделирање за да ги откријат заедничките биолошки карактеристики врз основа на кои пациентите можат да се распределат во различни групи.
Анализата ги опфатила полот, индексот на телесна маса (BMI), биомаркерите во крвта поврзани со оштетувањето на црниот дроб, како и придружните здравствени состојби, меѓу кои се покачениот крвен притисок, дебелината и високото ниво на холестерол.
Истражувачите се обиделе да утврдат обрасци што би можеле да останат незабележани доколку сите пациенти се набљудуваат како една единствена група.
„Кога клиничките и геномските податоци се анализираат заедно, во толку голем обем, почнуваат да се забележуваат обрасци на напредување на болеста што инаку би останале скриени“, изјави Шулан Тјен, биоинформатичарка од клиниката „Мејо“.
Таа истакна дека поделбата на пациентите во подтипови отвора можност терапијата да се насочи кон биолошките механизми што всушност ја предизвикуваат болеста.
„Кога ќе ги разделите овие подтипови, можете да почнете да го усогласувате лекувањето со биолошките процеси што навистина ја поттикнуваат болеста“, наведе Тјен.
Врз основа на анализата биле издвоени пет подтипови, означени како C1, C2, C3, C4 и C5. Потоа истражувачите ги следеле пациентите во период до десет години за да ја испитаат поврзаноста на овие групи со подоцнежните здравствени проблеми.
Различните подтипови носат различни здравствени ризици
Утврдено е дека петте групи се разликуваат според своите карактеристики, но и според ризиците од одредени компликации.
Групата C1 опфаќала околу 30 отсто од учесниците во истражувањето. Во неа биле вклучени постари пациенти кои немале дебелина, а во оваа група биле забележани релативно високи стапки на рак на црниот дроб и трансплантација на црн дроб.
Групата C5 сочинувала околу девет отсто од вкупниот број учесници. Кај неа генетиката имала значајна улога како во ризикот од развој на MASLD, така и во ризикот од компликации поврзани со болеста.
И кај останатите групи биле забележани разлики во ризиците од срцеви заболувања, откажување на црниот дроб, рак и потреба од трансплантација на црн дроб.
Според истражувачите, овие наоди укажуваат дека класифицирањето на пациентите според подтиповите би можело да помогне во попрецизно приспособување на лекувањето кон нивните потреби.
„Нашата студија нуди важни сознанија за разновидноста на MASLD и укажува на можностите за примена на персонализирани терапии“, се наведува во научниот труд.
Истражувачите додаваат дека распределувањето на пациентите во поуедначени подгрупи претставува можен пат кон персонализирана здравствена заштита.
Поврзаноста со депресијата и нарушувањата на спиењето бара дополнителни истражувања
Анализата на податоците открила и поврзаност на одредени подтипови на MASLD со состојби како што се депресијата и апнејата при спиење – нарушување кое се карактеризира со прекини во дишењето за време на спиењето.
Истражувачите наведуваат дека овие поврзаности би можеле да бидат предмет на идни студии. Сепак, петте утврдени подтипови допрва треба подетално да се испитаат на поголеми и поразновидни групи пациенти. Авторите нагласуваат дека првичните резултати се охрабрувачки, но дека е потребна дополнителна проверка на наодите.
Еден од следните чекори би можел да биде испитување на начинот на кој различните терапии влијаат врз здравствените исходи кај пациентите од различните подтипови на болеста.
Константинос Лазаридис, гастроентеролог од клиниката „Мејо“, оцени дека истражувањето ја покажува важноста од поврзувањето на генетските податоци со деталните клинички информации.
„Кога ќе ги поврзете генетските податоци со детални клинички информации од големи популации, можете да почнете повторно да ги дефинирате болестите на начин што непосредно влијае врз грижата за пациентите“, изјави Лазаридис.