Само неколку дена откако продажбата на ремек-делото на Винсент ван Гог, настанато пред самиот крај на животот на уметникот, за малку ќе пропаднеше поради тврдењата на наследниците на поранешниот сопственик дека сликата била продадена под принуда за време на нацистичкиот прогон, делото во средата вечерта беше продадено во аукциската куќа „Сотби“ во Њујорк за повеќе од 190 милиони долари, со што беше соборен дотогашниот аукциски рекорд за дело на Ван Гог
Неделата пред големата вечерна аукција на сликата „Châtaigniers en fleurs“ (Костени во цут) беше исполнета со пресврти. Неименувани наследници на Самуел Фишер, еврејски издавач кој живеел во Берлин во триесеттите години на минатиот век, тврделе дека семејството ја продало сликата исклучиво поради тешките финансиски околности предизвикани од нацистичкиот режим, пишува Си-Ен-Ен.
Од „Сотби“ и од семејството на продавачите, покојниот аргентински претприемач Карлос Педро Блакјер и неговата сопруга, покровителката на уметноста Нели Ариета де Блакјер, соопштиле дека тврдењата ги сфаќаат сериозно и дека се отворени за дијалог, иако нивните истражувања за потеклото на сликата не се совпаѓале со наводите на наследниците.
Во вторникот аукциската куќа објавила дека е постигнат договор со наследниците на Фишер, без да ги открие деталите. Веќе во средата, триминутното наддавање ја подигнало цената далеку над претходниот аукциски рекорд за дело на Ван Гог, кој изнесувал 117,2 милиони долари.

Половина век далеку од очите на јавноста
Рекордната слика ги прикажува расцветаните костени во селото Овер-сир-Оаз, каде што холандскиот мајстор ги поминал последните месеци од животот, по напуштањето на психијатриската установа.
Делото не било јавно изложено цели половина век, бидејќи семејството Блакјер-Ариета не ги позајмувало своите уметнички дела на музеите. Поради тоа, сите 12 дела од нивната колекција понудени на аукцијата со текот на времето стекнале речиси митски статус, истакнала претседателката на „Сотби“ за Европа, Хелена Њуман.
Њуман ја опишала оваа приватна колекција како „мал Музеј д’Орсеј“. На пример, делото „Арлекин“ на Пол Сезан, единственото дело од серијата слики со арлекини на уметникот што не се наоѓа во некој музеј, било продадено на истата аукција за повеќе од 111 милиони долари. Со тоа, вкупната вредност на продажбата на сите 12 слики од колекцијата достигнала речиси 412 милиони долари.
Меѓу позначајните дела биле и „En Canot“ на Пјер-Огист Реноар, продадено за 27,5 милиони долари, како и „Le Jardin des Tuileries“ на Клод Моне, кое достигнало цена од 20,23 милиони долари.
Претходно оваа недела, во аукциската куќа „Кристи“ бил поставен нов рекорд за дело на рускиот сликар Василиј Кандински. Неговата слика „Betonte Ecken“, која музејот Гугенхајм своевремено ја продал за само 62.000 долари, достигнала цена од 85,8 милиони долари.
Нов рекорд од 15,1 милион долари во понеделникот постигнала и сликата „Infinity Net“ на покојната јапонска уметница Јајои Кусама, додека дело на Рој Лихтенштајн било продадено за 24,7 милиони долари.
Од друга страна, аукциската куќа „Кристи“ во вторникот, само неколку часа пред аукцијата, ја повлекла сликата на Фрида Кало, за која претходно било објавено дека исчезнала од еден музеј во Мексико Сити. Од аукциската куќа објасниле дека делото е повлечено поради потребата од дополнително истражување.