„Кога земјата молчи“: Весна Димитрова Бобевски ја игра Велика како исповед

Монодрамата работена според „Пиреј“ од Петре М. Андреевски има премиерна изведба утре, на малата сцена на театарот „Џинот“ во Велес. Претставата, вели актерката е нејзин личен крик и поклон пред баби, прабаби и мајки што ја сочувале македонската земја и јазикот

Велешката актерка Весна Димитрова Бобевски утре (сабота, 28 ноември, 20 часот), ќе ја изведе монодрамата „Кога земјата молчи“. Претставата е создадена според „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, ќе се игра на малата сцена на театарот „Џинот“ во Велес, а инсценацијата е комплетно авторска, дело на самата Димитрова.

На прес-конференцијата пред премиерата, директорот на театарот Жарко Спасовски, рече дека е „горд што во нашиот театар имаме едно вакво дело и една ваква актерка“.

Димитрова пак, ја опиша претставата како многу повеќе од театарски настан. „За мене не е само театарска премиера, туку животен и актерски завет“, рече таа.

Во центарот на монодрамата е Велика, жена од македонско село, сопруга на Јон и мајка на пет деца. Текстот е поставен како исповед, како разговор на жената со самата себеси, со земјата, со мртвите, со живите и со спомените. Димитрова не сакала Велика да биде само раскажувачка на настани. Затоа телото, гласот, паузите, движењата и молчењето се дел од раскажувањето.

Претставата не е класична драмска постановка со надворешни ефекти, туку, како што вели авторката, „чиста, соголена исповед“.

Димитрова нагласува дека не смее да ја „глуми“ Велика: „Морам да ѝ го позајмам моето тело, мојот глас и мојот здив за таа да се исповеда пред публиката“.

За актерката Велика е архетип, столб на куќата и македонска мајка, „мајка на нацијата“. Додека мажите се на фронт, а светот се тресе од војни, болести и глад, таа ги погребува своите чеда со сопствени раце и не се откажува од животот. Нејзината големина, според Димитрова, не е во гласниот хероизам, туку во тивката истрајност.

Претставата, додава авторката, е нејзин личен крик и поклон пред баби, прабаби и мајки што ја сочувале земјата и јазикот. На гледачот му порачува: „Сакам да замине со нешто во себе. Со прашање. Со тишина.“

Проектот симболично е помогнат од ТТК банка.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *