Сутерен.мк

Ермира Мехмети: Прашањето за името е емотивно за сите

“Заштитниот знак” на Демократската унија за интеграција т.е. како што сметаат многумина, поубавата слика на оваа партија, нивниот портпарол Ермира Мехмети (1979 година) е дипломиран правник и магистер по компаративна политика. Како градско дете, израснато во интелектуална средина, “очекувањата” за неа биле кариера во уметноста, академските кругови. Спротивно на нив, а Мехмети ќе рече, сосема логично, многу млада влегува во политиката и денес, како пратеник во македонското Собрание таа е еден од повпечатливите ликови на домашната политичка сцена. Ермира Мехмети во “Теа модерна” зборува за причините за претходно кажаното, за влијанијата во нејзините избори, за “женските” битки во освојувањето на просторот, привременото “повлекување” од јавноста, бракот, релациите со Теута Арифи…

  • Многу млада покажавте интерес за политиката. Во какво опкружување пораснавте?

– За моето семејство би рекла дека е типично семејство од средната класа. Татко ми беше правник во правната служба на „Рубин Кармин“, а мајка ми работеше како социјален работник во Црвен Крст – Чаир. Ние сме три деца, одгледани и образовани со месечните примања на нашите родители. И токму од нашите родители мислам дека сме се здобиле со одредени квалитети кои се многу битни во животот. Од мојата мајка ја откривме хуманоста; од неа научивме да ги сакаме луѓето, но пред се, да се сакаме меѓу себе и да ја држиме цврста врската меѓу нас. Од неа ја научивме и човечката ведрина. Од татко ми ја научивме скромноста, но и копнежот по знаење. Неговата мудрост не знам дали некој од нас ја наследил. И интересот за политиката се разбира дека е врзан со семејството, со образованието, со она со што сме растеле.

  • Кој влијаеше најмногу за да се влезете во политиката?

– Ние сме доста хетерогено семејство. Мојот постар брат е виолинист, а помладиот студира новинарство. Јас исто така имам завршено нижo музичко училиште и свирев виолина. Во поширокото семејство воглавно имаме профили од уметноста или социјалните науки. Но интересот за политиката несомнено се роди дома и тука влијанието на мојот татко би рекла дека беше пресудно. Се уште се сеќавам на долгите, напорни и жестоки политички дебати меѓу татко ми, мајка ми и нивните пријатели или членовите на поширокото семејство.

Кога би се обидела да дадам една причина, би рекла дека основата за таквите дебати се врзува со фактот што осумдесетите години од минатиот век беа политички премногу битни за Албанците во поранешна Југославија. Тоа беа години кога некои движења кои беа начнати кон крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите, добија појасна форма и појасен правец низ кој ќе се движат до крајот на деведесетите. Затоа, мислам дека нема да погрешам, ако кажам дека секое албанско семејство беше политизирано, или битно заинтересирано за политиката.

Друга причина мислам дека е фактот што мојот татко на почетокот на шеесетите години бил политички затвореник. Се уште верувам дека до крајот на неговиот живот, тој не успеа да го пронајде внатрешниот мир поради таа голема неправда што чувствуваше дека му беше нанесена нему, само затоа што беше образован Албански интелектуалец, но уште пострашно, и на целата негова генерација. Затоа мислам дека тој многу сакаше јас да се занимавам со политика. И тоа му го должам токму нему.

  • Сте имале пред себе академска кариера, но сепак, се откажавте од неа. Жалите ли понекогаш, за ваквиот избор?

– Мојот ангажман во политиката воопшто, не е случаен. Тоа е нешто што отсекогаш ме интересирало, нешто за кое на некој начин се подготвував. Јас растев во опкружување во кое политичките дебати секогаш беа актуелни и многу динамични. Така што сосема природно беше да станам дел од едно политичко движење чија што цел беше и се уште е да ја постигне политичката рамноправност, да корегира низа историски неправди како последица на кои цели генерации етнички Албанци завршија по затвори или се отселија од нивните домови, наместо да бидат третирани како целосно еднакви припадници на општеството.

Академската кариера продолжувам да ја градам затоа што сметам дека таа е битен елемент во формирањето на една личност која претендира да претставува одреден општествен модел. Затоа и аплицирав за стипендија во Британскиот Совет, добив стипендија и одлучив да ги запишам магистерските студии на еден од најпрестижните универзитети во светот – Лондонската Школа за Економија.

Можев сосема лесно и едноставно да одберам помалку престижен универзитет на кој се бара помалку труд и помалку знаење, или пак можев воопшто, да не аплицирам за стипендија за магистерски студии. Можев да се задоволам со нешто просечно, во таа смисла и просечна академска титула. Но, јас сум од оние што бараат нешто повеќе. А бидејќи политиката ја разбирам како професионална работа, кога се вратив во Македонија со титула Магистер по компаративна политика, не побарав паралелен ангажман на некој од универзитетите, без разлика што тоа на почетокот ми беше во план. Се разбира дека таа алтернатива не сум ја отпишала целосно, само привремено е ставена во мирување.

  • Толку сте млади, а сепак, од Вас честопати се слушаат огорчени зборови. Од каде сето тоа? Не оди некако, со возраста…

– На поранешната Британска премиерка, Маргарет Тачер, или „Челичната Лејди„, сопартијците честопати и забележувале дека таа со нејзиниот пристап ја убивала дебатата во партијата и дека била премногу остра. Тачер на тоа одговорила: „ако една жена е силна, таа е остра. А, ако еден маж е силен, о Боже, па тој е толку добар човек!„

Јас не мислам дека од мене се слушаат огорчени зборови бидејќи отсекогаш сум внимавала и внимавам никого да не навредам врз личноста, полот, семејството, или професионалните квалитети. Отсекогаш аргументирано настапувам и спорам за определени политики, одлуки, ставови. Мислам дека доста добро умеам да направам разлика меѓу навредлива реторика, и политички потентна реторика. Лично секогаш се залагам за втората.

Но, има и една друга вистина. Обично, кога на прозваните не им се допаѓа реалноста, тие со леснотија ја квалификуваат како некаква горчина, острина или пак, цинизам.

  • Од самиот почеток сте во ДУИ и, од самиот почеток со целосна лојалност кон партијата, лидерот…!?

– Во ДУИ сум дури од времето кога можноста за формирање на нова партија беше само идеја за која се размислуваше. Тоа беше почетокот на 2002 година, првите месеци по завршувањето на конфликтот и враќањето на мирот и меѓуетничкото помирување. Тоа беа тешки времиња.

Луѓето кои денес се во раководството на ДУИ тогаш не се познаваа толку долго и толку добро, довербата требаше допрва да се изгради. Лидерот на партијата и неговите блиски соработници тогаш покажаа голема доверба во мене кога ме избраа за портпарол на партијата уште во првите месеци по нејзиното формирање. На таа голема доверба јас возвраќам со лојалност и сметам дека тука ништо не е погрешно, напротив, лојалноста е клучна при градењето на заеднички дом, на силна политичка партија каква што е ДУИ.

Во исто време, сметам дека мојата слобода, мојата авангардност, урбаниот дух се и понатаму специфики кои ме прават тоа што сум. Всушност, сите овие елементи ја составуваат мојата препознатливост, мојот интегритет, и без нив не би можела да ја извршувам функцијата која ја извршувам, и сигурно не би била препознатлива, туку би била само уште еден портпарол кој течно и стилски чита партиски памфлет подготвен од претпоставените.

  • Важите за толерантна, комуникативна и спонтана. Чиста спротивност на повеќето наши политичари…

– Токму ова што го велите го побива тврдењето од претходното прашање! Мислам дека сум токму таква – толерантна, спонтана, комуникативна личност. Но, за жал, не се сите политичари такви. Тоа веројатно е поради фактот што и функцијата политичар кај нас се гради врз основа на некаков стереотип, врз придавање преголемо значење за себе. Но, верувам дека таквата култура ќе се промени, бидејќи и нашата политичка сцена ќе мора во еден момент да дозволи, дури да го охрабри протокот на млади луѓе и идеи, односно промената на елитите. На младите генерации ќе мора да им се отвори патот кон политиката, а младите генерации се токму такви- слободни, без комплекси, космополитски, препознатливи, необични.

  • Вие сте симпатичниот, да не речам, (по)убавиот дел од ДУИ. Имиџот на партијата доби(ваше) позитивни поени со Вашето портпаролство. Зошто веќе Ве нема во таа улога?

– Всушност, се уште сум портпарол на партијата, меѓутоа поради пратеничката функција, се случува почесто да настапувам како пратеник, отколку како портпарол. На последниот партиски конгрес лани бев избрана за член на претседателството како раководен орган на партијата, и таму ја извршувам функцијата партиски секретар за меѓународни односи. Мислам дека доволно ме има во јавноста…

  • Сепак, како да сте поповлечени. Ви се сменија ли приоритетите со стапувањето во брак?

– Сосема природно е за секоја жена, во одреден период од животот, да направи реорганизација на приоритетите. Ако досега политичката кариера ми била топ приоритет и реално единствена преокупација, мислам дека не е воопшто погрешно, напротив, убедена сум дека е сосема нормално, сега да настапи период во животот во кој ќе се посветам на семејството. Тоа не значи дека политиката не ми е приоритет, но проаѓам низ период во кој многу напорно работам да балансирам помеѓу двете.

Мојот сопруг е на должност во Амбасадата на Македонија во Тирана, па тоа ми налага доста чести патувања на релација Скопје-Тирана. Затоа се добива впечаток дека сум повлечена, но јас, единствено физички не сум присутна во Македонија.

  • Значи, не се претворате во “просечна” жена, што во прв план го става домот и сопругот, а потоа својата кариера?

– Никогаш не сум се сметала за просечна личност. Тоа можеби звучи претенциозно, некој можеби ќе го нарече болна амбиција, но не се согласувам дека е така. Единствено, отсекогаш сум посакувала нешто повеќе во животот. И со многу голем труд, со сосема малку поддршка од страна, сум го постигнувала тоа.

Мојот татко беше прогласен за технолошки вишок и отпуштен од работа во годините кога најмногу ни беше потребен како столб на семејството. Долги години се издржувавме со приходите на мојата мајка. Тоа ни наложи ново организирање на обврските во домот, во семејството. Така, јас добив голема задача да помагам во семејството, и покрај сопствените обврски на училиште. Но тоа не ме спречи да аплицирам и да се запишам на програмата по Меѓународна матура во Јосип Броз Тито на англиски јазик, не ме спречи да водам детски емисии на државната телевизија, ниту пак секоја сабота и недела, во раните утрински часови, да патувам од Бутел до Нерези, за да водам детски емисии на Радио Вати, додека моите врсници тинејџери одмараа од забавите во град или други видови на дружби.

И сега јас одбрав да се посветам на домот, на сопругот, и тоа апсолутно не го сметам за просечна работа. Напротив, секојдневно откривам дека и домаќинството е мајсторија, посветеност. Домот има потреба од топлина, а топлината во домот ја создава жената.

  • А кој го има главниот збор?

– Мислам дека функционираме компактно. Мојот брачен живот е цивилизиран, толерантен, со разбирање и со поддршка. Реков дека честопати патувам и многу често и јас и мојот сопруг сме сами. Не би успеале да ја одржиме врската, ако не бевме токму такви – со поддршка и меѓусебно разбирање. И затоа верувам дека и на Балканот е можно партнерство меѓу брачните другари, и тоа се постигнува на самиот старт на градењето на односот, врската, понатаму единствено се надградува, се зацврстува.

  • Вашиот сопруг е исто така јавна личност. Има ли судир на суети, на завист на популарноста, на љубомора…?

– Хм… Шенол, мојот сопруг, е дипломат вработен во Министерството за надворешни работи веќе 15 години. Тој е сега на должност во Тирана, на функција ополномошен министер. Во поглед на завист од популарноста, би рекла дека јас и Шенол сме сосема спротивни карактери. Додека јас сум навикната на изложеност во јавноста а доста често тоа и ми годи, тој не ја поднесува популарноста. Се сеќавам кога се објавија нашите први заеднички фотографии. Телефонот му ѕвонеше без престан бидејќи неговите пријатели, колеги, познаници, се јавуваа да му честитаат. Но тој во еден момент го исклучи телефонот бидејќи не можеше да издржи.

Во таа смисла сметам дека сме ок… Што се однесува до љубомората, сега сме во една фаза на градење на заедничкиот живот во кој љубомората не претставува проблем во бракот. Се разбира дека не сме сосема индиферентни, но велам, дека довербата ја гради нашата врска.

  • Како една жена да се избори за себе, за сопствениот простор?

– Времињата се доста променети и нашето општество повеќе не може да се смета како патријархално или како општество кое не нуди доволно простор за жената да се избори за себе и за своето име. Основното што секоја жена треба да го направи за да го добие сопствениот простор е да го посака и да работи да го добие истиот. Сметам дека несреќните стереотипи од минатото за тоа како една жена може да успее се одамна срушени. Општеството се модернизира и модернизацијата успешно ја вклопува жената во своите трендови. Тоа го гледаме како искуство во западните држави, и мислам дека и кај нас се направени првите чекори.

Јас мојата борба ја започнав во татковиот дом, ја продолжив во многуте општествени активности и во работните ангажмани, би рекла дека таа борба ја изострив во партијата токму поради природата на партиско-политичкиот живот, а би рекла дека со бракот, односно со сопругот ја заокружив таа лична битка.

Несекојдневна семејна фотографија

  • Две жени од политиката влегоа во семејството Деваја. Како се чувствуваат постарите Деваја? Како ви оди комуникацијата? Дали се случува мажите да сварат кафе за Вие, жените, на раат да продискутирате за состојбите во државава?

– Да, тоа е една интересна и навистина несекојдневна семејна фотографија! Но, ако не е секојдневна, не значи и дека не е нормална. Напротив, нашите семејни собири се сосема нормални. Кога сме во Скопје, во неделите одиме на заеднички ручек кај нашите свекори – Др. Деваја и г-ѓа Рабије. Кога сме таму, најголемиот товар паѓа врз постарите Деваја, бидејќи свекрвата го подготвува ручекот, а свекорот претходно го завршил пазарењето.

Овие семејни средби јас и Теута настојуваме да не бидат политизирани, односно се трудиме максимално да не дискутираме за политика. Но, ако сме на заеднички ручек на браќата и сопартијките, или на гости кај едниот или другиот, тука веќе главна тема е политиката. И сосема е природно мажите да сварат кафе или да послужат пијалак, што не значи дека жените никогаш не го прават тоа.

Јавните личности се покршливи

  • Како го минувате слободното време? Трошите ли многу од него на средување на надворешниот изглед?

– Во слободното време најчесто читам. Тоа сум го правела отсекогаш и настојувам да го правам и сега, без разлика колку е напорен политичкиот ангажман. Поранешниот американски Претседател Ричард Никсон, додека бил претседател, настојувал да чита секој работен ден по триесет минути, а во викедните подолго. Кога го прочитав ова си помислив: ако еден претседател на една Америка успевал да најде време, ние останатите не треба ни да размислуваме дали е тоа возможно!

Што се однесува до изгледот, мислам дека тој е важен за секоја јавна личност, или барем така би требало да биде. Себеси се сметам за личност што посветува внимание на изгледот во рамките на дозволеното време, и се разбира, секогаш во рамките на политичката пристојност. Од самиот почеток така се поставив кон професијата и тој тренд го задржав до денес. Во принцип, изгледот е битен составен дел, тој секогаш го предизвикува првиот впечаток, а првиот впечаток е секогаш важен во воспоставување комуникација, однос, пренесување порака…

  • Има ли на убавите лица повеќе солзи?

– Претпоставувам ова е повеќе филозофско прашање. Солзите се составен дел од животот и секако ги има на сите лица. Би рекла дека солзите не се поврзуваат со естетското, туку со емотивното во човекот. Ако прашањето извира од онаа дилема дали јавните личности страдаат повеќе поради тоа што се, можеби има некаква вистина. Сепак, јавните личности имаат несекојдневна, натпросечна судбина. Тоа ги прави покршливи, без разлика што јавниот впечаток може да биде сосема спротивен.

Ние, јавните личности, освен што претставуваме некаква содржина (политичка, уметничка, или друга), исто така претставуваме и појава (физичка). Оваа втората се чини доминантна кога луѓето го формираат мислењето за нас. Но, кога не запознаваат, обично биваат изненадени оти сме различни од нивните очекувања.

  • Нашите жени се познати „плачки“. И, кога не се убави. Како помалку да кукаме, а повеќе да го контролираме својот живот?

– Не верувам дека постои некоја посебна формула. Културата на „плачки„ ценам дека е наследена од поранешниот систем кога кукањето беше начин да се постигне некаква цел. Но, слободниот пазар ги промени правилата на игра и следствено на тоа, тие што кукаат денес имаат поголеми шанси да не успеат. Спротивно на нив, борбените, решителните, оние што знаат што сакаат и каде сакаат да постигнат, ќе успеат. Сакам да кажам дека правилата се променети, оти системот е променет. Сега мора да настане промена на менталитетот и прилагодување кон новите правила.

Прашањето за името е емотивно за сите!

  • Госпоѓо Мехмети, ќе не биде ли?

– Па, не би била во политиката, ако не би верувала дека ќе не биде. Вистина е дека по неуспехот да се зачлениме во НАТО и недобивањето датум за старт на преговорите со Европската Унија, нашата земја е исправена пред големи предизвици во врска со тоа како понатаму. Должност и одговорност на политичката елита сега е да успее да ја задржи мотивацијата на граѓаните про-интегративните процеси. Но тоа, се разбира, нема да биде лесно.

Точно е дека решавањето на спорот околу името не е обична политичка одлука и таа е премногу емотивна за сите, но јас мислам дека силата, визијата и посветеноста на вистинските лидери се покажува токму во ситуации како оваа. Јас не би била во политиката кога не би верувала цврсто дека мора да постои начин како прашањето околу името, од пораз да се претвори во победа за државата, за сите нас.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *