Сутерен.мк

Јасна Котеска: Заводник

Иако исполнета со авантури, судбината на заводникот е повторувачка, и во тоа, парадоксално– здодевна.
Секоја заведена жена е само една жена помалку, а не една жена поблиску до целта!

Пруст рекол „Не е најголемиот стимул за заводникот“. Што не е точно. Заводникот е оној кој го заобиколува „Не“ и продолжува понатаму, како машина на специјален погон. Заводникот е оној кој лови брзо. „Треба да се сака во лет“ вака гласи еден стих на Лортиг. Заводникот мора да биде постојано во движење. Без одложување да го опседнува својот плен, за со голема брзина да го земе она што му припаѓа. И веднаш да продолжи понатаму. Што значи дека заводникот секогаш почнува одново и одново. Иако исполнета со авантури, судбината на заводникот е повторувачка и во тоа парадоксално – здодевна. Со животот на заводникот владее извесна безизлезност, некакво дијаболичко зло, кое парадоксално не е од редот на моќните, туку на репетитивните и здодевни рутини. Митот за Дон Жуан е една од најдолгите приказни за истото на светот. Зошто заводникот заведува со оваа упорна настојчивост? Заводничкото повторувањето не е поттикнато од начелото за удобност, туку од потребата за контрола, за завладејување со настанот.

Поведението на заводникот е слично со една детска игра, што првпат ја запишал Фројд како активност на неговиот внук, кој седејќи во детската количка се забавувал така што ја фрлал играчката надвор од количката и потоа ја повлекувал со јаженце назад. Кога ќе ја фрлел велел „форт“ (отиде), а кога ќе ја врател, велел „да“ (овде). „Форт-да“ играта, кај нас е позната како бебешкото играње „ѕе“, кога мајката се крие од бебето, и потоа се враќа кај него. Фројд ја анализирал оваа игра како чин на симболичко загосподарување со отсутната мајка. Детето учи дека мајката може да биде на работа, на пат, но таа сеедно ќе се врати и ќе продолжи да го сака. Најпознатиот наследник на Фројд, францускиот психоаналитичар Лакан, пак, ја прогласи фројдовската анализа за „форт-да“ играта за нецелосна и погрешна. Бебето не се предава на играта во која нешто губи, па потоа го добива истото назад. Лакан вели дека бебето напротив ја учи порадикалната вистина, дека работите само си заминуваат, без да се вратат исти, тоа е играње само на нивото на „форт“. Ништо не се враќа во истата форма. Како некој мал Хераклит, бебето ја учи смислата на животот, а тоа е дека нештата денес се, а утре повеќе не се – исти. Но, ќе ги најдам, на поинакво место, како поинакви нешта.

Кога детето прашува „зошто?“, тоа не прашува од алчност по знаења, по причина. Зошто небото е плаво, зошто авионот лета, зошто лавот има голема коса. Сите детски „зошто“ се искушување на возрасниот. Детето го прашува ултимативното прашање „Дали мојот родител ќе ме изгуби?“ Начинот на кој функционира заводникот е сличен со детето кое знае дека нештата исчезнуваат. Но, за разлика од детето кое, кога ќе ја прифати оваа сложена животна вистина, ќе порасне, заводникот ќе остане во играта бесконечно. Но, за да ја игра, ќе мора да ги смени правилата. Тој ќе рече: „Нема да дозволам да бидам изгубен“, ќе се „пронајдам“ во следниот предмет, во следната жена, но мојот трик ќе биде да ја напуштам, пред таа да ме напушти мене. Заводникот заведува со цел да го тампонира отсутвото на траумата. За да го заборавам претходното искуство, ќе го повторам. Заводникот му пристапува на заведувањето на принцип, една па друга жена. Секоја следна заведена жена е само една жена помалку во низата што мора да биде освоена. Тоа значи дека секоја заведена жена е само една жена помалку, а не една жена поблиску до целта.

Има еден филм „Cast Away“ (2000) на Роберт Земекис во кој е раскажана судбината на Чак Ноланд (Том Хенкс), раководителот на брзата пошта Fed-Ex, кој по авионската несреќа, завршува на пуст остров, каде преживува четири години, благодарејќи им на содржините од FedEx пакетите, што по несреќата испливуваат на брегот заедно со него. Најинтригантната сцена е кога Ноланд одлучува никогаш да не ја отвори содржината на последниот исфрлен FedEx пакет. Тоа е овој контраверзен пакет. Што има во него? И до крајот тоа не го дознаваме. Можело да има запалка, средство за сигнализација, нешто што ќе му помогне да се спаси. Ама, Ноланд не го отвора. Кога се враќа во цивилизација, пакетот само го испорачува, примателката на пакетот е згодна и филмот тука завршува. Ако оваа приказна ја префрлиме на симболично ниво, (како што вели Вирилио „Ние и не сме патници, туку пакети што се испорачуваат“), тогаш заводникот личи на Ноланд, кој ако го отвори пакетот, ќе ја затвори желбата.

За разлика од традиционалната психологија која верува дека човечките желби се безгранични, психоанализата учи дека само задоволството е безгранично, човечките желби секогаш ја наоѓаат својата граница и се одржуваат во однос на таа граница. Заводникот мора да ја пикира следната жена, следниот пакет, за желбата да продолжи да кружи. Може да се спасам, само ако сум упатен на следниот пакет– тоа би го рекол Ноланд. Не можам ни тогаш да се спасам, но сеедно сум упатен на следниот пакет – тоа би го рекол ултимативниот Ноланд, заводникот.

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *