Круг, тркало,управувач на моторните средства, цвет во форма на круг, Земја, планетите околу неа, Сонцето, Месечината, парите, прстенот…, животот наш насушен. Кога нешто еднаш ќе ни се случи, добро или не, посакуваме, дури и веруваме дека нема повеќе да се врати. Не помислуваме на кругот. Но, барем јас во мојот живот недоброј пати сум се соочила со повторувања, од кои верувале или не, со годините навикнав на резервираност, на претпазливост.
Од психолошки аспект кругот ни овозможува себеси, сопственото „ЈАС“ да го втиснеме во една универзална, безгранична шема на свемирот и со самото тоа да се воедначиме со сето она што не опкружува. Карл Јунг во кругот видел таканаречен геометриски архетип на душата која во комбинација со четириаголникот (архетип на телото) ја објаснува нераскинливата врска помеѓу спиритуалното и материјалното. Имено, врската помеѓу душата и телото. Тоа не упатува кон неизоставување на сознанието дека ние сме само една мала точка во милион други, но, и таа мала точка е едно мало круже кое има своја мисија и без која светот, таков каков што е, тука и сега, не би можел да опстојува.
-Во животот се се врти и ништо не е создадено да остане такво какво што го гледаш во овој миг. Човекот е само една мала точка во севкупниот свемир, а мисли дека е семоќен. Се бори против природата посакувајќи да си ја преуреди за свои егоистични потреби. Заборава при тоа дека природата е вечна, а тој минувач со однапред одреден крај,…, ми велеше татко ми пред две ипол децени. И пред тешко да се разболи. Не ретко ме опоменуваше да не скокам во огин кога не треба. Не секогаш, или ретко кога, се согласував со него. Најмалку пак, кога ми велеше дека во кругот на животот секое поколение ги наследува и најлошите гени од претците и со нив мора да се бори додека е жив. Сакал да признае или не.
-Како можам јас да наследам болести од твојата баба, од мојата прабаба која и ти не си ја запомнил. Таа живеела во времето кога науката, медицината била на многу ниско ниво. Сега е друго време и се е посовршено, пософистицирано, понапредно. Не си во право! Се спротивставував, наивно.
-Болката кај човекот е иста и во 20-от и во 15-от век. Неговата снага, духовна пред се, му помага или одмага да се справува со неа. Медицината е понапредна, ама и отровите во ова модерно време се поопасни. Затоа, настојувај да ја јакнеш духовната снага, дури и кога многу те боли. И да, не се усредсредувај на болката за да ја јакнеш, размавни ја со песна, со насмевка, со мисла на убавите нешта.
Не го разбирав доволно, а во тоа време некако не ни сакав да си ги оптоварувам сивите клетки. Во главата имав милион секојдневни планови, трканици, дружења со битни, за жал и со не многу битни луѓе.
Болеста на татко ми затоа ми дојде како голем шок. Обезуменост. Дезориентираност. Духовен пад. Длабока тага која ме блокираше за било каква активност. Секојдневието запре. И ете, две ипол децении потоа ниту еден миг не е како што беше пред тоа.
-Твојата грижа не може мене да ми помогне. Не се жртвувај премногу. Ќе ми биде како што ми е пишано. Гледај се себеси и семејството. Татко ми не ја доживеал ниту 40-та, јас имам 60 години. Животот е круг и ако сега треба да го запре моето движење, подготвен сум, велеше низ насмевка, лежејќи неподвижен во болничката соба.
Кругот нема ниту почеток, ниту крај. Нема агли, нема страници. Во него се соединува бескрајот. Кругот не ограничува иако наизглед дава форма. Во него и надвор од него се е во движење. Тој е и нула од која се почнува и на која на крајот се се враќа. Кругот ги симболизира и временските циклуси, смената на годишните времиња, движењето на планетите околу Сонцето. Во него е проектирана сликата на совршениот космички ритам.
Откако пред една деценија животниот круг на татко ми сосема запре неговите зборови секојдневно ми татнат низ главата. Особено оние дека кругот го продолжуваат потомците носејќи ги гените од своите претци. Брат ми и јас, се подјармивме особено под гените кои ни оставија болести за кои можеби татко ми не ни знаел дека претците ги имале. Кругот продолжува да се движи по неговата за нас невидлива патека, а ние, ние „успешно“ се бориме со помош на медицинската наука. Ха,ха! Често пати знаеме да и се насмееме на болката, понекогаш и да запееме. Крајот на разговорот да го завршиме со кругот кој се уште се движи. Ама знаеме да се потсетиме дека ние со нашето постоење сме само една точка, нула, која сепак се врти.
(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)