Сутерен.мк

Тони Димитриевски: Лешинарење

Не би да шпекулираме, ама се чини прилично веројатно дека и првиот “хомо сапиенс“ забележал како во природата, во сиот тој животински свет има видови кои живеат така што ги “папаат“ лешевите на други умрени животни, или пак се гостат (прецизно детектирајќи ги) со оние ептен слабите, болните или ранети животни. Со тек на времето таквите “ловци“ се класифицирани како лешинари или стрвинари.

Елем, лешинарството не му било туѓо ни на првобитниот човек, повеќе од нужда, па е забележно дека во цивилизацискиот историски од на “менкајнд-оф“ таквата каратеристика била од голема помош особено во некои од првичните етапи на развој кога сме биле некаде таму бајаѓи подолу во природната хиерархија.

Со текот на вековите, како што сме растеле во умот и организираноста (барем така велат правилата на еволутивноста) таквата практична дејствителност е напуштена, ама парадоксално или не, сеедно, полека-полека лешинарењето фаќа корен во делот од менталните, карактерни човекови предиспозиции.

За волја на вистината во почетоците на цивилизираниот, општествен живот бива нотирано како “својство“ на сиромашниот пук (робови и останата јада и беда) кој што живеел од остатоците од трпезите на богатите класи. Тоа што и овие богативе пројавувале, честопати, лешинарски склоности не се зема во предвид. Како што е познато, историјата секогаш ја пишувале победниците.

И било тоа така низ многуте векови наназад се додека еден помал дел од сиротињата почнал да успева во животот, да прави кеш (т.е. пари), да бара свое место во општеството наспроти неприкосновените автократи и аристократи. Па тие (наречени – буржуи), заедно со сиротињата во првите редови, од крајот на 18 век и во текот на речиси целиот 19 век, прават кое какви револуции кои ќе ги стумбаат општествените устројства и светогледи. Вклучително и во поглед на “лешинарењето“

Имено, таквиот след на настани го револуционаризирал лешинарењето давајќи му, меѓу другото, и нови индивидуални облици на егзистирање, но и поинаква општествена “стандардизација“ и “стратификација“.

Ако се задржиме на индивидуалното, денес “лешинарењето“ го подразбираме како карактерна црта, лично својство на поведение, како професионално гледано, така и во приватната сфера (на пример:сексуални лешинари, кафански лешинари, брачни или семејни и така натаму). То ви доаѓа, да речеме – како својство, умешност, да му се “најебете мајке на мртвога германца“ или пак, мудро да искрадете туѓи идеи, можности, позиции, претставувајќи ги како свои.

Денес (особено на Балканов), работите се прилично измешани во поглед на опсегот, обликот и праксата на “лешинарењето“. Еве на пример кај нас таа ментална манифестација ја имаме издигнато на ниво на своевиден општествен стандард, без кој што е речиси невозможно да се претендира на некаков економско-социјален спокоен живот. Сакам да кажам дека “лешинарењето“ стана “алфа и омега“ на патот до успехот, т.е. до егзистенцијалниот комфор, бидејќи под успех веќе ескплицитно се подразбира посочениот комфор. А тој, меѓу другото, е недостижен со некаква си финоќа, фер плеј, култура или што годе од тој вид однесување.

Дури ние одиме и чекор по таму па “лешинарењето“ го реафирмира не само како пожелно индивидуално ами и колективно поведение. Еве да ги земеме синдикатите на пример: прво лекарите после и наставниците : тие заканувајќи се дека ќе гласаат за онаа власт која што ќе им даде повисоки плати, баш онака лешинарски, решија да му настрват на државниот буџет. Тоа што на тој начин практично јадат дел од себе (оти буџетот и тие го полнат) не менува ништо во нивната решеност да цапнат макар парче од таа буџетска мрцина.

Значи, долгорочно гледано некако веќе сме решени во духот на новите традиции да го изнегуваме и надградуваме ова својство пренесувајќи им го на оние што доаѓаат после нас како нужна – кажано со нво речник – “алатка“, без која среќа нема! Ако по некој случај на крајот почнеме да се јадеме самите себе не менува ништо. Па можеби некој и ќе преживее… “лешинарејќи“.

(Авторот е поранешен новинар, но се уште добар сојузник во бесконечната борба за право на информација на ова педа земја и во 21 – от век. Роден е во 1966 година, во Скопје.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *