Алармот го вклучи регулаторната комисија, а истражните органи најавија истрага. Со оглед дека преку шемата „отвори ќерка мала фирма до 20 вработени и закупи им го броилото“, посочените компании користат и до десетпати поефтина струја, МЕПСО, но и УЈП треба да ги детектираат злоупотребите и да пресметаат колку пари од ДДВ се одлеале од државниот буџет.
Но, она што го молчи владата е кои се фирмите кои на овој начин се снабдувале со струја од февруари навака.
Телма, праша но не доби одговор на следните прашања:
1.Дали може да наброите дел од овие фирми кои веќе и се познати на редакцијата на Телма?
2..Се добива впечаток дека постоечкото законско решение (Закон за енергетика) е полно со недостатоци кои ја овозможиле оваа злоупотреба и зошто истото не било променето за да не се дозволат вакви злоупотреби?
Но, затоа финансиската полиција уште пред неколку месеци тропнала на врата на дел од комапниите кои се впуштиле во оваа шема.
Управата поседува документација, а го известила и скопското обвинителство. Оттаму, ќе почекаат да се констатира колкав финансиски криминал сториле овие компании и дали постои основ за кривично гонење.
Сепак, неизбежно е институциите да ги детектираат сите овие фирми за УЈП и МЕПСО да пресметаат колкава финансиска штета е направена на буџетот, заради плаќањето на пониско ДДВ доколку набавувале струја од овластен снбадувач на слободниот пазар како што наложува законот.
Останува проблемот како да се отстранат овие фирми од регулираниот пазар и дали може да се предизвика дополнителна криза, бидејќи се помалку се фирмите кои тргуваат на слободниот пазар за електрична енергија, а и општините тешко можат да си најдат снабдувач.
Освен првичната истрага, пазарниот инспекторат веќе казнил неколку правни субјекти со по неколку илјади евра. За потсетување, по скокот на берзанската цена на струјата, 12 илјади фирми мигрирале на регулираниот пазар, но дел од нив меѓу кои и општини смислиле шема со отворање на ќерки фирми да прејдат на регулираниот пазар и да користат субвеницнирана струја како за домаќинствата така и за микро, малите и средните компании. Ланци маркети, казина, аптеки, фабрики, осигурителни компании, се само дел од големите фирми кои го изиграле законот и направиле огромни финансиски заштеди од февруари навака.